Новости од е-трговија

[Интервју] Сашка Николовска, БЕ-ДА Експрес: Технологијата веќе одамна го држи ритамот и го диригира растот на еден бизнис – задолжително е за секој да биде во чекор со дигитализацијата

Во интервјуто со менаџерот на БЕ-ДА Експрес, Сашка Николовска, разговараме за суштинското значење на логистичките компании во синџирот на е-трговијата, активното дигитализирање на работните процеси, како и за соработката на курирската компанија со клиентите-соработници од сферата на е-трговијата.

АЕТМ: Неизбежно е да се забележи дека постојано расте интензитетот на понудата за компании за логистика во нашата земја. Кажете ни нешто повеќе за вашата компанија; од кога постои БЕ-ДА Експрес на македонскиот пазар и какви се нејзините капацитети кога станува збор за видови на услуги, членови на тимот и територијалниот опсег на опслужување на клиенти? Знаејќи дека во е-трговијата одличната функционалност на еден логистички сервис е една од клучните работи за задоволни клиенти, колкав е временскиот период за кој може да се очекува испораката на една пратка?

Сашка Николовска: Наша експертиза е токму логистиката и обожаваме да зборуваме и секојдневно да учиме од неа и за неа. Со нашата компанија БЕ-ДА Логистик имаме 10 години докажано искуство и од тука потекнува нашата желба да го преточиме искуството во компанија за поштенски услуги. Појавата на е-трговијата дополнително не мотивира, па така, БЕ-ДА Експрес на домашниот пазар се појавува во 2020 година, баш во оние најнеизвесни моменти со светската пандемија и глобалната економија. Започнуваме со работа од 9тиот месец во 2020, па еве не сега 8 месеци подоцна од нашето постоење, ние успеваме да се градиме како бренд кој нуди одлична услуга и е во тек со технологијата. Со нашата достава успеваме да покриеме 100% од територијата на нашата земја

За начинот на кој функционираме може да се каже дека сме целосно дигитализирани, од нашите доставувачи, контакт агентите, менаџерите, па дури и клиентите имаат увид во real time доставата. Го искористуваме брзиот напредок на технологијата и како нешто што би го истакнале во нашата работа е електронските документи заедно со електронско потпишување, скенирање и сите потребни работи во целокупниот процес на достава, односно, избегнуваме непотребно користење на хартија и документи. Прашањето со временскиот период е доста деликатно и овде може да се согласат сите наши колеги кои се занимаваат со истата дејност, овде влијаат многу фактори, меѓутоа ние секогаш се трудиме да сме брзи и експресни со доставата, а истото со цел да ги опслужиме нашите клиенти навремено. Затоа, ние секојдневно преминуваме низ голем број на предизвици и се надоградуваме со цел да испорачаме безбедно и брзо. 

АЕТМ: Во изминатата година бизнисите беа обземени од влијанието на глобалната пандемија и постојано изнаоѓаа начин за адаптирање и надминување на наложената ситуација. Како изгледа работниот процес на БЕ-ДА за време на ковид-19; дали активно го дигитализиравте вашето работење како карактеристика на прилагодувањето на пандемијата? 

Сашка Николовска: Изминатата година беше огромен влез во непознатато за сите бизниси, така што и за нас не беше нешто различно. БЕ-ДА Експрес како што спомнавме е отворена во овој голем БУМ на ковид-19 и самиот бизнис план на нашата компанија е прилагоден токму на дигитализација. Искрено, ние сме свесни дека технологијата веќе одамна го држи ритамот и го диригира растот на еден бизнис, и пандемија или не, задолжително е за секој мал или голем бизнис да биде во чекор со дигитализацијата. 

Самиот процес на работа на БЕ-ДА Експрес, на самиот старт е токму во синхронизација со дигитализација и немавме потреба да вложуваме во големи напори за прилагодување. Може да се каже дека нашето искуство беше обратно, се прилагодувавме на давање најдобри услови за работа на нашите вработени согласно препораките на Владата, а истото со цел да ги заштитиме од ковид-19 и да го зачуваме нивното здравје и благосостојба во тие тешки моменти каде што целата земја беше “под клуч” а дел од нашите вработени односно куририте беа на терен и овозможуваа беспрекорно извршување на достава.

АЕТМ: Како и во целиот свет, така и кај нас е-трговијата за време на глобалната пандемија бележи неверојатен раст. Неизбежен и суштински дел од целокупниот синџир на е-трговија е токму доставата. Дали во портфолиото на клиенти на БЕ-ДА Експрес можат да се најдат клиенти-соработници кои се од сферата на е-трговијата? Ако да, што можете да ни кажете за соработката со нив во изминатиов период?

