Серијал студии на случај #6 – Grouper.mk: Падот во приходите од секциите патувања и услуги го компензиравме со фокусирање на нови проекти и активности

Grouper.mk го воведе моделот на групно купување на пазарот во Република Северна Македонија, а низ годините со постојано адаптирање и воведување нови иницијативи успеа да се позиционира како лидер во е-трговија. Почна со работа 2011 година, брои 17 вработени, опслужува над 250.000 регистрирани купувачи во соработка со над 3.500 компании-продавачи и даватели на услуги. Grouper беше првата компанија која во 2014 година лансираше мобилна апликација за Android и iOS за онлајн купувања и плаќања, која има над 150.000 симнувања и над 35.000 активни корисници
месечно.

Како начин за плаќање кој им стои на располагање на купувачите е онлајн со картичка или со банкарски трансфер преку уплатница (во банка или преку e-банкинг). Од компанијата велат дека
поради силната посветеност и визија на компанијата да придонесат кон градењето на култура за безготовински плаќања и воопшто за онлајн купувањето, и покрај тоа што на краток рок тоа значи „изгубени” потенцијални продажби, веќе десет години оствануваат посветени на долгорочната визија. Инаку над 95% од плаќањата се извршуваат со платежни картички, а мал дел со уплатници.

До пред започнување на кризата Grouper во главно нудел понуди (зделки) со попусти поделени во три главни секции: Услуги, Патувања и Производи. Покрај овие три секции како засебна секција се
купоните за попуст со кои купувачите добиваат ексклузивни попусти во малопродажните објекти на соработниците (пр. Спортска опрема и облека, обувки и сл.)

За предизвиците од COVID-19 врз приходите на компанијата, Ива Трембелеива објаснува „Бидејќи сме онлајн компанијата за е-продажба, знаете повеќе луѓе мислат дека некако по автоматизам ние сме имале раст со кризата, но не е така. Ние се соочивме со бројни предизвици како и многу други компании. Со оглед на тоа дека секциите патувања и услуги има доминантно учество во приходите, а практично овие сектори беа најпогодените, логично забележавме драстичен пад. Бидејќи агилноста и брзата адаптација ни е силна страна постојано лансиравме ad-hoc кампањи со цел да го амортизираме ударот – таква беше кампањата на пример Stay Home Stay Smart со која понудивме над 100 онлајн курсеви во соработка со странски провајдери за кои имаше одличен интерес и продажби, потоа нашата препознатлива кампања „Дестинација Македонија” која традиционално ја оранизираме секоја година во октомври, оваа година започна во јули и понуди околу 100 хотели ширум земјата по промотивни цени, и истата постигна одлични резултати. Потоа лансиравме и нов проект Grouper Food односно #ХранаДоДoма на кој се придружија околу 20 ресторани до сега, а бројот постојано расте и сега корисниците може да нарачаат и храна за достава до нивниот дом преку Grouper“.

Во однос на спремноста да се справат со новонастанатата состојба со пандемијата таа вели: „Многу добро го познаваме пазарот, и купувачите и продавачите, ги знаеме нивните проблеми и предизвици и што е она што им е потребно. Grouper Shopping Mall е нашиот нов проект кој го лансиравме во април оваа година, а во него е преточено 10 годишното искуство во онлајн продажба и маркетинг и всушност го претставува најдоброто од е-трговијата и дигиталниот маркетинг. Во текот на 2019 година посветено работевме на развој на маркетплејс платформата, а истата ја лансиравме веднаш по започнувањето на рестриктивните мерки кои ги наметна COVID-19 кризата”.

За влијанието на пандемијата на бизнисот таа одговара: „Тајмингот во бизнисот е многу важен, во условите наметнати од COVID-19 аквизицијата на нови компании кои отвараа свои продавници на Grouper Shopping Mall растеше секој месец, нешто што сигурно би одело многу побавно ако не се се наоѓавме во ваква состојба. Едноставно решението кое го нудиме е наједноставниот, најбрзиот и најефтиниот начин за секоја комапнија која сака да отвори нов продажен канал и да придобие нови купувачи – нешто што во кризата и требаше на секоја компанија. Практично ние ги нудиме сите услуги кои и се потребни на компанијата и ја он-бордираме целосно, a нивната единствена обврска е секако да се грижат за својата онлајн продавница, да ги следат нарачките, да ги процесираат нарачаните производи, да ги ажурираат залихите и секако да вложат и во промоција на својата онлајн продавница. Во понудата инаку имаме неколку различни пакети од кои компаниите може да одберат за нивната онлајн продавница во рамки на Grouper Shopping Mall.

Извор: Извадок од извештајот од анализата на е-трговијата во Република Северна Македонија – 2020: Интервју со Ива Трембелиева, Оперативен директор @ Grouper.mk