На 03.04.2024 година го одржавме Годишното собрание на АЕТМ во присуство на членовите, поддржувачите, партнерите и соработниците. Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска го отвори Собранието и им посака добредојде на присутните, а поздравно обраќање имаше и Дерик Фефер, Службеник за приватниот сектор во УСАИД Северна Македонија. Во својот поздравен говор, Претседателката на АЕТМ упати благодарност кон членките од бизнис секторот, меѓународните развојни агенции и институциите кои го препознаваат потенцијалот на АЕТМ и активно придонесуваат за развојот на е-трговијата во нашата земја.
Ангеловска изјави: „Со подршка на нашите членки од бизнис секторот и меѓународните развојни агенции и со голема посветеност од тимот на AETM успеавме да завршиме уште една успешна година исполнета со многубројни иницијативи кои адресираат различни мапирани предизвици на е-трговците. Се надевам дека оваа година ќе започнат да се решаваат и предизвиците кои стојат на патот на меѓуграничната е-трговија во пазарите на Западен Балкан и дека со основање на Балканската Алијанса за е-трговија со која претседава АЕТМ ќе се отворат поголеми можности за прогрес и соработки во прилог на регионалната е-трговија. Е-трговијата игра значајна улога за раст на бизнисите и економиите, но потенцијалот е далеку од искористен, потребни ни се побрзи и подобри промени во сите сфери на екосистемот на е-трговија. Потребно е регулативата да овозможи околина за раст на бизнисите кои ги носат промените – сѐ уште тоа не е случај и постојат пречки кои го отежнуваат работењето и прогресот. Напорно работиме на отстранување на бариерите кои стојат на патот и ќе продолжиме да туркаме за побрзи и подобри промени, додека имплементираме значајни иницијативи во прилог на унапредување на понудата во е-трговија, зајакнување на дигиталните вештини и намалување на сивата економија во е-трговија.”
УСАИД Северна Македонија е меѓународна развојна агенција со која што АЕТМ активно соработува во изминатите години, со цел унапредување на домашната и регионалната е-трговија. Со поддршка на УСАИД во рамки на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, имплементиран од Консалтинг за стратешки развој, АЕТМ ја реализира тековно новата иницијатива „Градење подобра заедница за е-трговија” во чии рамки се лансираше веб платформа за унапреден Беџ за верификуван е-трговец, кој има за цел да ја зголеми довербата во онлајн купувањето, да ги истакне е-трговците кои се регистрирани и верификувани од страна на АЕТМ, и да придонесе во континуираната борба за намалување на сивата економија и нерегистрираните продавачи во е-трговијата.
Во рамки на своето поздравно обраќање, Дерик Фефер изјави: „Беџот не е само амблем на автентичноста; тоа е алатка за економска правичност и транспарентност, во корист и на бизнисите и на потрошувачите. “
По завршувањето на воведните обраќања, продолжи работниот дел на Собранието каде дадовме осврт на сработените активности во 2023 година и беше презентиран и усвоен планот на активности за 2024 година на АЕТМ.
Во изминатата 2023 година како клучни активности на АЕТМ беа истакнати организацијата на најголемата регионална конференција за е-трговија на која присуствуваа повеќе од 600 учесници од Балканот и пошироко, објавувањето на петтата годишна анализа за е-трговија и организација на изборот на најдобрите во е-трговијата за 2022 година. Во 2023 АЕТМ активно работеше и на бројни проекти и иницијативи кои беа насочени кон активности кои ги адресираат четирите клучни предизвици на е-трговците: ограничена понуда во е-трговија, недостаток на дигитални вештини, прекугранична е-трговија и сива економија. Беше посочено и дека во текот на 2023 година, АЕТМ, заедно со Асоцијациите за е-трговија на Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, ја формираа Балканска Алијанса за е-трговија која се залага за олесување и унапредување на регионалната е-трговија. За прв Претседавач на новооснованата Балканска Алијанса за Е-трговија беше избрана токму АЕТМ. Покрај овие активности, во 2023 година АЕТМ организираше едукативни сесии, сесии за вмрежување, обуки и многу други активности.
И во 2024 година ќе продолжиме со реализација на клучните годишни иницијативи – годишната анализа за е-трговија, регионалната конференција за е-трговија и годишните награди за е-трговија. Покрај нив, АЕТМ ќе продолжи со реализација на започнатите проекти и останати иницијативи и активности кои ги адресираат клучните предизвици на е-трговците.
На Сообранието исто така беa презентирани и активностите кои беа реализирани во рамки на Алијансата на родова еднаквост на работното место – ГЕА (подружница во рамките на АЕТМ, која се стреми да ја отклучи синергијата помеѓу е-трговијата, дигитализацијата и придонесот на жените на работното место) во текот на 2023 година. Во текот на 2023, во рамки на ГЕА беше реализирана кампања по повод Меѓународниот ден на жената за подигнување на свестa за родова еднаквост, беше организирана Втората конференција „Родова еднаквост на работното место“, како и беа организирани неколку нетворкинг настани со партнери и поддржувачи на ГЕА. Во 2024, ГЕА ќе продолжи со исто темпо да работи кон остварување на подобра родова еднаквост на работно место.
По завршувањето на работниот дел на Собранието, ја презентиравме новата веб платформа еcommerce.mk/badge, преку која работиме на градење на подобра заедница за е-трговија и придонесува кон намалување на сивата економија во е-трговијата.