Македонските компании и интернетот

Колку македонските компании го користат интернетот и на кој начин е само една од темите кои ги опфаќа анализата за е-трговија на која работи Асоцијацијата за е-трговија, поддржана од Mastercard. Анализата ќе се објави наскоро а до тогаш дел од информациите кои таа ги содржи може да ги прочитате во овој блог пост.

 

 

Македонските компании и социјалните мрежи

Во 2016 година, 53% од компаниите (10+ вработени) во Република Македонија имаат веб страна што е далеку под просекот на европско ниво од 77%. Од друга страна, компаниите од Македонија обезбедуваат информации за своите услуги и производи со каталози и ценовници и тоа 83% од компаниите кои имаат веб страна што е над просекот на ЕУ од 72%. Од компаниите кои поседуваат веб страна, само 27% имаат опција за онлајн аплицирање за работа и рекламирање на отворени работни позиции.

Во 2016 година само 20% од компаниите со веб страна понудиле опција за онлајн нарачки и резервации (shopping cart) додека просекот на европско ниво е 24%. Овој просек во Холандија, Чешка и Шведска е отприлика 40%. Процентот на компании со веб кои имаат функционалност за следење на онлајн нарачката изнесува 11% во 2016 година и e еднаков со процентот во Европската Унија. Само 5.8% од компаниите направиле е-набавки, со што сме на последното место во споредба со европските земји.

Во 2016 година, 53% од компаниите во Република Македонија искористиле барем еден социјален медиум, додека 51% од компаниите користеле социјални мрежи. 39% од компаниите имаат веб страна и користат социјални медиуми. Карактеристично е што во Македонија компаниите користат само еден тип на медиум односно 37% додека на ниво на Европа овој процент е 24%. Поголем број од македонските компании плаќаат за рекламирање базирано на интернет таргетирање односно 17% додека за Европа ова изнесува 9%.

 

 

 

Употреба на социјалните мрежи и интернет рекламирање во Македонија

Во 2016 година, 53% од македонските компании со 10+ вработени, употребуваат социјални медиуми, додека просекот на Европска Унија е 35%. 22% од македонските компании плаќаат за рекламирање на интернет, а 17% плаќаат за интернет рекламирање базирано на таргетирање (било кој метод).

  • 19% од компаниите имаат веб страна и плаќаат за рекламирање, додека на ниво на Европа овој просек е 24.
  • 16% од компаниите употребуваат два или повеќе социјални медиуми.
  • 7% плаќаат за интернет рекламирање базирано на геолокација на корисникот што е еднакво со европскиот просек.  
  • 8% од компаниите користат блогови или микроблогови (Twitter, Present и други) додека ова на ниво на Европска Унија е застапено со 14%.

 

Што може да заклучиме?

Како и индивидуалните корисници во Македонија така и компаниите најмногу користеле социјални мрежи со процент над европскиот просек. Македонските компании употребуваат каталози и ценовници за да споделат информации за своите производи и услуги. Меѓутоа, македонските компании немаат навика за правење на е-набавки, а нивото на функционалности кои ги нудат веб сајтовите се на многу ниско ниво.

За повеќе информации од анализата за е-трговија која ја креира АЕТМ, може да го прочитате минатонеделниот блог пост на тема „Македонските потрошувачи и електронската тровија“.