Во интервју со Марко Василески, IT менаџер во компанијата Ramstore – еден од водечките брендови за малопродажба кој е основан во 2005 година и успешно ги комбинира традицијата и иновациите за да обезбеди висока услуга на купувачите низ Македонија. Со 27 маркети во 8 градови, Трговскиот центар Ramstore Mall и онлајн продавницата ramstoredodoma.com.mk, компанијата се истакнува по својата иновативност и посветеност на потребите на потрошувачите.
Со воведувањето на онлајн продавницата ramstoredodoma.com.mk, која нуди над 5.000 производи и достава до врата во Скопје, компанијата им овозможува на купувачите удобност и ефикасност, како и доверба и сигурност при онлајн купувањето како верификуван е-трговец со Беџот за верификуван е-трговец.
Дополнително, компанијата ја нагласува важноста на иницијативите на АЕТМ за едукација на купувачите и промоција на регистрираните е-трговци, со цел намалување на сивата економија и зајакнување на онлајн трговијата во Македонија. Тие сметаат деак овие активности придонесуваат за создавање на лојална и информирана база на потрошувачи кои ги препознаваат предностите на купување од верификувани и сигурни е-продавници.
АЕТМ: Ramstore е еден од најголемите брендови во малопродажбата на македонскиот пазар од 2005 година кој нуди квалитетна услуга на купувачите низ целата земја. Можете ли да споделите некои клучни достигнувања кои имаат придонесено за трајниот успех и репутација на Ramstore како доверлив бренд со огромна традиција во нашата земја?
Марко од Ramstore: Рамстор веќе 19 години успешно создава уникатна приказна и препознатлив бренд во Македонија. Денес Рамстор ги нуди своите услуги во 8 различни градови низ државата со вкупно 27 маркети со вкупна површина од 27.000 м2, една онлајн продавница- ramstoredodoma.com.mk и Трговскиот центар Рамсторе Мол лоциран во срцето на градот, кој е првиoт трговски центар кој е создаден и работи со глобални стандарди.
Нашиот главен принцип на работа е создавање разлика во малопродажниот сектор, каде што сме лидери, преку имплементација на иновативни практики, давање на услуги кои ги надминуваат и очекувањата преку создавање на висока свест за потребите на потрошувачите и обезбедување на постојан раст проследено со активности со кои се придржуваме кон законодавтсвото и регулативите како и до правилата за корпоративното управување.
Вработените имаат значајна улога во успехот на компанијата и претставуваат вреден ресурс на истата. Денес Рамстор работи со талентирани и стручни лица, со што достигнавме бројка од 700 вработени, кои се дел од приказната за градење на нашиот бренд. Како компанија се стремиме да бидеме онаму каде што се нашите купувачи и потенцијални потрошувачи, а нашиот иновативен и лидерски стил е она што не издвојува на пазарот и што дава јасен сигнал за нашата положба во малопродажниот сектор на Македонија.
Програма за лојалност Ramstore Club Card, претставува успешен проект и голем фаворит на потрошувачите која влијае врз градењето на доверлив бренд, особено ако се земе предвид фактот дека има пријателска ориентираност кон потрошувачите, благодарение на својата едноставна математичка филозофија која гласи eден поен = еден денар при трошење на собраните поени. Исто така воведувањето на Рамстор мобилна апликација која е едноставна и практична за користење, со лесно следлива патека, што овозможува најавување преку Рамстор Клуб картичката, каде корисниците имаат можност да добиваат известувања за актуелните промотивни активности и попусти. Притоа корисниците можат во целост да ги следат трошењата и заштедите, како и да имаат увид во деталите од поените кои ги имаат на клуб картичката, како вкупен попуст, искористен бонус и преостанати поени.
Нашиот посебен печат е иновативност, врвна услуга, обезбедување постојано новитети и нови производи кои ќе ги задоволат најразличните вкусови, проширување на понудата, следење на трендовите на малопродажниот сектор, сè со цел следење на пулсот на потрошувачите.
АЕТМ: Лансирањето на услугата за онлајн купување на ramstoredodoma.com.mk означи значително проширување на понудата на Ramstore, обезбедувајќи им на купувачите едноставен начин да купуваат намирници од удобноста на нивните домови, или пак во движење. Што ја мотивираше вашата одлука да ја воведете оваа услуга и како истата беше примена од страна на купувачите од самото лансирање, па сè досега?
Марко од Ramstore: На воведувањето на услугата за онлајн купување ramstoredodoma.com.mk и претходеше долгорочно планирање чија што главна поставена цел беше да се задоволат потребите и исполнат очекувањата на потрошувачите, особено сега во услови на променето делување каде потрошувачите се сè повеќе свесни што сакаат да купат, а притоа и бараат поедноставен начин на пребарување и купување на производот. Денес купувачите бараат да ја изберат најдобра понуда во дадениот момент сè со цел испорака на највисока вредност за нив. Процесот на глобализација, последиците од Ковид пандемијата, зголемените барања на потрошувачите, флексибилноста која ја нудат новите работни места за работа од дома, како и брзорастечките промени во технологијата бара од организациите да воведуваат промени, па така и наша главна мотивација зад одлуката за лансирање на онлајн продавница беше да одговориме на променливото окружување, кое имаше значајно влијание врз целокупното онлајн работење и развојот на онлајн бизниси. Промената е неопходна за да се држи чекор со конкуренцијата, да се постигне висок квалитет на производите и услугите и да се исполнат очекувањата на потрошувачите.
