Интервју БОЈАНА ТАСЕВСКА: Преку онлајн продажбата овозможуваме достапност на здравата храна низ цел свет

ВИТАЛИА Никола е компанија чија дејност е производство и трговија на производи од доменот на здравата храна со основна цел снабдување на домашниот и странскиот пазар со природни, вкусни и здрави производи со висок квалитет и пристапна цена. Компанијата е основана во 1993 година од кога бележи брз и динамичен развој. Благодарение на високата професионалност и иновативност денес брендот ВИТАЛИА е водечки на Балканот и Источна Европа од доменот на здравата храна.

Секојдневните обврски ни наметнуваат се побрз живот, исполнет со активности, каде забораваме на нашето здравје и на нашата исхрана. Тоа се одразува негативно на нашиот организам и порано или подоцна ќе започнеме да ги чувствуваме последиците од овој начин на живот.

Брзиот начин на живот не ни дозволува да водиме доволнo грижа за своето здравје и храната која ја внесуваме во организмот. Денешната брза храна изобилува со конзерванси и заситени масти, и бројот на лица заболени со кардиоваскуларни болести расте постојано.

Токму поради овие причини, компанијата Виталиа Никола ДООЕЛ од неодамна на своите постоечки и нови клиенти им овозможи онлајн купување на производи од својата широка палета.

Околу почетоците на Виталиа, имплементирањето на онлајн продавница за здрава храна, предизвиците и потребата за едукација на населението разговаравме со Бојана Тасевска, претставник од Одделот за продажба во Виталиа.

АЕТМ: Почетоците на Виталиа датираат од 1993 година, по 25 години одлучивте да се насочите кон онлајн продажбата односно постепено да навлезете во овој сегмент. Кои беа иницијалните мотиви за да донесете ваква бизнис одлука?

Бојана Тасевска: Виталиа Никола ДООЕЛ е компанија за производство и продажба на здрава храна со општа намена за снабдување на домашните и странските пазари со природни и високонутритивни  производи со одличен квалитет и прифатлива цена која одговара на денешниот здрав животен стил.

Компанијата, која работи од 1993 година, динамично расте, се подобрува од година во година и се наоѓа во водечка позиција на македонскиот пазар за здрава храна веќе 26 години. Секогаш се водиме по најновите нутритивни и бизнис трендови, па затоа во 2014 год се одлучивме за онлајн продажба со цел да бидеме што повеќе достапни за нашите потрошувачи, секој да може да порача од било каде и во секое време, како и да му биде доставено до саканата адреса. Сепак мора да напоменеме дека Виталиа има производи кои може да се најдат само во нашите продажни објекти, бидејќи имаме богата палета од преку 350 производи, па со таа цел овозможуваме да станат подостапни за купувачите.

АЕТМ: Досега Виталиа беше насочена единствено кон класичниот начин на продажба преку “brick-and-mortar” продавници. Колку специјализирани продавници има Виталиа каде се продаваат единствено производи од вашата компанија и колкав дел од продажбата се остварува преку нив?

Бојана Тасевска: Виталиа во моментов има 4 специјализирани продавници за здрава храна во Скопје, но настојуваме да се прошириме на ниво на Македонија. Првата на Ул. 516 бр, 10 (нас. Керамидница – Скопски Саем), втора на ул. 50та Дивизија бр.16, близу Клинички Центар, трета во Сити Мол – Скопје, и четврта во ГТЦ Приземје спроти Жена Парк.

Во нашите продавници покрај целиот асортиман од нашата палета производи имаме и производи од нашите конкурeнти, бидејќи сме пријателски настроени, се со цел да се задоволат барањата и потребите на крајните потрошувачи.

Нашите продавници имаат околу  8% удел од вкупниот домашен промет.

АЕТМ: Вашата компанија произведува огромна палета на производи од доменот на здравата храна. Можете ли да ни кажете нешто повеќе околу трендовите во онлајн купувањето на здрава храна во развиените земји?

Бојана Тасевска: Виталиа има преку 280 различни производи, што значи имаме доста богата палета која опфаќа повеќе категории, како и функционална здрава храна која е наменета за посебни таргет групи на потрошувачи.

За приватните потрошувачи ширум светот, најпознатата форма на е-трговија спаѓа во категоријата Бизнис-потрошувач (B2C), која вклучува онлајн малопродажба или онлајн шопинг. Во 2018 година, околу 1,8 милијарди луѓе низ целиот свет купувале производи онлајн. Според проекциите од Светската трговска организација, се очекува енормен раст во иднина.

Според информациите од Statista, просечните цени за онлајн купување и намера за купување меѓу интернет-купувачите исто така значително се разликуваат по категории на производи – облеката, обувките и потрошувачката електроника се најпопуларните онлајн шопинг категории ширум светот.