Сашка Николовска: Токму така. Светот најде друг начин да не го запре своето движење и посебно потрошувачите и конзумантите на одредени производи, го диктираа начинот на кој што еден трговец ќе добива профит, и тој начин е да постане е-трговец. Доставата не е само дел од целокупниот синџир, таа е најдобар пријател/партнер на е-трговијата. 

Во нашата база на клиенти е неизбежно да се сретнат тие кои се од сферата на е-трговијата. Соработката со нив е едно големо и интересно искуство затоа што секој од нив е уникатен на свој начин. Свесни дека е-трговијата во изминатиот период беше во пораст и се уште е, ние експресно одговоривме на зголемената побарувачка.  Кај овој вид на трговци може да се сретнете со оние кои се помалку искусни во полето на технологијата и со оние кои што немаат проблем со внесување на своите нарачки во апликацијата (која е неизбежен дел доколку соработувате со БЕ-ДА Експрес). Ние како компанија која е пред се пријателски настроена и професионална, секогаш ни е драго кога наоѓаме начин да помогнеме во растот на бизнисот на своие клиенти.

АЕТМ: Процесот на подобрување на услугите на една курирска компанија е задолжително за конкурентноста на пазарот, со оглед на тоа што понудата за курирски компании постојано се зголемува. Како БЕ-ДА се разликува од останатите компании за испорака; кој аспект од целиот работен процес на вашата компанија би го издвоиле како аспект на кој највеќе се гордеете?

Сашка Николовска: Горе веќе споменавме дека технологијата е таа што го држи ритамот на работа и дава прв чекор пред другите. Ние сме насочени токму кон тоа, имаме одличен тим на девелопери кои неуморно работат и ја усовршуваат нашата апликација со цел самата да биде полесна за користење како од страна на нашите вработени така и од страна на нашите клиенти.  Апликацијата на БЕ-ДА Експрес е направена по највисоки стандарди и дава одличен увид и статистички извештаи како за нас како компанија, така и за нашите клиенти. Следењето на пратката од моментот на подигнување, па се до нејзино доставување со сите пропратни коментари за нејзиното патување се многу привлечни и практични за клиентите, а истото е надополнето и со СМС известувања за приемачот, каде што може да ги следи статусот и коментарите од нашите доставувачи за неговата пратка. Уште една корисна придобивка од нашата апликација е можноста сами да ја интегрираат апликацијата во својата страна преку API сервис. Сепак без сомнение, во доставата поголем удел игра човечкиот капитал и неговиот капацитет. БЕ-ДА Експрес е во постојана трка со времето и менаџерите кои ги имаме се одлични спринтери. 

Па она со што се одвојуваме од нашите колеги би биле – професионална услуга и одлична апликација.

АЕТМ: Што можете да ни кажете за вашата понатамошна работа; како изгледа иднината за БЕ-ДА Експрес? Што е следно кога станува збор за оптимизација и унапредување на вашиот целокупен процес на работа со пратки? Дали можеби ќе се посветите на иновативни решенија кои ќе го олеснат целокупниот процес за испорака во претстојниот период?

Сашка Николовска: БЕ-ДА Експрес дефинитивно полека но сигурно се движи по нагорна линија и секако е овде на долгорочен план. Оптимизација, унапредување и иновативноста одат рака под рака. Нема да ви откриеме многу, но сепак доволно е да потенцираме дека нашиот тим е составен од млад и амбициозен кадар кои се големи визионери и имаат практични идеи кои пред се се реални и возможни. Веќе работиме на нов проект кој за брзо време ќе биде пласиран на пазарот и ќе биде еден од најиновативните проекти во нашата држава и реонот. Подетални информации во однос на овој проект ќе ви откриеме во следното интервју. 

Секако дека целиме кон подобрување, олеснување и забрзување на целиот процес за испорака и работиме кон убрзување на испорака и на ненаселените места. 

АЕТМ: За крај, дали мoжете ли да ни откриете што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои сѐ уште (ако има такви) не го искусиле онлајн купувањето?

Сашка Николовска: Последната работа што ја купивме беше подарок за роденден за наш вработен и беше сет од 3 торби за патување. Мала мотивација и надеж за летниот период, па и другите што следуваат дека набрзо ќе излеземе и ќе прошетаме слободно без грижа и страв од ковид -19.

На сите оние кои што навистина се сомневаме дека немаат искусено онлајн купување па и на оние кои веќе се активно впуштени во онлајн шопингот, би им препорачале да внимаваат како и каде ги оставаат своите лични податоци како и да проверуваат дали трговецот од кој што го нарачуваат производот е верификуван и дали работат со лиценцирани курирски компании.