Наша примарна цел е да им овозможиме на нашите клиенти едноставен, удобен и ефикасен начин на купување намирници, без ралика дали се наоѓаат дома или во движење.
Онлајн продавницата им нуди на потрошувачите широка понуда за купување намирници со палета од над 5.000 производи поделени во различни категории, проследено со брзо и безбедно искуство во пазарувањето, како и достава до вратите на потрошувачите 7 дена во неделата, кој што систем за достава во овој момент врши испорака само во Скопје.
Мобилните апликации го трансформираа начинот на кој се поврзуваме со другите и обезбедуваат лесен пристап за корисникот со клик до апликацијата кое често е многу побрзо и полесно отколку пристапот до веб страната на компанијата. Свесни дека денес пристапуваме до Интернет и користиме мобилни услуги повеќе од било кога, па затоа на ramstoredodoma.com.mk може да се пристапи не само преку веб страницата за онлајн продажба, туку и преку мобилната апликација.
Освен што ги задоволува потребите за удобност и ефикасност, купувањето преку онлајн продавницата ramstoredodoma.com.mk им овозможува на купувачите да заштедат време, што е особено важно во денешното брзо темпо на живеење и динамичениот живот, но им обезбедува и висока флексибилност овозможувајќи им да ги направат своите пазарувања според нивните лични моментални потреби и дневен распоред на време и обврски. Воведувањето на услугата за онлајн купување е успешна и иновативна иницијатива на Рамстор, која не само што ги задоволи потребите на купувачите туку и натаму продолжува да работи на тоа да ги исполни нивните очекувања за беспрекорна услуга.
AETM: Ramstore е компанија која покрај тоа што е член на АЕТМ и дел од македонската заедница за е-трговија, е меѓу првите компании кои го поставија Беџот за верификуван е-трговец од самото негово лансирање во 2021 година на ramstoredodoma.com.mk. Беџот има за цел да им укаже корисниците дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има поминато соодветните проверки од АЕТМ за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата. Кое е вашето мислење за Беџот за верификуван е-трговец? Зошто сметате дека е важно да се има ваков Беџ кај е-трговците?
Марко од Ramstore: Беџот како ознака им помага на купувачите полесно да донесат одлука и проценка за сигурноста при купувањето на Интернет. Со користењето на Беџот, купувачите се сигурни дека нема да бидат измамени во поглед на информациите поврзани со производите, начинот на плаќање, како и тоа дека ќе бидат услужени со квалитетен производ кој ќе биде правилно доставен. Ramstoredodoma како верификувана онлајн платформа го користи тој Беџ од првиот ден и со особено внимание пристапуваме кон ваквите практики каде преку Беџот се проверени и елементите за заштита на лични податоци, што го зголемува нивото на доверба и овозможува висок кредибилитет и сигурност, што е од особено важно значење во услови на зголемени измами со Фејсбук продавачи и останати нерегистрирани електронски продавници.
Среќни сме и задоволни што нашите купувачи препознаа во нас сигурен трговец кој ги исполнува во целост нивните очекувања и испорачува повисока вредност во секоја фаза од купувањето.
АЕТМ: Неодамна, АЕТМ ја лансираше веб-платформата ecommerce.mk/badge која има за цел да придонесе во континуираната борба за намалување на сивата економија и нерегистрираните продавачи и да ги промовира регистрираните и верификуваните е-трговци преку многубројни активности. Дали сметате дека вакви иницијатии се од особено значење за бизнисите и може да помогнат и ги едуцираат крајните купувачи за важноста да се купува од регистрирани и верификувани е-трговци, наспроти Фејсбук продавачи, а со тоа и придонесе кон подобрување на сликата за е-трговијата во целост?
Марко од Ramstore: Сè почеста е појавата на нерегистрирани продавачи кои влијаат негативно врз развојот на е-трговијата, а следствено на тоа и на поттик на сивата економија и создавање на нелојална конкуренција за регистрираните онлајн продавници. Едукацијата на крајните купувачи е важен сегмент во целокупниот процес на подобрување на сликата за е-трговија во нашата држава, бидејќи од степенот на едукација на купувачите, нивната свесност и можноста за правилна дистинкција меѓу верификуван трговец и нерегистриран продавач зависи успешноста на спроведување на онлајн процесите.
Регистрираните трговци заедно со АЕТМ мора активно да работат со внимателно насочени промотивни активности и иницијативи на имплементирање на правилата и прописите за работење со електронска продавница и јасно посочување на предностите и придобивките од истото. Од друга страна, потребни се и активности за мотивирање на крајните потрошувачи да купуваат и промовираат електронски продавници кои се верификувани и во кои имаат целосна доверба во сите фази од процесот на купување. Промотивните активности на АЕТМ треба да бидат насочени и кон двете страни од процесот на електронска трговија, за постигнување на повисок ефект врз онлајн продажбите.