Нова иницијатива на АЕТМ: Повик за поддршка за македонските агро производители за пласирање на нивните производи за онлајн продажба

Македонските агро производители ќе добијат можност бесплатно да ги усовршат нивните дигитални вештини, но и да научат како подобро да ги пласираат своите производи на домашните веб платформи за е-трговија, преку јавниот повик објавен од АЕТМ.

Оваа активност е дел од иницијативата „Agri E-commerce” којa е поддржанa од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а се спроведува од страна на АЕТМ.

Целта на јавниот повик е поддршка на локалните агро производители кои сакаат да ги пласираат своите производи надвор од својата локална околина и сакаат да започнат со нивна продажба со помош на е-трговијата. Со овој повик АЕТМ се вклучува во напорите за подигнување на свеста за бенефитите од е-трговијата и зголемување на понудата за е-трговијата во нашата земја. Нашата цел е да мотивираме повеќе агро производители да ги зголемат своите дигитални вештини и да ја искористат е-трговијата како дополнителен продажен канал на своите производи, кој ќе им овозможи да ја зголемат својата продажба и дигитално присуство.

Јавниот повик е отворен за сите агро производители кои сакаат да ги пласираат своите производи на најпознатите домашни веб платформи за е-трговија, се регистрирани согласно законите во РСМ и ги исполнуваат условите објавени на нашиот веб-сајт – https://ecommerce.mk/agri-ecommerce/

Одбраните апликанти треба активно да ги следат обуките за развој на дигиталните вештини во времетрање од еден месец, како и насоките на тимот на АЕТМ кој ќе ги води низ процесот за поврзување со домашните платформи за е-трговија.

Аплицирањето на јавниот повик, кое се одвива онлајн на нашиот веб-сајт, трае до 20 октомври, по што ќе следи евалуацијата на апликациите од страна на комисија составена од експерти во областа.