Годинава по втор пат го организираме изборот за најдобрите во е-трговијата “Ecommerce Awards 2022” преку кој ќе бидат наградени и препознаени најдобрите македонски е-трговци за 2022 година. Покрај препознавање на успешната работа на е-трговците, целта на овој избор е поттикнување и унапредување на растот и развојот на македонската е-трговија во целина.
Најдобрите е-трговци за 2022 година ќе се одбираат во 23 категории поделени во три секции: Шампиони во е-трговија, Најдобри е-продавници по сектори и Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање. Дел од категориите во кои ќе се натпреваруваат е-трговците се: „Најдобра новоотворена е-продавница“, „Е-продавница за храна и пијалаци на годината“, „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, „Најдобар верифициран е-трговец“, а главната награда е резервирана за категоријата “Е-трговец на годината”.
Пријавувањето за изборот на најдобрите е-трговци е бесплатно и е во тек. Преку официјалната веб-страница на натпреварот до сега се имаат пријавено повеќе од 100 македонски е-трговци, а пријавувањето трае до петок, 13-ти јануари, до 23:59 часот. По завршувањето на пријавувањето и објавувањето на номинираните е-трговици ќе следува гласање од јавноста кое ќе трае до 15-ти февруари, како и гласање од жири комисијата составена од внимателно одбрани стручни лица со цел да ги изберат најдобрите е-трговци. По собирање на поените добиени од публиката и од стручното жири, ќе се направат финални ранг листи со победниците во секоја категорија. Доделувањето на наградите на најдобрите е-трговци за 2022 година ќе се одвива на свечен настан во март 2023 година. На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа пријавени над 150 домашни е-трговци и беа собрани над 5000 гласови од јавноста, а беа доделени вкупно 30 награди во 18 категории.
“Македонската е-трговија постигна значен прогрес во изминатиот период, во главно поттикнат од COVID-19, но улогата и заложбите на АЕТМ дојдоа уште повеќе до израз бидејќи многу работеше на трасирање на патот за е-трговија и на пoдготвеноста на компаниите за предизвиците од пандемијата. Во 2021 забележавме значаен раст во вредноста и бројот на трансакциите особено кон домашните е-трговци, во главно поттикнат од COVID-19 кој ја промени структурата во полза на домашните е-трговци. Позитивно е што и во 2022 година иако со забавено темпо тенденцијата на раст продолжува. Исто така позитивно е што иако со враќање на животот во нормала и можноста за слободно меѓугранично движење сè уште македонските е-купувачи најмногу купуваат од домашни е-трговци. Натпреварот “E-commerce Awards” го организираме по втор пат токму со цел да ја препознаеме и наградиме напорната работа на домшаните е-трговци, да ја подигнеме свеста за е-трговијата во јавноста и да поттикнеме зголемување и унапредување на понудата во е-трговијата.“. – вели д-р Нина Ангеловска, Претседател на АЕТМ.
Сите македонски е-трговци кои сакаат да бидат дел од овој натпревар кој има цел да ја препознае, награди и промовира нивната извонредна работа може да се номинираат за избор меѓу најдобрите со пополнување на пријавата на овој линк.
Инаку, иницијативата “E-commerce Awards” е поддржана од Мастеркард како генерален партнер и од Германското друштво за меѓународна соработка GIZ како главен поддржувач, а дополнително заинтересираните компании кои сакаат да придонесат во организацијата на оваа иницијатива ќе имаат можност да се вклучат како поддржувачи.
Повеќе детали за натпреварот може да погледнете на официјалната веб страница: https://ecommerceawards.mk/.