На 05.07. се одржа последната од трите обуки кои беа дел од едукативната програма „Дигитални вештини за раст на вашата компанија“ организирана од АЕТМ и ИМЕ. На темата „Алатки за е-трговија во дигитален маркетинг и рекламирање„ зборуваше Дарко Булдиоски, основач на NewMediaMK кој веќе 15 години е дел од дигиталниот, креативен свет.
Дарко го пренесе своето знаење на повеќе од 30 присутни учесници на програмата кои будно ги пратеа и неговата, како и изминатите обуки и беа спремни за стекнување со нови знаења кои ќе можат веднаш да ги имплементираат кај своите бизниси. Темата на неговата обука ја објасни преку три различни сегменти: аналитика во ера на GDPR, e-mail newsletters и рекламирање на социјални медиуми. Од неговото долгогодишно искуство во дигитален маркетинг, Дарко ги сподели сите do’s & dont’s, како и детална разработка за како до успешно мерење на резултати од онлајн кампањи, како и сите tips & tricks што треба да се знаат за е-маил маркетингот (според него, најблагодарниот канал за маркетинг). На крајот од обуката ни се придружија гости – претставници од едни од најпознатите платформи за е-трговија во Македонија: paket.mk, mitra.mk, kliknijadi.mk, grouper.mk и paopao.mk со цел да споделат искуства и знаење со учесниците, како и да поразговараат за можни дополнителни соработки и пласман на нивните услуги/производи на некои од овие локални платформи за онлајн продажба.
Едукативната програма „Дигитални вештини за раст на вашата компанија“ беше реализирана во соработка со IME – Increasing Market Employability.