[Интервју] Марјан Николовски, извршен директор во Emit Knowledge: За да станеме лидер во регионот се потребни промени и подобри системи за наплата кои наликуваат конкурентните ширум светот.

Оптимизирањето на работните обврски со цел поуспешно менаџирање на компаниите и бизнисите станува една од најважните компоненти за успех. Envoice.in е компанија која создава алатка за дигитално фактурирање и наплата на фактури на PayPal, Payoneer и Stripe. За основните дејности за компанијата и пробивање во светот на е-трговијата разговараме со извршниот директор во Emit Knowledge, Марјан Николовски.

 

АЕТМ: Основната дејност на Envoice.in е креирање на софтверски решенија поврзани со онлајн продажба и наплата кои се користат и во нашата земја, и во странство.  Дали во последниот период поради вонредната состојба со COVID-19 и несомнено зголемување на онлајн наплатата, наидовте на зголемена побарувачка за вашите софтверски решенија?

Марјан Николовски: Интересот останува ист, можеби со благи позитивни наклони кои се статистички небитни. Овој период поголем предизвик на компаниите е да останат ликвидни и да имаат работа. Envoice е јагода на шлагот, бидејќи треба да имате работен ангажман за да може да наплатите.

АЕТМ: Дали може да ни кажете нешто повеќе за вашата онлајн базирана алатка за електронско креирање и наплата на фактури. Како функционира оваа алатка? Кои предности ги нуди нејзиното користење?

Марјан Николовски: Envoice настана како идеја да го реши проблемот со рачното менаџирање и издавање на фактурите. Од тука, следениот логичен чекор беше да овозможиме наплата на истите преку интернет. Online наплатата и официјалните партнерства кои ги остваривме со Stripe, Payoneer и Square придонесоа да се случи раст. Концептот е едноставен, испраќате фактура до вашиот клиент, тој истата може да ја плати со картичка. Откако плаќањето ќе се реализира, фактурите автоматски се маркираат за платени. Оние фактури кои не се платени, ситемот автоматски испраќа потсетници до клиентите, со цел да се подмират долговите.

АЕТМ: Дали покрај креирањето и наплатата на фактурите, алатката овозможува следење на отворени мејлови за испратените фактури и целосен финансиски извештај за вашите корисници? Какво е искуството на домашниот пазар по запознавањето со оваа алатка?

Марјан Николовски: Секако, една фактура има свој животен циклус и во тој циклус сите битни настани се евидентирани, вклучувајќи: кога е создавена, променета, отворена, симната како PDF, платена, одбиена, коментирана и слично. Од аспект на финансии, имаме едноставен извештај за сите издадени фактури, каде крајниот корисник може да пребарува низ периоди со цел да добие појасна слика за наплатата, клиентите и услугите/производите кои ги продава. Локалниот пазар е нешто ново за нас. Од скоро време почнавме да соработуваме со локални бизниси. Искуството е позитивно. Начелно се работи за соработка со модерни компании кои ја разбираат потребата за брза наплата и електронско водење на фактурите.

АЕТМ: Освен креирање и наплаќање на фактури, објавивте и нов модул за онлајн продажба, кој помага при продажба на производите и услугите директно преку Facebook и Facebook Messenger, Instagram, Email newsletter, Facebook, Google Ads или преку веб-страницата на клиентот. За кого според вас, е најмногу наменет овој модул и што се решава или олеснува со неговото користење?

Марјан Николовски: Овој модул е наменет да работи комплементарно со било кое e-commerce решение. Целта е да се избегнат стандардните чекори при наплата како: одбери продукт, стави во кошничка, подеси количина, стисни наплати, регистрирај се па внеси картичка. Envoice ве носи директно на checkout страна каде може веднаш да го купите производот. – опцијата е позната како Single click checkout.

АЕТМ:Поради ситуацијата со COVID-19, вашата компанија, со цел солидаризирање со е-заедницата, бесплатно ја нуди алатката Envoice. Koи бизниси можат да ја користи оваа бесплатна алатка, и дали временскиот период за нејзиното користење е ограничен?

Марјан Николовски: Секој бизнис издава фактура за завршената работа. Секој услужен бизнис е идеален кандидат за Envoice. Ние ќе дадеме поддршка на локалните бизниси во времетраење од 3 месеци. Секој кој што ја идентификува потребата да издава електронски фактури и да ги наплати истите со картичка е добредојден.

АЕТМ: Од неодамна, Envoice e член на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Дали сметате дека развојот на е-трговијата во нашата држава се движи во нагорна линија и имаме потенцијал да станеме регионален лидер во е-трговија како дејност?

Марјан Николовски: Секако дека се движиме во нагорна линија. Тоа се светски трендови. Меѓутоа, за да може да станеме лидер во регионот, не е потребен само позитивниот тренд. Потребно е да се реформираат постоечките закони, да се намалат даноците, трошоците за испорака, да започнеме со локално производство и секако да имаме подобри системи за наплата кои наликуваат конкурентните ширум светот.