Правилник за Беџ

Правилник за Беџ за верификуван е-трговец

Последно ажурирано 29.02.2024

Овој Правилник за Беџ за верификуван е-трговец ги содржи условите за стекнување и користење на Беџот за верификуван е-трговец. Со аплицирањето за стекнување со Беџот за верификуван е-трговец вие давате изречна согласност дека сте ги прочитале и се согласувате со условите наведени во овој Правилник (наведени подолу). Исто така, се согласувате дека повремено ќе го посетувате овој Правилник објавен на линкот https://ecommerce.mk/badge/pravilnik-za-bedj/ за да сте во тек доколку истиот претрпи промени.   

АКО НЕ СЕ СОГЛАСУВАТЕ СО БИЛО КОЈ ДЕЛ ОД СОДРЖИНАТА НА ОВОЈ ПРАВИЛНИК ВЕ МОЛИМЕ НЕ ПОДНЕСУВАЈТЕ АПЛИКАЦИЈА ЗА СТЕКНУВАЊЕ СО БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ.

Правилникот за Беџ за верификуван е-трговец е организиран на следниот начин:

  • Опис и значење на Беџот за верификација
  • Бенефити од користење на Беџот за верификуван е-трговец
  • Постапка за добивање на Беџот за верификуван е-трговец
  • Годишен надомест (цена на чинење) на Беџот за верификуван е-трговец
  • Права и обврски на АЕТСМ
  • Права и обврски на верификуваниот е-трговец
  1. ОПИС И ЗНАЧЕЊЕ НА БЕЏОТ ЗА ВЕРИФИКАЦИЈА

Потребата за зголемување на довербата во онлајн продавниците од една страна, но и потребата за зголемување на свеста кај купувачите и правење разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата (како дел од сивата економија) и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници, станува сè поголема во време кога е-трговијата е во подем и луѓето сѐ повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн.

Со цел да се доближат до граѓаните, онлајн продавниците кои ги исполнуваат неопходните регулативи и правила за работење во е-трговијата и да се мотивираат постоечките е-трговци да ги имплементираат во своето работење, AETСM го воведе Беџот за верификуван е-трговец, кој овозможува јасна дистинкција на онлајн продавниците кои се регистрирани субјекти и ги исполнуваат основните законски услови по сознанија на АЕТСМ и согласно правилата предвидени со овој Правилник од останатите онлајн продавници кои не ги исполнуваат основните законски услови, или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.

Беџот е визуелна ознака која ќе биде поставена на веб страниците на домашните е-продавници, која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој во периодот на проверка пред издавање на Беџот за верификација ги исполнува основните законски услови за обавување на дејноста е-трговија согласно правилата предвидени со овој Правилник.

Беџот ќе биде поставен само кај е-трговците кои самостојно ќе аплицираат за ваков Беџ за верификација, а во исто време ги поминале соодветните проверки од АЕТСМ за неопходни регулативи и обврски за работењето во е-трговијата. 

  1. БЕНЕФИТИ ОД КОРИСТЕЊЕ НА БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ

 

Бенефити за е-трговците:

  • Вашата е-продавница е дел од Регистарот на верификувани е-трговци од АЕТСМ
  • Зголемување на посетите на Вашата веб продавница преку промотивните активности на АЕТСМ за верификувани е-трговци 
  • Зголемена доверба кај постојните и нови купувачи 
  • Зголемена препознатливост и доверба во Вашата продавница

Бенефити за купувачите:

  • Зголемена доверба при купување од верификуван е-трговец
  • Сигурност дека е-трговецот е регистриран правен субјект
  • Сигурност дека е-трговецот има политика за враќање на производите и купувачот има заштита согласно Законот за заштита на потрошувачи

Беџот за верификуван е-трговец не гарантира квалитет на утврдена политика за враќање на производите, ниту следење на субјектите во прометот при реализација на нивните обврски и остварување на права, како и потребата да се следат измените на правните прописи и усогласувањето со истите.

Беџот за верификуван е-трговец гарантира дека се работи за регистрирано правно лице согласно законските прописи на РСМ.