Виталиа вложува дополнителни напори  да го стимулира развојот на електронската трговија во Македонија. Според наше интерно истражување, македонскиот потрошувач најчесто се одлучува на онлајн купување за оригинални производи, кои не може да ги пронајде во поголемите маркети или малопродажните места.  Главната група на онлајн потрошувачи претставуваат младата популација на возраст 18-34 години, кои се пораснати во дигиталната ера, доста искусни со технологијата и кои сакаат да избегнат чекање во редици по маркет.

АЕТМ: Еден од главните предизвици во онлајн продажбата е соодветна едукација на населението. Што презема Виталиа во поглед на едукација на населението која ќе придонесе кон зголемен обем на онлајн купување?

Бојана Тасевска: Главната мисија на Виталиа е да се формираат здрави генерации овозможувајки палета на здрави продукти кои и те како го олеснуваат изборот на модерниот потрошувач.  Едукацијата е императив и се учествува на проекти чија главна цел е нутритивна едукација на популацијата. Во врска со онлајн купувањето, потребна е додатна мотивација, и комплетна стратегија со цел да се истакнат предностите на електронската трговија на македонскиот потрошувач.

Моментално работиме со промоција на интегрираната е-продавница преку дигиталните канали (ПР, фејсбук), нудење на гратис производи со нарачка, итн.

АЕТМ: Неодамна имплементиравте нова е-продавница преку која вршите онлајн продажба на производите на Виталиа. Кои се вашите очекувања од онлајн продажбата во 2019 година?

Бојана Тасевска: Онлајн продажбата планираме да ја зголемиме преку нови и интересни понуди и промоции во блиска иднина, за да се задоволат потребите на потрошувачите. Оваа година се фокусираме на развојот на online продажбата во регионот и Европа, па потоа и пошироко со оглед на тоа што реално Виталиа брендот е присутен во 55 земји ширум светот. Секако очекуваме раст во продажбата како резултат и на поголемата свесност и запознавање на потрошувачите со придобивките од online шопингот.

АЕТМ: Кои беа главните предизвици со кои се соочивте при имплементирање на новата веб продавница? Иако истата функционира краток временски период, можете ли да ни кажете кои се најчестите прашања од страна на постоечките и потенцијалните клиенти кои се заинтересирани да купуваат онлајн?

Бојана Тасевска: Виталиа има онлајн продавница веќе 5 години, за прв пат е процесирана во 2014 год. Во тој период имавме мали препреки од страна на локалните поголеми дистрибутери поради производите и цените кои беа поставени во онлајн продавницата, но истото успеавме да го надминеме.

Новата онлајн продавница ја имплементиравме кон крајот на 2018 год. и e интегрирана во новиот компаниски web кој исто така е изработен според најсовремените светски трендови. Македонскиот потрошувач има мала доза на скептицизам за онлајн шопингот, дел од плаќањето, процедурата на нарачување и слично. Поради тоа активно работиме на подобрување и “user friendly” пристап со што ќе ги надминеме најголемите предизвици како приспособувањето на потрошувачите кон ваков тип на купување  и добивање на нивната доверба и лојалност. Веруваме дека тоа може да се постигне со имплементирање на посебни стратегии за промоција, едукација и реализација на онлајн шопинг системот.

Ова се потврдува и со анализа на најчестите прашања кои ги добиваме од потрошувачите, кои се во најголем дел фокусирани на процесот на плаќање и нарачка. Секако постојат и лица кои се комплетно против онлајн шопингот и го знаат да го искажат тој факт, што уште поцврсто не мотивира да ги демонстрираме предностите и да ги донесеме тие потрошувачи до модерниот начин на купување.

АЕТМ: Вашата компанија на почетокот на 2019 година стана член на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се вашите очекувања од членството во истата и како ја оценувате досегашната работа на АЕТМ? Кои се работите што треба да се променат во Македонија од аспект на онлајн трговија со цел оваа дејност да го достигне својот максимум?

Бојана Тасевска: Нашите очекувања се промптно следење на трендовите и новитетите во e-commerce што ќе помогне  да се подобриме и заедно да ја подигнеме онлајн свеста кај купувачите. Информациите кои ги добиваме со членството во Асоцијацијата се повеќе од добредојдени и во секој случај доста корисни во формирањето на стратегии за промоција на електронската трговија.

Македонија има благ пораст во онлајн потрошувачката во споредба со 2017 година. Од тука, добро е да се направи истражување во вид на анкета врз цела популација, секако спроведено од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и во соработка со компаниите кои нудат онлајн купување како опција. Базирано на тоа, може да се формираат акциони планови како да се пристапи во иднина. Сметаме дека важно е да се искористи моќта на Асоцијацијата за да се добие пристап до поголем дел од популацијата, максимално искористување на медиумите –телевизија, радио, социјални медиуми, интернет портали, итн.

Во секој случај, Виталиа како извозно ориентирана компанија и лидер во својата категорија во Македонија, ја нуди својата комплетна поддршка на Асоцијацијата и се надеваме дека заедно ќе градиме дигитализирано и модерно општество  базирано на знаење.