Новости од е-трговија

Студенти од Финки и Економски факултет – Скопје развија веб екстензија за бесплатна проверка на е-продавници

proveriprodavnica.com – веб платформа со веб екстензија за бесплатна проверка на е-продавници

„Провери продавница” (https://proveriprodavnica.com) е платформа на тим од пет студенти од Економскиот и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), едно од трите победнички решенија на виртуелниот хакатон за иновативни решенија кои ќе помогнат за намалување на сивата економија, кој во мај минатата година беше организиран од страна на АЕТМ.

– „Провери продавница” детектира сомнителни е-трговци, го предупредува потрошувачот пред секое посетување на сомнителна интернет-продавница и визуелно ја прикажува валидноста на самата е-продавница преку нејзина автоматска проверка. Новата веб-платформа на македонскиот пазар им овозможува побезбедно онлајн купување на потрошувачите преку автоматска проверка на сигурноста на веб-страниците, соопшти тимот.

Како функционира екстензијата

Идејата е на студентите Симеон Маркоски и Фидан Стоименов од ФИНКИ и Даниела Мурџеска, Драгана Нелоска и Габриела Козарова од Економски факултет при УКИМ, кои велат дека се работи за непрофитен проект чија цел е да придонесе за доброто на сите онлајн купувачи и за намалување на проблемот со сивата економија во е-трговијата.

-Платформата е веќе активна и започнува да се користи, па секој има можност да направи инсталација на екстензијата или да се информира за рецензиите за некоја веб страна за која е заинтересиран. Платформата ја врши автоматската проверка преку црпење податоци за регистрираните и верификуваните е-трговци од регистарот на АЕТМ, поточно од веб платформата ecommerce4all.mk. Постапката е на принцип на вчитување на страните и проверка дали веб-страницата ги содржи потребните податоци кои секоја фирма законски треба да ги поседува, соопшти тимот на „Провери продавница”.