Новости од е-трговија

Заедно со Visa ќе поддржиме бесплатно отворање на 15 е-продавници

Во ИТ хабот Netaville,  во соработка со компанијата Visa организиравме едукативен нетворкинг настан на кој учесниците имаа шанса да се запознаат со новиот јавен повик „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси“ кој има за цел да поддржи отворање на 15 нови е-продавници. 


На настанот беа презентирани подетални информации за условите за аплицирање на јавниот повик преку кој ќе бидат поддржани 15 компании при бесплатно отворање на нови е-продавници. Со оглед на тоа што како едни од најголемите предизвици кај помалите компании за отворање на е-продавница како нов продажен канал се ниското ниво на дигитални вештини и наоѓањето на соодветен кадар, поддршката од Јавниот повик се однесува на отворање на е-продавници за микро, мали и средни компании во рамки на постоечки маркетплејс платформи кои се веќе етаблирани и кои имаат своја база на корисници, искуство и технички познавања.

Покрај овие податоци, на настанот присуствуваше и претставник од компанијата Visa кој ги презентираше информациите од спроведеното истражување на компанијата Visa и дел од информациите поврзани со е-трговија од страна на НБРСМ. Беше истакнат растот од 19% кај бројот на новоотворените е-продавници во земјата за 2021 во однос на 2020, кога бројот изнесувал 1652 и 1383 е-трговци. Споредбата е правена за овие две години бидејќи се уште нема податоци за целата 2022 година, односно бројот на е-трговци за 2022, согласно последните податоци од НБРСМ, заклучно со 30.09.2022 изнесува 1821. 

Исто така, беше истакнато дека раст се забележува и кај бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции во 2021 во однос на 2020 е зголемен за 12% или по години бројот на онлајн трансакции изнесува: 2019 (3.351.000), 2020 (8.820.000), 2021 (9.861.000) и за 2022 до 30.09.2022 (9.683.000).

Во однос на вредноста, растот за периодот во 2021 во однос на 2020 година кај домашните е-трговци кој изнесува 46% или по години вредноста на онлајн трансакции изнесува: 2019 (4.6 милијарди денари), 2020 (13.9 милијарди денари), 2021 (20.4 милијарди денари) i do 30.09.2022 (18.2 милијарди денари).

Преку Јавниот повик, 15-те компании кои ќе бидат избрани ќе бидат поврзани и ќе имаат можност да одберат една домашна маркетплејс платформа на која ќе ги пласираат своите производи или услуги, односно ќе добијат вредносни пакети од 1.000 евра за отворање на дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на постоечка маркетплејс платформа и нејзина маркетинг промоција и ќе се обучуваат бизнисите за зајакнување на вештините поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг на практичен едукативен семинар „Сѐ за е-трговија“ кој ќе се одржува со физичко присуство во Скопје.

Аплицирањето на Јавниот повик е бесплатно, се одвива преку веб страницата на АЕТМ и трае до петок, 15 март 2023 до 23:59 часот. Апликациите ќе бидат разгледувани од трочлена комисија по однапред утврдени критериуми. Дополнителна предност ќе добијат жените претприемачи и апликантите под 29 години. Повеќе информации за јавниот повик се достапни на https://ecommerce.mk/visa/