  1. ПОСТАПКА ЗА ДОБИВАЊЕ НА БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ

Беџот за верификуван е-трговец е наменет за е-трговци, односно сите компании (правни лица) кои се бават со онлајн продажба и наплата на производи и услуги. За да се стекне со Беџот за верификуван е-трговец, потребно е правниот субјект да поднесе апликација односно барање до Асоцијацијата за е-трговија на С. Македонија преку објавениот формулар за апликација на страната.

Постапка за добивање на Беџ за верификуван е-трговец е следна:

1. Се поднесува онлајн апликација до АЕТСМ преку која е-трговецот одговара на прашалник составен од 3 дела: регулатива и општи информации, е-плаќање и достава (делот за достава важи само за компаниите што продаваат физички производи и вршат достава)

2. Со поднесувањето  на апликацијата се наплаќа за проверка на критериуми за Беџ за верификуван е-трговец

3. По извршена успешна наплата за проверка на критериуми за Беџот за верификуван е-трговец започнува проверката на е-продавницата со цел утврдување дали одговорите од апликацијата соодвестуваат со јавно објавените податоци и дали условите за Беџ за верификуван е-трговец се исполнети.

4. По комплетирање на проверката, АЕТСМ го известува е-трговецот кој аплицирал за статусот на неговата апликација дали истиот ги исполнил условите за стекнување со беџ за верификуван е-трговец дефинирани во овој правилник или се потребни промени/корекции.

          4.1. Доколку е-трговецот е регистриран правен субјект и ги исполнува задолжителните услови, истиот ќе може да се стекне со Беџ за верификуван е-трговец

          4.2. Доколку е-трговецот не ги исполнува условите кои задолжително треба да се исполнат за да се здобие со Беџ за верификуван е-трговец, до истиот се испраќаат корективни насоки кои доколку ги исполни во рок од 30 дена, ќе може да се стекне со Беџот. 

          4.3 Доколку е-трговецот не ги имплементира бараните промени во рок од 30 дена, важноста на апликацијата за Беџ за верификуван е-трговец истекува, а подносителот нема право на поврат на уплатените средства. Пред истекот на рокот, е-трговецот може да побара продолжување на рокот со образложение за причините за таквото брање, за што задолжително треба да испрати маил и барање за продолжување на рокот пред истиот да истече. Дополнителни барања за продолжување на рокот по истекот на предвидениот рок од 30 дена нема да се прифаќаат.

5. По исполнување на условите за Беџ за верификуван е-трговец, се наплаќа износ за годишен надомест за Беџ за верификуван е-трговец и по евидентирана уплата, АЕТСМ соодветно испраќа инструкции за поставување на Беџот на соодветната е-продавница

6. Одбиениот е-трговец има право да поднесе ново барање.

ВАЖНО: АЕТСМ прави формална проверка на веб страницата, односно дали е-трговецот ги поседува потребните основни законски услови за обавување на дејноста, без да го цени квалитетот, односно дали содржината на истите е соодветна, ги задоволува сите пропишани норми и се почитува од страна на е-трговецот кон крајните корисници.

За да може да се здобие со Беџ, е-трговецот е потребно е да ги има исполнето основните законски услови и да е регистриран правен субјект. Само во овој случај е-трговецот ќе може да се стекне со Беџ за верификуван е-трговец и ќе му биде испратен беџот за поставување на неговата е-продавница.

Задолжителни услови што треба да бидат исполнети од страна на е-трговецот:

ДЕЛ 1: РЕГУЛАТИВА И ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

  • Контакт информациите, односно правен субјект, адреса, e-mail да се поставени и јасно видливи за корисниците на е-продавницата
  • Единствениот даночен број (ЕДБ) на компанијата да биде поставен и јасно видлив за корисниците на е-продавницата
  • Да е поставен линк со Политика за приватност и заштита на лични податоци
  • Да е поставен линк со Услови за користење
  • Да е поставен линк со Политика за користење на колачиња (cookies)

ДЕЛ 2: Е-ПЛАЌАЊЕ

  • Е-продавницата да прифаќа плаќање со платежна картичка
  • Да се јасно истакнати цените на производите / услугите кои се нудат (дали цените се со вклучени даноци или други трошоци)
  • Купувачот да добива потврда на неговата email адреса за направена онлајн нарачка

