[Интервју] Илир Реџа, GIZ – главен поддржувач на Ecommerce Awards

Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) од своите почетоци се стреми да развива соработка со локалните партнери во земјите каде е присутен, преку развојни проекти поврзани со добро владеење и демократија, животна средина и климатски промени и економски развој и вработување. Проектите на ГИЗ се поддржани главно од германското Министерство за економска соработка и развој (БМЗ), институциите на Европската Унија и други партнерски владини организации, додека активностите на ГИЗ се засновани на принципот на одржливост.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија заедно со ГИЗ и ЦЕФТА започна соработка како дел од проектот ГИЗ Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија (ОРФ ФТ) поддржувајќи го развојот на регионална платформа за е-трговија во ЦЕФТА регионот.

Во разговор со Илир Реџа, проект менаџер на ГИЗ за Проект еТрговија споделуваме повеќе околу работата на ГИЗ во Северна Македонија, соработката со Асоцијацијата за е-трговија и други релеватни партнери, ја анализираме моменталната состојба на е-трговијата и предизвиците кои стојат на патот на понатамошниот развој, развојот на регионалната платформа ecommerce4all и поддршката на разни настани во регионот поврзани со е-трговија.

АЕТМ: Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) како организација која нуди услуги во сферата на меѓународната соработка за одржлив развој е активна во повеќе од 102 држави во светот. На што се фокусираат активностите на ГИЗ во Северна Македонија?

Илир Реџа: Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) е активно во државата од 1992 година. Во соработка со локалните партнери од владата, граѓанското општество и приватниот сектор спроведуваме развојни проекти во три тематски области: добро владеење и демократија, животна средина и климатски промени и економски развој и вработување. Проектите на ГИЗ се поддржани главно од германското Министерство за економска соработка и развој (БМЗ), институциите на Европската Унија и други партнерски владини организации. Активностите на ГИЗ се засновани на принципот на одржливост. Веруваме дека само преку сплотување на социјалната одговорност, еколошкиот баланс и економските способности следните генерации ќе можат да имаат безбеден и достоинствен живот.

АЕТМ: ГИЗ исто така го поддржува зголемувањето на трговијата и конкурентноста на бизнисите во економиите на Западен Балкан воопшто и конкретно во е-Трговија. За што поточно станува збор?

Илир Реџа: Да, навистина. Во име на германското Министерство за економска соработка и развој (БМЗ) и Европската комисија, проектот ГИЗ Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа –Надворешна трговија (ОРФ ФТ) го поддржува спроведувањето на реформската агенда за трговија и конкурентност во ЦЕФТА регионот во согласност со барањата на процесот на приближување кон ЕУ. Крајната цел е поддршка на создавање заеднички пазар. Проектот овде, во различни аспекти, им помага на владините агенции, претпријатијата, стартапите и организациите за е-трговија да создадат средина со што ги олеснува и ги забрзува трговските процеси. Ги поддржуваме економиите од регионот да ги усогласат своите законодавни рамки, како и претпријатијата успешно да ги користат новите правила и регулативи. Сите активности имаат за цел да ги поддржат напорите на членките на ЦЕФТА во усогласувањето на клучните правила и процедури со acquis communautaire на ЕУ и да им помогнат и да ги охрабрат компаниите да се вклучат во регионални активности за е-трговија. Среќни сме што германската влада и ЕУ ја препознаваат важноста на темата со тоа што обезбедуваат дополнителни средства за регионална поддршка за е-трговија од 2022 година наваму. Ова ќе ни овозможи да ја зголемиме нашата поддршка.

АЕТМ: Добро, тогаш дозволете ни да зборуваме за е-трговијата во детали. Како ја оценувате моменталната состојба на е-трговијата во регионот? Што функционира добро? Кои се главните предизвици? Кои се придобивките од функционалниот регионален пазар за е-трговија?

