Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Гордана Николовска: Од уплати по фактура до 75% онлајн плаќања: Како Скопски Маратон ја истрча својата дигитална трансформација

Од „каса прими“ и рачно внесување резултати до 75% онлајн плаќања и повеќе од 14.000 натпреварувачи – приказната на Скопски Маратон е и приказна за тоа како дигитализацијата постепено го менува начинот на кој функционираат современите настани.

Од своето возобновување во 2007 година, Скопски Маратон поминал низ значајна трансформација – од пријавување и плаќање по фактура, рачно обработување на резултати и хартиени стартни пакети, до електронско мерење, онлајн регистрации и дигитални решенија кои денес се составен дел од искуството на учесниците. Само во 2025 година, од 14.022 натпреварувачи, само 91 ја платиле котизацијата преку банка.

Во разговорот со Гордана Николовска, разговараме за тоа што се случува кога технологијата ќе се стави во служба на подобро корисничко искуство – од надминувањето на првичната недоверба кон онлајн плаќањата, до полесните регистрации за домашните и странските учесници. Разговараме и за тоа што ги поврзува трчањето, е-трговијата и доброто управување со времето, како и за новата соработка помеѓу Wizzair Skopje Marathon и E-commerce Conference 2026.

Скопски Маратон денес е еден од најголемите и најпрепознатливите спортски настани во регионот. Како изгледаше патот од првите изданија до денес и што најмногу се промени во однос на организацијата и искуството на учесниците?   

Гордана: Од првото возобновено издание во 2007 година каде се поставуваа смерниците и условите низ целиот организациски процес па сè до денес се сменија многу работи освен тимот кој го организира настанот.

Првото издание беше настан од кој никој не знаеше што да очекува, ниту учесниците, ниту партнерите. Скептичниот поглед кој го имаа многумина, во следните 2-3 години сé се промени. Пријавувањето се одвиваше во просториите на Сојузот на спортови на Скопје и уплатите во најголем процент се извршуваа со “каса прими“. Мерењето на време се вршеше со пресен на келии кое го вршеше истакнатиот кајакарски работник Коста Ефтимов а дупла контрола беше пратена со видео запис. Резултатите се одработуваа во следните 2-3 дена со прегледување на снимките и рачно внесување на резултатите. Макотрпна работа на колегите Иван Лесевски и Кире Синадиновски.

Во 2011 година воведовме електронско мерење на време за кое сите заслуги ги има Кире Синадиновски, тој е најголемиот поборник за примена на најнови технологии и дигитализација. Таа година, нашите пријатели од Белградски маратон дојдоа да го проследат Скопски Маратон и да се уверат во точноста на записите. Во регионот во поглед на технолошки реформи можам да истакнам дека бевме доста напредни. Следниот чекор кон кој пристапивме беше виртуелни трки и стартни пакети без хартија.

Последните 10 години во сите трки кои ги организираме не дозволуваме инсертирање на рекламен материјал печатен на хартија, ниту маици пакувани со пластични кеси. Екологијата нам многу ни значи со оглед дека на масовни настани сметот е еден од поголемите проблеми со кој се соочуваат сите организатори. Затоа, спречуваме создавање смет и воведовме дигитални стартни пакети.

Дополнително, ние бевме единствениот Виз Ер Маратон (има десетина други трки каде Виз Ер е насловен спонзор) кој ваучерите не ги доделуваше на хартија туку дигитално. Секако најголемите промени се зголемениот број на учесници и остварување на врвни резултати од нашите Македонски натпреварувачи.

Пред неколку години најголем дел од пријавите за учество се реализираа преку уплати по фактура, додека денес околу 75% од котизациите се плаќаат онлајн со картичка. Како се случи таа промена и што значеше дигитализацијата за растот и развојот на Скопски Маратон?

Гордана: Примената на дигитализацијата беше одамна посакувана алатка. Откако пријавата беше поврзана со плаќањето на котизациите исклучиво да биде преку банка, имавме изводи по десетици страници. Сето тоа повторно рачно се одобруваше и имаше потреба од неколку контроли за да се намали процентот на грешка. Едвај чекавме банките да отворат екомерц. Така во 2016 година започнавме соработка со Тони Димиќ – Атленит кој ги постави темелите на онлајн регистрации во скоро сите спортски настани. Имавме одлична соработка, а дигиталната писменост беше поле на кое сите учевме и работевме. Отварање акаунти на платформа за многумина беше проблем, заборавени лозинки, грешно внесен е-мејл и слични ситуации кои 24 часа беа поминати со одговарање на пораки, особено последните денови пред затворање на пријавување. Тогаш и банкарските провизии беа поголеми и мал процент плаќаа со картичка. Беше присутна недовербата во онлајн плаќање. Најчесто прашање беше: А некој ако ми ги украде парите од сметка?