ДЕЛ 3: ДОСТАВА
Се одговара само доколку е-трговецот продава производи и врши достава*

  • Да се јавно објавени сите трошоци на кои подлежи купувачот, вклучувајќи ги трошоците за достава на нарачката
  • Да е јавно објавен рокот на испорака на производите
  • Да се јавно објавени начините за достава на производите / подигнување (достава со курирска служба, сопствена достава, подигнување од продавница и т.н)
  • Да е јавно објавена Политика за враќање на производите

Незадолжителни / дополнителни услови 

Иако согласно сегашните законски решенија овие услови не се задолжителни, АЕТСМ препорачува нивно воспоставување во правец на зголемување на довербата на корисниците и со овој Правилник предвидува дека во исполнувањето на овие услови ќе делува советодавно.

ДЕЛ 1: РЕГУЛАТИВА И ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

  • Во делот за регистрација на корисниците / при checkout да се јасно истакнати одделните Политики (без однапред штиклиран checkbox) со кои купувачот треба да се согласи
  • Да има SSL сертификат (https) во URL-то на вашата е-продавница т.е. во веб адресата на веб продавницата

ДЕЛ 2: Е-ПЛАЌАЊЕ

  • Да се истакнати картичните организации со кои може да се врши е-плаќање (Mastercard, Visa, и т.н.)
  • Потврдата за прием на нарачка ги содржи сите следни информации: Број на нарачка, Датум, Информации за продавачот (назив, адреса, контакт), Назив на купениот производ/услуга, Наплатената цена

ДЕЛ 3: ДОСТАВА

  • Купувачите да имаат можност јасно да ги напишат податоците за испорака
  1. ГОДИШЕН НАДОМЕСТ (ЦЕНА НА ЧИНЕЊЕ) НА БЕЏОТ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ И НАЧИН НА ПЛАЌАЊЕ

4.1 НАДОМЕСТ ЗА БЕЏ ЗА ВЕРИФИКУВАН Е-ТРГОВЕЦ

Надоместот за Беџот за верификуван е-трговец е дефиниран на следниот начин:

  • Апликација за беџ – проверка на критериуми – Надомест за проверка на критериуми за апликација за Беџ за верификуван е-трговец, кој се наплаќа при поднесување на апликацијата, и
  • Годишен надомест за Беџ за верификуван е-трговец –  кој се наплаќа годишно за обнова. При првото стекнување годишниот надомест се наплаќа по извршена проверка и успешно стекнат статус на “верифукуван е-трговец”, а потоа се обновува на годишна основа

Цените за Апликација за беџ – проверка на критериуми и Годишен надомест за Беџ за верификуван е-трговец, почнувајќи од 29.02.2024 година изнесуваат:

ЗА ПРАВНО ЛИЦЕ ЧЛЕН НА АЕТСМ

– Апликација за беџ – проверка на критериуми: 5.990 денари + 18% ДДВ
– Годишен надомест за Беџ за верификуван е-трговец: 3.990 денари + 18% ДДВ

ЗА ПРАВНО ЛИЦЕ КОЕ НЕ Е ЧЛЕН НА АЕТСМ

– Апликација за беџ – проверка на критериуми: 10.990 денари + 18% ДДВ
– Годишен надомест за Беџ за верификуван е-трговец: 6.990 денари + 18% ДДВ

Годишниот надомест се однесува за период од една година од денот на испратено известување за исполнети критериуми и испратени инструкции за поставување на беџ за верификуван е-трговец.

АЕТСМ го задржува правото да ја ревидира/менува цената за Беџот на годишно ниво, со што за таквата одлука ќе го извести верификуваниот е-трговец 30 дена пред да му издаде фактура / изврши наплата за Беџот за следните 12 месеци. По ова, верификуваниот е-трговец има право во рок од 15 дена да се изјасни дали продолжува со користење на Беџот за верификуван е-трговец или не. Доколку е-трговецот не се изјасни, новата цена на Беџот ќе се смета за прифатена и АЕТСМ ќе издаде фактура за користење на Беџот за верификуван е-трговец за следните 12 месеци.

