Новости од е-трговија

[Интервју] Мартин Милевски, Delivery10: На крајот на денот, сé почнува и завршува со луѓето

AETM: Delivery10 неодамна стана дел од понудата за логистика на македонскиот пазар. Кажете ни нешто повеќе за вас; од колку членови се состои вашиот тим и кој е територијалниот оспег на кој Delivery10 ги извршува своите услуги? Што ве инспирираше токму сега да основате компанија за брза достава на пратки?

Мартин, Delivery10: Така е, Бизнис Деливери 10 е релативно нова компанија, но позади нас стои бренд со 35 годишно искуство во сферата на логистиката, тоа е Боми 10 Логистик компанија која се занимава со меѓународен транспорт и шпедиција, па така целото искусто од таму го преточивме во една нова компанија за внатрешен транспорт и поштенски услуги со што во моментов нудиме комплетни логистички решенија за нашите клиенти. 

Бизнис Деливери 10 располага со најсовремен возен парк и најсофистициран систем за онлајн следење на пратки, како стручен и обучен кадар составен од над 50 вработени, со што нудиме брза испорака на поштенски пратки на територија на целата држава. Независно на кое ниво од хиерархијата се наоѓа секој наш вработен има искуство во дејноста и посетува обуки, затоа што на крајот на денот се почнува и завршува со луѓето. 

AETM: Она што го забележавме во изминатата година е дека отворање на една компанија за време на глобална пандемија претставува навистина огромен предизвик. Кои беа најголемите пречки и потешкотии со кои се соочи Delivery10? Каков е начинот на адаптација на компанијата во овој предизвикувачки период?

Мартин, Delivery10: Бизнис Деливери 10 се основа баш во ек на пандемија, па не можеме да наравиме компарација со тоа како било во поштенскиот сектор претходно. Целата оваа ситуација беше предизвикувачка за нас, од причина што имавме навистина динамичен старт, што ни овозможи за многу брзо време да ги осознаеме барањата и потребите на клиентите и примачите на пратките, што во принцип и не е толку лошо. 

AETM: Можеме да забележиме дека конкуренцијата во индустријата која се занимава со достава на пратки се покажа како неопходна за време на ковид-19, а воедно и постојано се зголемува. Со што се разликува Delivery10 од останатите компании за испорака?

Мартин, Delivery10: Она што не издвојува од конкурекцијата е како што спомнав погоре е традиција (постоиме повеќе од 30 години и имаме огромно портфолио на задоволни клиенти). Овозможуваме комплетни логистички решенија за мали и средни бизниси, располагаме со најсовремен софтвер за следење на поштенски пратки во кој што има модул специјализиран за онлајн трговци, преку кој што е овозможен комплетен интефејс помеѓу нашиот и софтверот на трговецот, што во превод значи автоматизација и скратено време за припрема на нарачки, односно среќни и задоволни клиенти.

AETM: При основање на еден бизнис од областа на е-трговија, суштински дел е избирањето на соодветна компанија за логистика. Успешната реализација на испораката на една е-продавница придонесува за одлично искуство и фидбек од страна на е-купувачите. Каков е начинот на работа на Delivery10? За колкав временски период може да се очекува една пратка да биде испорачана?

Мартин, Delivery10: Ние како компанија за поштенски услуги сме лицето на сите наши клиенти затоа што нашите доставувачи се единствените лица кои имаат физички контакт со купувачите, од таа причина сме свесни за одговорноста која како компанија ја носиме. Сите испораки на пратки се од адреса до адреса во рокови кои опфаќаат од 1 час до неколку дена, зависно од потребите на клиентот. Сепак најголемиот процент од доставите се извршуваат во рок од 24 часа. За нас е важно сите корисници да имаат позитивно искуство од нашата услуга, затоа максимално се трудиме сите вработени да бидат љубезни, брзи, доверливи, униформирани и легитимирани. За нас довербата е од круцијално значење.

AETM: Иако Delivery10 е релативно нова логистичка компанија, што можете да ни кажете за вашите идни планови? Какви се вашите идеи и што е следно кога станува збор за оптимизирање и унапредување на вашите услуги во текот на 2021?

Мартин, Delivery10: Работиме на неколку проекти за автоматизација. Во оваа дигитална ера за нас е најважно да ги следиме трендовите и да овозможиме сигурност и брзина во доставата. Надвор од странардните услуги ќе ставиме акцент на комплетни логистички решенија за е-трговци преку нашиот нов логистички центар во Општина Илинден кој се простира на 40 000 м2, со вкупна складишна површина од 11 000 м2 поделен на 2 магацини, каде нудиме складирање, чување, сортирање, декларирање, пакување, припрема за испорака и испорака на нарачки до краен клиент. На подолг рок планираме проширување на деловната мрежа.

AETM: За крај, дали може да ни кажете која е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство со е-трговијата? Дали ќе продолжите да ја практикувате истата во иднина?

Мартин, Delivery10: Многу често купувам онлајн, затоа што слободно време имам се помалку. Последен пат нарачав облека, со еден клик, доставата ја изврши мој колега и искуството се разбира дека беше позитивно. Од направена нарачка до достава чекав само 2 работни дена.