[ИНТЕРВЈУ] Весна Китанова, НЛБ Банка – Иднината е во финтек-банкарството кое ќе биде двигател на иновации

„Како дигитално напредна банка која прва на македонскиот пазар понуди решение за онлајн плаќање, НЛБ ги поддржува и охрабрува сите активности поврзани со промоција на е-трговијата. Секој настан, и воопшто секоја можност за поддршка, промоција, развој и имплементација на безбедна и сигурна е-трговија е добродојдена и сакаме да бидеме дел од неа. E-commerce Awards иако го бележи своето трето издание успеа неверојатно брзо да се етаблира и признае како значајна манифестација која на едно место ги собира е-трговците со цел да ги препознае и издвои најдобрите.“ – ни изјави Весна Китанова, Директор на сектор за платни системи во интервјуто по завршувањето на овогодинешните E-commerce Awards 2023

Со Весна разговаравме и за новиот закон за платежни услуги и финтек компаниите, имплементацијата на иновативни дигитални плаќања, како и за едуцирањето на клиенти, од една страна како корисници на платежни картички, а од друга страна и како корисници на виртуелен пос терминал за онлајн плаќања.

AETM: Со новиот закон за платежни услуги кој е во сила повеќе од една година, банките би требало да добијат конкуренција од финтек компаниите кои можат да се лиценцираат и да воведат плаќања кои нема да се одвиваат преку банка. Сметате ли дека појавата на компании кои ќе имплементираат иновативни плаќања се директна конкуренција или неопходно е овие компании да имаат банка партнер со која ќе соработуваат? 

Весна: Новата регулатива во делот на платежните услуги е усогласена со европското законодавство и очекуваме да донесе технолошки понапредни и иновативни сервиси, да ги пренесе најдобрите практики и современите трендови кои се веќе имплементирани и функционираат во развиените земји, и тоа пред сè, во делот на плаќањата, управувањето со личните финансии, но и во останатите финансиски услуги.

Соработката меѓу банките и финтек компаниите крие во себе голем потенцијал и е двонасочна токму поради предностите кои ги имаат и едните и другите, како и можноста да се надополнуваат. 

Финтек или старт-ап компаниите се одликуваат со флексибилност, агилност, брзина, тие во процесот на креирање иновативни, технолошки напредни и персонализирани решенија имаат тендеција да ја применуваат вештачката интелегенција-AI, machine learning како и blockchain технологиите. Oд овде, неопспорна е конкурентноста на новитe клиентски ориентирани платежни и финансиски услуги со традицоналните банкарски услуги. Од друга страна пак, преку градење на партнерски однос, финтек компаниите добиваат пристап до големи кориснички бази на банките и до  регулаторна поддршка во делот на прилагодување на своите сервиси и операции во согласнот со законските барања, за што банките имаат долгогодишно искуство и експертиза. 

Можеме да заклучиме дека успехот на нов бизнис модел во голема мера зависи од довербата и партнерскиот однос кој го градат банките и финтек компаниите. За малите пазари како нашиот ваквиот партнерски однос е особено значаен. Иднината е дефинитивно во финтек-банкарството кое ќе биде двигател на иновации.

AETM: Бројот и износот на е-трансакции е во постојан пораст. Најголемиот пораст беше за време на пандемијата со Covid, но се чини дека граѓаните и понатаму продолжија да ги користат бенефитите кои ги нуди е-трговијата. Сметате ли дека е искористен капацитетот на е-трговијата и што сметате дека може да подобрат банките во иднина со цел уште повеќе да се зголеми растот во периодот што следи?

Весна: Растот на е-трговијата е евидентен и логичен, со оглед на забрзаната пенетрација на дигитализацијата, за чии предности и бенефити се чини дека најмногу станавме свесни за време на пандемијата. Сепак, сметам дека сè уште не сме го доживеале нејзиниот полн потенцијал, земајќи во предвид дека уделот на овие плаќања кај нас, но и во регионот е значајно под европскиот просек кој е околу 70%. Како банка постојано вложуваме во напредни и безбедни алатки и услуги кои ќе придонесат за континуиран раст на е-трговијата како на страна на понудата така и на страна на побарувачката т.е. раст на дигитално свесните потрошувачи. Наша задача е преку едукација да ги доближиме нашите клиенти до дигиталните сервиси кои се едноставни, брзи, флексибилни и персонализирани. Предводени од желбата да бидеме постојано во дослух со трендовите и современата технологија, Банката и во иднина ќе продолжи да работи на имплементација на нови функционалности и алатки во е-трговија кои ќе ја унапредат работата и ќе го подигнат корисничкото искуство на ново ниво во иднина.  

AETM: НЛБ Банка има меѓународно искуство, имајќи предвид дека потекнува од Групација која има искуство во имплементација на иновативни дигитални плаќања. Дали одредени земји од Групацијата (пример Словенија) е понапредна во имплементација на иновативни дигитални плаќања во споредба со Македонија?

