Разговараме со Кристина Арсовска, маркетинг директор на компанијата Горска, реномиран бренд на македонскиот пазар познат по својата две-децениска традиција како успешно го балансира своето богато наследство со променливите барања во дигиталната ера преку нивната онлајн продавница kupigorska.mk. Кристина открива дека стратешкиот фокус на компанијата е насочен кон технолошки развој и иновации, со цел задоволување на секогаш променливите преференции на потрошувачите. Се истакнува посветеноста на Горска за промоција на здравиот животен стил, што е прикажано преку иницијативи како кампањата „Gorse on the move“, која охрабрува физичка активност и свест за хидратација преку бесплатно овозможување на вежбање со врвни инструктори. Дополнително, дискутиравме за важноста на Беџот за верификуван е-трговец, кој е поставен кај компанијата од самите почетоци на Беџот во 2021 година со цел градење доверба кај потрошувачите и борба против сивата економија.
АЕТМ: Е-продавницата kupigorska.mk е дел од компанијата Горска Дооел и реномираниот бренд Горска вода кој постои на македонскиот пазар повеќе од 20 години. Како компанијата ја балансира својата долгогодишна традиција со потребата за иновации и прилагодување на променливите потреби и желби на купувачите во дигиталната ера преку kupigorska.mk?
Кристина од Горска Вода: Горска Дооел како компанија која има за цел да оствари одржлива конкурентска предност на пазарот, посебно внимание посветува на развојот на технологијата и на воведувањето на иновации. Како компанија со долгогодишна традиција, се стремиме кон тоа секогас да ги задоволиме вкусовите на потрошувачите кои постојано еволуираат. Токму затоа, со цел следење на потребите на модерниот потрошувач, решивме да воведеме уште еден канал на продажба и започнавме со е-продавницата kupigorska.mk.
АЕТМ: Хидратацијата и активниот животен стил се неопходни за одржување на здрав начин на живот, а kupigorska.mk игра клучна улога во едукацијата на купувачите токму на овие теми. Можете ли да споделите некои иницијативи или кампањи на вашата компанија кои имале за цеп да ја подигнат свеста за хидратацијата и важноста за спортувањето и да ги охрабрат луѓето да ги вклопат овие 2 работи во нивната секојдневна рутина?
Кристина од Горска Вода: Една од главните цели на нашата компанија е промоција на здрав животен стил, грижа за здравјето на нашите потрошувачи и подигнување на свеста за хидратација и спортување. Во таа насока, многу голем дел од промотивните активности на Горска се поддршка и организација на спортски настани. Како интересна и успешна кампања би ја издвоиле иницијативата “Gorska on the move”, преку која организиравме бесплатно вежбање со врвни инструктори. Токму и целта на проектот беше потенцирање на важноста на физичкото и психичкото здравје на луѓето, како и потсетување за значењето на водата како најважна материја и основна компонента на човековото тело. Истиот предизвика многу позитивни реакции и беше широко прифатен од граѓаните.
АЕТМ: Вашата компанија е меѓу првите компании кои го поставија Беџот за верификуван е-трговец на својата е-продавница од самото негово лансирање во 2021 година. Беџот има за цел да им укаже корисниците дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има поминато соодветните проверки од АЕТМ за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата. Кое е вашето мислење за Беџот за верификуван е-трговец? Зошто сметате дека е важно да се има ваков Беџ кај е-трговците?
Кристина од Горска Вода: Беџот за верификуван е-трговец го поставивме на нашата е-продавница kupigorska.mk со цел да им овозможиме на купувачите лесно да препознаат дека станува збор за регистриран правен субјект кој уредно ги исполнува законските услови за продажба преку е-трговија. Придобивките од поседување на ваков беџ се многубројни, а како најзначајни би ја издвоиле зголемената доверба при купување како и сигурност дека е-трговецот е регистриран правен субјект.
АЕТМ: Неодамна, АЕТМ ја лансираше веб-платформата ecommerce.mk/badge која има за цел да придонесе во континуираната борба за намалување на сивата економија и нерегистрираните продавачи и да ги промовира регистрираните и верификуваните е-трговци преку многубројни активности. Дали сметате дека вакви иницијатии се од особено значење за бизнисите и може да помогнат и ги едуцираат крајните купувачи за важноста да се купува од регистрирани и верификувани е-трговци, наспроти Фејсбук продавачи, а со тоа и придонесе кон подобрување на сликата за е-трговијата во целост?
Кристина од Горска Вода: Сметаме дека од особена важност е да се едуцираат купувачите за важноста да се купува од верификувани е-трговци. На овој начин, верификуваните компании би имале одредена предност пред останатите нерегистрирани продавачи, со што на долг рок се намалува сивата економија, а со тоа се стимулира продажбата од регистрирани, кавилифувани e-трговци.