4.2 НАЧИН НА ПЛАЌАЊЕ 

Плаќањето на услугата за Беџот за верификуван е-трговец се извршува според цените истакнати за време на нивно аплицирање. Цените се истакнати со ДДВ и важат за сите начини на плаќање. За услугата беџ за верификуван е-трговец може да се плати преку банкарски трансфер и онлајн преку веб-страницата ecommerce.mk со кредитнa или дебитнa платежнa картичкa, со можност за зачувување на картичката со цел овозможување самообновлива претплата. Самообновлива претплата е вид на претплата што Корисникот може да ја активира со платежна картичка и која автоматски се обновува секоја година со можност за откажување во секое време.  Самообновливата претплата се активира на самата веб-страница ecommerce.mk во кошничката на Кориснкот (checkout), каде што на Корисникот му е овозможено да ја зачува својата платежна картичка со цел остварување на самообновлива претплата од една година која автоматски се продолжува за период од уште една година сѐ додека Корисникот или АЕТСМ не ја откаже претплатата.  Доколку Корисникот сака да ја деактивира годишната самообновлива претплата, тоа може да го направи преку својата корисничка сметка на ecommerce.mk. По деактивирање, Корисникот се откажува од некоја од услугите за кои претходно се претплатил, но кои се сепак активни до нивниот датум на истекување.

5. ПРАВА И ОБВРСКИ НА АЕТМ

  • Доколку е-трговецот ги исполнува условите за стекнување со Беџот за верификуван е-трговец согласно овој Правилник, АЕТСМ има обврска да го достави Беџот за верификуван е-трговец заедно со упатство за негово поставување во рок од 7 дена по извршена успешна проверка на критериумите
  • АЕТСМ има обврска да го додаде е-трговецот во Регистарот на верификувани е-трговци
  • АЕТСМ има право по случаен избор да прави периодични проверки на веб страните на е-трговците кои се стекнале со Беџот и исполнетоста на условите. 
  • АЕТСМ има право да испрати забелешки до е-трговецот за да се направат потребни корекции доколку установи дека е-трговецот не ги исполнува правилата согласно правилникот за Беџ за верификуван е-трговец и да побара корекции по истите
  • АЕТСМ има право да го одземе Беџот доколку е-трговецот не постапи по побараните корекции во рок од 15 дена. При ваков случај, е-трговецот кој го уплатил годишниот надомест нема право на поврат на дел од уплатените средства бидејќи цената на чинење е утврдена на годишна основа, а одземањето на Беџот при ваков случај е по вина на е-трговецот.

6. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ВЕРИФИКУВАНИОТ Е-ТРГОВЕЦ

  • Е-трговецот има право да го промовира Беџот пред своите потрошувачи, со цел зголемување на довербата во неговиот бренд.
  • Е-трговец се согласува да се придржува до условите и да ги исполнува критериумите за Беџ за верификуван е-трговец согласно овој правилник.
  • Е-трговецот има обврска редовно да врши навремена уплата на годишниот надомест за беџот по издадена фактура од АЕТСМ, доколку истиот навремено (во рок од 30 дена пред истекот на времетаењето на 12 месеци за кои е-трговецот уплатил годишен надомест) не се откажал од Беџот за верификуван е-трговец.
  • Да постапува по барани корекции од страна на АЕТСМ доколку по периодична проверка на АЕТСМ се установи дека некои од правилата дефинирани во правилникот за Беџ не се почитуваат.
  • Е-трговецот кој нема да направи корекции по дадените укажувања од АЕТСМ и ќе биде информиран од страна на АЕТСМ за одземањето на Беџот има обврска веднаш да го отстрани Беџот од својата веб страна и сите места каде што го има поставено и да се придржува до насоките дадени од АЕТСМ.
  • Е-трговецот има обврска редовно да се информира со правата и обврските кои произлегуваат со поставувањето на Беџот за верификуван е-трговец, а се наведени во овој правилник.
  • Е-трговецот има право да престане да го користи беџот за верификуван е-трговец без да бара поврат на веќе уплатените средства за користење на беџот и истиот е должен за оваа постапка да ја извести АЕТСМ на info@ecommerce.mk во рок од 15 денови од престанокот на користење на Беџот.