Весна: Предноста да бидете дел од една регионална групација лежи токму и во групниот пристап кон имплементација на нови иновативни плаќања, како што е дигиталниот паричник NLB Pay, имплементација на Gpay плаќања, воведување на NLB Smart POS апликацијата. 

Но, сепак може од пазар до пазар да се направи разлика, па така НЛБ д.д. и воопшто словенечкиот пазар за разлика од останатите земји членки на Групацијата се издвојува со значително поголема дигитална пенетрација, односно клиентите користат многу повеќе дигитални канали за плаќање во однос на традиционалните –  пр. за правните субјекти овој процент се движи над 90% . За да добиеме појасна слика ќе потенцираме дека и PSD2 регулативата на овој пазар е во примена веќе неколку години и отворена е можноста за влез на нови играчи на пазарот (финтек компании) кои се и движечката сила на новите иновативни сервиси и плаќања. Понатаму, имплементирана е и инфраструктурата за инстант плаќања, како и домашната шема  за инстант плаќање FLIK, која поддржува широк спектар на случаи на употреба, како што се P2P плаќања (трансфер на средства во реално време од едно на друго лице), плаќање на комерцијални/трговци локации (P2M), инстант плаќања преку електронска трговија и др.

AETM: Велиме дека едукацијата игра значајна улога во подобрувањето на искуството поврзано со е-трговија, како на страната на корисниците на услугите, така и на страната на е-трговците. Колку НЛБ Банка како значаен играч во е-трговијата придонесува да едуцирање на своите клиенти, од една страна како корисници на платежни картички, а од друга страна и како корисници на виртуелен пос терминал за онлајн плаќања?

Весна: Не може доволно да се потенцира важноста на добрата, транспарентна и континуирана комуникација, особено во областа во која оперира НЛБ Банка, каде што секое потенцијално недоразбирање може да влијае на довербата, прифаќањето и користењето на услугите. Наша примарна задача е да обезбедиме корисни и безбедни услуги и продукти за корисниците, но самото тоа подразбира и дека треба да понудиме финансиска едукација за да ги сфатат нивните предности и примена, како што е на пример е-трговијата. Нашиот принцип е да ги користиме сите канали и да комуницираме во реално време – давајќи им на потрошувачите увид не само во услугите и продуктите кои ги имаат на располагање, туку и во начините за нивна безбедна примена за да постигнат максимална и непречена продуктивност и задоволство. Во ерата на можности во која живееме, благодарни сме што имаме голем избор на алатки, механизми и канали преку кои се обидуваме да го зголемиме нивото на финансиска едукација кај корисниците. Социјалните мрежи, но и стандардните медиуми, помагаат информациите брзо да се прошират до голем број луѓе, директната комуникација со нив, промоциите и слични механизми овозможуваат да допреме до  пошироката популација. Неодамна ја воведовме во употреба и NLB Smart POS апликацијата, која е првата tap-on-phone апликација со функција на ПОС терминал во земјава, која им овозможува на трговците да прифаќаат плаќања со картичка без дополнителен хардвер. Сега, предизвикот е да информираме зошто апликацијата им е потребна и како таа ќе им ја подобри оперативноста и продуктивноста на претприемачите, за што немаме сомнение дека ќе биде добро прифатено од сите наши корисници. Како што споменав претходно, јасната и транспарентна комуникација е клучна за клиентите да се чувствуваат информирани и безбедни околу банкарските услуги кои ги користат, па затоа НЛБ Банка настојува да биде и едукатор, покрај примарната дејност на обезбедување на финансиски услуги и продукти.

AETM: НЛБ Банка беше златен партнер на годинешното доделување на награди на најдобрите во македонската е-трговија за 2023 во организација на АЕТМ. Сметате ли дека одржувањето на вакви настани ги стимулираат е-трговците да ги подобруваат своите услуги во иднина со цел да бидат повеќе конкурентни за освојување на награди?

Весна: Како дигитално напредна банка која прва на пазарот понуди решение за онлајн плаќање, НЛБ ги поддржува и охрабрува сите активности поврзани со промоција на е-трговијата. Секој настан, и воопшто секоја можност за поддршка, промоција, развој и имплементација на безбедна и сигурна е-трговија е добродојдена и сакаме да бидеме дел од неа. Овој настан иако го бележи своето трето издание успеа неверојатно брзо да се етаблира и признае како значајна манифестација која на едно место ги собира е-трговците со цел да ги препознае и издвои најдобрите.

Вашата иницијатива е за поздрав бидејќи силно верувам на овој начин придонесуваме  за развој на е-трговијата и подигнување на свеста за нејзиниот потенцијал и придобивки. 

Со заеднички сили и колаборација можеме да ја зајакнеме конкурентноста во овој сектор, да ги мотивираме е-трговците и да го унапредиме нивното работење. Ние како банка подготвени сме да ги следиме потребите на пазарот и да одговориме соодветно на брзите промени и технолошките трендови за да бидеме конкурентни и да ги задоволиме потребите на пазарот и нашите клиенти. Иновациите, одржливоста се дел од нашите ЕСГ принципи на делување и ние како банка секогаш ќе бидеме дел од позитивните промени.