Секако дека секоја нова работа е пречекана со недоверба, така и електронски уплати.

Прогресот беше видлив во 2017 година со 39% онлајн уплати. Поголемиот дел од компаниите сè уште плаќаат преку фактури и самиот процес на одобрување се контролира и ден денес. Најголемиот прогрес во онлајн плаќањата го имаме во 2020 и 2021 година, времето на короната, кога маката не натера сите да нарачуваме сенешто онлајн. И покрај сите перипетии, ние ја одржавме првата трка во свет во услови на корона со 60% онлајн уплати со картички, а останатите преку електронско банкарство или фактура. Следејки го прогресот на електонски плаќања, во 2025 година од 14.022 натпреварувачи само 91 учесник уплатил преку банка.

Оваа година, пријавувањето е во тек и во споредба со изводите од пред десетина години, можам да заклучам дека сме заштедиле на хартија, на дополнително поминати часови во проверки и секако, намален замор кај вработените во тој поглед. 

Колку дигиталните алатки и онлајн плаќањата помогнаа да привлечете повеќе учесници, особено од странство, и да го направите процесот на регистрација побрз, поедноставен и подостапен? 

Гордана: Дигиталните алатки имаат голем придонес во регистрациите. Од 2024 година користиме платформа во која учесниците не треба да имаат акаунт и процесот на онлајн пријави тука се зголеми. Странските учесници доаѓаат и заради нашето целогодишно претставување на маратонските саеми во поширокиот регион. Сепак, користењето на платформи за трки од странство даваат дополнителен придонес за зголемениот број на странски учесници а процесот на регистрација и плаќање сега е многу полесен. Како забелешка можам да истакнам дека некои странски банки, од 2-3 земји, до пред некоку години, не дозволуваа уплати во Македонија. Тоа ни предизвикуваше дополнителен проблем кој за среќа веќе е надминат. 

Оваа година воспоставувате соработка со Ecommerce Conference 2026. Што ги поврзува спортот, трчањето и е-трговијата и зошто сметате дека ова е природно партнерство?

Гордана: Времето! Сите рекреативци, натпреварувачи си имаат спортска дисциплина. Трчаат рано наутро за да бидат спремни и фокусирани на своите професионални полиња. Планираат, споредуваат и организираат патувања за да учествуваат на некој маратон. Во трка со времето, завршувањето на работните обврски, време за семејството и време за себе останува само добро организирано време. Никој нема да искористи пауза од работа за да чека ред на шалтер, и секојдневно, заштедуваме доста време кога планот и организацијата ќе се здружат, а тоа е дел од секоја агенда на еден спортист.

Каква вредност носи оваа соработка за учесниците на Скопски Маратон, кои преку неа ќе добијат можност да бидат дел и од E-commerce Conference 2026?

Гордана: Секој учесник на Виз Ер Скопски Маратон ќе добие ваучер во вредност од 30 Евра за ecommerceconference.mk за која ќе добие инструкции за користење, а истата ќе се одржи на 3-ти ноември во Национална опера и балет под мотото „From Wait to Go: E-comm @ AI Speed!

Ова е убава можност за нашите учесници да поминат еден интересен и корисен ден, да слушнат нови идеи и да се запознаат со 900+ професионалци од 12+ земји, од различни индустрии и области. Особено би го издвоила networking моментот и можноста за нови познанства и размена на искуства.

За сите оние кои сè уште размислуваат дали да се пријават – зошто токму сега е вистинскиот момент да станат дел од Скопски Маратон и што можат да очекуваат од овогодинешното издание?

Гордана: Во спортот се важни брзи одлуки, размислувањето треба да се искористи за техники, стратигија, планирање. Пријавувањето треба да е мотивација за наш личен развој, здравствен, емотивен, социјален. Годинава очекуваме 15.000 учесници од цел свет. Таа прекрасна енергија која ја носат сите, таа еуфорија, возбуда, адреналин е најголемото частење на сопствената душа кое треба да си го приуштиме. Годинава учесниците на Маратон и Полумаратон ги очекува едно големо технолошко изненадување по патеката, многу музика и освежителни станици на секои 850 метри.

Дополнителна мотивација се и ваучерите кои ќе ги поделиме, а сигурна сум дека многумина ќе ги искористат и ќе имаат причина плус да бидат благодарни на себе и на своите добри и брзи одлуки кои ќе ги донесат.

Поврзани содржини

Асоцијација за е-трговија на Македонија
Преглед на приватноста

Оваа веб -страница користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачиња се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се препознавање кога се враќате на нашата веб -страница и помагање на нашиот тим да разбере кои делови од веб -страницата ги сметате за најинтересни и корисни.