Ki-Pay: Првиот процесор за онлајн плаќања кој ги интегрира продавниците со електронските банкарства на банките

Речиси незамисливо е да плаќате онлајн, а притоа да не поседувате активна платежна картичка. Кога станува збор за онлајн плаќања првата работа која ни доаѓа на памет претставува плаќање со платежна картичка во е-продавница. Сепак, постои исклучок и од ова “правило”.

Во текот на 2017 година во Република Македонија започна со оперативна работа, првиот процесор за онлајн плаќања преку интернет продавници Ki-Pay (www.ki-pay.mk), кој ги интегрира продавниците со електронските банкарства на банките.

Овој процесор е заеднички продукт на Клириншката куќа КИБС АД Скопје и деловните банки. Продуктот е поддржан и од Народната банка на Република Македонија и Министерството за финансии, во рамки на мерките за зголемување на безготовинските плаќања и електронската трговија.

Процесорот овозможува плаќање на интернет директно од трансакциска сметка во банка, без да се користи платежна картичка. Единствен предуслов за извршување на ваквото плаќање е купувачите да се корисници на интернет банкарство кај банка вклучена во Ki-Pay.

Интеграцијата на интернет продавниците е едноставна и се одвива согласно технички инструкции и поддршка од КИБС. Интернет продавниците потребно е при процесот на плаќање да овозможат избор на видот на плаќање, од кој еден е Ki-Pay плаќање од трансакциска сметка, понатаму со картичка и др.

По изборот на Ki-Pay купувачот се пренасочува на процесорот Ki-Pay, каде што ја избира банката во која има интернет банкарство, а потоа се пренасочува кон електронското банкарство на избраната банка.

По најавата на интернет банкарството, корисникот добива приказ на пополнет налог и детали за плаќањето, при што со “еден клик” само го потврдува плаќањето. Повратно, информацијата за статусот на плаќањето се проследува веднаш до интернет продавницата.

Од аспект на безбедноста, потребно е да се нагласи дека размената на доверливи информации со банката, не се врши преку интернет туку преку затворена и високо безбедна мрежа со која се поврзани банките и КИБС.

Идентификацијата на плаќачот во банката, се врши на стандарден начин кој го применува избраната банката за сите плаќања преку електронското банкарство. Успешните трансакции се конечни и неотповикливи, што им овозможува на трговците и буџетските институции да ја испорачаат услугата или производите, без ризик дека уплатените средства нема да пристигнат на нивна сметка.

За користење на процесорот, трговците склучуваат договор со некоја деловна банка по нивен избор по услови одредени од банката. Исклучок се интернет страниците, со можност на онлајн плаќање, на субјектите корисници на буџет, кои немаат сметка во деловна банка и кои склучуваат договор директно со КИБС.

Плаќањето преку Ki-Pay е всушност стандардна платежна трансакција која се процесира во редовниот платен промет со платни налози-уплатници (ПП30 и ПП50). Заради реализацијата на плаќањето од редовната трансакциска сметка, со овој вид на плаќање се отвора нова поволна можност за е-плаќање од компаниите кон буџетот, но и во меѓусебниот промет за наплата на фактури.

Ki-Pay овозможува поедноставување на процедурите за плаќање на јавни давачки и други плаќања кон буџетски сметки, при што плаќањата се реализираат преку интернет страниците (е-шалтери) на буџетските институции, со избор на услугите и без потреба граѓаните и компаниите рачно да го пополнуваат платниот инструмент ПП50 со сите специфични полиња (код на општина, приходна шифра, уплатна сметка итн). Плаќањата кон буџетот честопати се состојат од плаќање на неколку налози. Притоа, покрај основната услуга, најчесто се наплаќа и таксена марка, а често и одредени дополнителни услуги. За полесно и комплетно плаќање на овие услуги, Ki-Pay овозможува плаќање на пакет од налози кон буџетот. Со тоа процедурата за плаќање кон државните институции може значително да се подобри и за граѓаните и за државните служби. Се разбира тоа во голема мера ќе ја намали и потребата од физичко присуство на граѓаните на шалтерите.

Ki-Pay е уникатен продукт и досега кон него со склучување договор имаат пристапено четири деловни банки (ТТК Банка, Комерцијална банка АД Скопје, НЛБ банка и Стопанска банка АД Битола). Во моментов, во оперативна употреба Ki-Pay процесорот се користи од страна на Комерцијална банка АД Скопје, а во следниот период се очекува да пристапат и да го воведат во употреба повеќето банки.

Први продавници кои примаат Ki-Pay плаќања се Македонското кредитно биро за продажба на извештаи за кредитни и други обврски и КИБС за продажба на електронски сертификати.

Повеќе информации може да се добијат на www.ki-pay.mk, директно во КИБС или кај деловните банки.