Илир Реџа: Како што гледаме ширум светот, и во регионот вредноста на електронската трговија постојано расте и веќе денес го покажува нејзиниот огромен потенцијал за економски и социјален развој преку поттикнување иновации, воведување нови трговски модели и потрошувачки трендови и создавање нови работни места. Добрата вест е, исто така, што владите во регионот го препознаа овој економски потенцијал на е-трговијата и затоа на поддршката на е-трговијата ѝ дадоа важно место во Акцискиот план за заеднички регионален пазар (ЗРП АП), како и во Централноевропски договор за слободна трговија. Сепак, податоците покажуваат дека електронската трговија во споредба со другите пазари сè уште е во зародиш во регионот и дека обемот на трговија е прилично низок. На пример, денес во просек 10% од стоките и услугите се купуваат преку интернет. Оваа бројка изгледа уште полоша за бизнисите кои се занимаваат со електронска трговија надвор од нивните локални пазари. Најспомнуваните фактори кои претставуваат пречка се испораката на физички производи, царинските процедури и недостигот на опции за онлајн плаќање што предизвикува несоодветни високи трансакциски трошоци и правни несигурности. Ако успееме да се справиме со овие предизвици, потрошувачите и давателите на услугите на е-трговија еднакво ќе имаат корист од поголем пазар со пониски трансакциски трошоци, помалку несигурности и намалени цени.

АЕТМ: Дополнителен предизвик за бизнисот е пристапот до веродостојни информации. Затоа, проектот ГИЗ е-Трговија го поддржува развојот на платформата ecommerce4all.eu. Платформата ја спроведува Македонското здружение за е-трговија во тесна соработка со релевантни организации од другите пазари на ЦЕФТА (Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдавија). Можете ли да ни кажете како оваа платформа ќе им послужи на бизнисите од овој регион?

Илир Реџа: Платформата ecommerce4all.eu е големиот камен-темелник во проектот ОРФ ФТ е-Трговија, за да одговори на идентификуваната потреба на приватниот сектор за детални и јасни информации за можностите на националната, регионалната и меѓународната е-трговија. Платформата моментално е во развој и ќе се состои од четири модули. Првите три модули ќе ги опфатат клучните аспекти на водење бизнис со е-трговија, како што се информациите за правните и регулаторните рамки, опциите за онлајн плаќање и услугите за испорака. Четвртиот модул ќе промовира успешни приказни и најдобри практики во регионот. Модулите ќе бидат промовирани и управувани од сите организации кои ги претставуваат бизнисите за е-трговија во регионот и служат како информативна база за сегашните и идните даватели на услуги на е-трговија од економиите на ЦЕФТА. Лансирањето на платформата е планирано за есента 2022 година

АЕТМ: ГИЗ е и главен поддржувач на првите Македонски награди за е-трговија организирани од АЕТМ оваа година. Можете ли да споделите со нас која беше главната причина за вашата поддршка на наградите?

Илир Реџа: Македонските награди за е-трговија ја препознаваат успешната и напорна работа на македонските е-бизниси. Покрај тоа, тие ги охрабруваат другите компании и потрошувачите да се вклучат во е-трговија и да ги преместат своите операции во онлајн светот. Затоа, оваа иницијатива многу добро придонесува за нашите напори за подигање на свеста и градење доверба кај потрошувачите, владите, бизнисите и целиот екосистем за потенцијалот на електронската трговија. Дополнително, наградите ќе придонесат и за зголемување на конкурентноста меѓу бизнисите за е-трговија и за понатамошен развој на секторот за е-трговија во Северна Македонија. И тие даваат дополнителна вредност на нашите напори за промовирање на регионалната е-трговија како поле на можности за економски и социјален развој.

АЕТМ: Дали мислите дека оваа иницијатива во Северна Македонија ќе биде поттик и за другите субјекти во регионот? Дали планирате да поддржите слични иницијативи во други земји?

Илир Реџа: Дозволете ми да нагласам дека ова не е првпат да поддржуваме вакви иницијативи – на пример бевме партнери на минатогодишното 4-то издание на Македонската годишна конференција за е-трговија за да ѝ овозможиме на индустријата да се собере на едно место и да започне да разменува искуства за потенцијалите на е-трговијата во Северна Македонија и во регионот. Исто така, вложуваме напори и ресурси за да го поддржиме основањето и растот на слични здруженија за е-трговија во регионот и силно веруваме дека иницијативите како Наградите во Северна Македонија наскоро ќе станат образец и за други земји.