Во светот на е-трговијата, „Купи сега, плати подоцна – Buy now, pay later“ (BNPL) моделот станува сè повеќе популарен како начин за поттикнување на бизнис продажбите, финансиска флексибилност и уникатно потрошувачко искуство по светски терк. Во Македонија, ИУТЕ Македонија го воведе ова решение пред 3 години и во моментов соработува со повеќе од 650 партнери, интегрирано на речиси 1000 продажни места и 100 е-продавници. Ова интервју има за цел да даде увид во досегашните резултати, придобивките за трговците и купувачите, како и можностите за сите кои сакаат да го имплементираат ова решение.
Наш соговорник е Игор Трпковски, Комерцијален директор на ИУТЕ, кој ќе сподели повеќе детали за досегашните искуства и идните планови.

Какво е досегашното влијание на BNPL врз продажбите на вашите партнери и реакцијата на корисниците?
“Купи сега, плати подоцна – Buy now, pay later” е модел што функционира низ светот веќе неколку години и е широко распространет помеѓу врвни светски гиганти и индустрии. Станува збор за поефикасна и покомфорна алтернатива на кредитните картички, каде што производот или услугата можат да се купат со едноставно скенирање на QR код и распределба на месечните рати и износи онака како што на купувачот му одговара, пришто постои опција за одложување на првата рата.
Иуте пионерски го воведе овој модел на нашиот пазар, со имплементација на машинско учење и вештачка интелигенција. Целиот процес е брз и целосно безбеден, дигитален од почеток до крај преку мобилната апликација Myiute, додека верификацијата, односно потврда на идентитет и обработка на податоци се спроведува преку интегрирана регистрирана безбедносна шема во партнерство со Евротраст.
Преку овој модел Иуте инјектираше повеќе од 7 милиони евра директно исплатени на преку 12.000 клиенти, од кои 25% се онлајн продажби, на тој начин придонесувајќи и кон растот на компаниите, но и на целата економија.
За директниот ефект врз бизнис растот на компаниите кои се одлучиле да го интегрираат овој модел говори податокот што само за 1 година нашата партнерска мрежа порасна за 53% посто, сo 40% пораст во делот на ново-интегрирани е-продавници, додека нашата дата база на активни корисници порасна повеќе од 25%, споредбено со претходната година.
BNPL моделот стана моќна алатка, и тоа не во рацете на оние кои не можат да си дозволат одредени производи и услуги, туку кај секој потрошувач кој е подготвен да си го планира буџетот на паметен начин, брзо, безбедно и едноставно, додека бизнисите кои посветено работат на имплементирање на светските трендови, го прифатија овој модел како дополнителен канал за зголемена продажба и диверзификација на клиентското портфолио.
Како BNPL решението им помага на трговците да го зголемат прометот и лојалноста на корисниците, и каков е процесот на интеграција за е-трговците?
Компаниите добиваат дополнителен канал за продажба од пазарни сегменти до кои не допираат, а од финансиски аспект ги располагаат средствата од продажбата уште истиот ден.
Како за пример, нашиот онлајн партнер Супермарт, кој воедно е дел од истата естонска групација, реализира 40% од нивната вкупна продажба само преку нашиот BNPL канал.
Се повеќе компании нѝ се обраќаат по препорака од други, како дополнителна потврда за успехот на моделот и значењето за нивната продажба.
Интеграцијата со е-трговецот се спроведува преку едноставна API – скрипта и PLUG-ин за платформите Word Press, Presta Shop и Open Cart. Ова решение може да го имплементираат сите е-трговци кои имаат активни веб страни на кои продаваат производи или услуги онлајн. Спроведувањето на решението е брз и едноставен процес, а нашиот технички тим стои на располагање за било какви консултации при поставувањето на солуцијата за плаќање.
Кои се условите за добивање на BNPL, како се управуваат ризиците од ненаплатени обврски, и како функционира процесот на исплата кон е-трговците?
Како што напоменавме, трговецот ги добива средствата веднаш и без никаков ризик, додека “комуникацијата” помеѓу Иуте и корисниците продолжува директно, најчесто и преку мобилната апликација Myiute, каде се достапни сите информации, севкупната процедура и следење на состојбата, целосно дигитално.
Ова решение може да го имплементираат сите е-трговци кои имаат активни веб страници на кои продаваат одредени производи или услуги онлајн.
Исто така, партнерите добиваат комплетна поддршка за време на целиот процес на интеграција, како и вклучување во заеднички маркетинг активности со цел соодветна промоција. Со други зборови, нашата инволвираност не запира со интеграцијата, туку продолжува во континуитет. Нашата цел е постигнување на долгорочен ефект и резултати.
Кои се вашите планови за развој на BNPL моделот во Македонија и како ја гледате иднината на дигиталните плаќања во контекст на улогата на ИУТЕ?
Корисниците се повеќе преферираат финтек услуги, не затоа што не се погодни да користат услуги од банка, туку заради едноставноста, достапноста, брзината, транспарентноста, односно заради подобреното корисничко искуство во финтек компаниите.
Со неодамнешното ребрендирање од Иуте кредит во Иуте, компанијата најави планови за ширење во нови бизнис сегменти, меѓу кои е добивање на лиценца за електронски пари, со што покрај кредитирањето ќе се понудат и платежни услуги. Нашата мајка компанија Иуте од Естонија веќе влезе на европскиот пазар на платежни услуги. На тој начин, како финтек компанија и лидер во дигиталната трансформација во повеќе финансиски сфери, на пат сме да станеме целосен финансиски партнер на граѓаните, преку одговорно, безбедно и сосема поразличнo дигитално корисничко искуство.
По воведувањето на електронските пари и платежните услуги, пазарот ќе добие сосема нова димензија и ќе се отворат нови хоризонти, нудејќи брзи, беспрекорни и клиентски-ориентирани решенија за плаќање.
Како PRIME партнер на “E-commerce Awards” 2024, што би им препорачале на е-трговците за зголемување на нивната конкурентност, и кои се првите чекори за соработка со ИУТЕ за оние што размислуваат да интегрираат BNPL решение?
BNPL пазарот во Европа во 2024 достигна скоро 220 милијарди долари, со годишен раст преку 15%, додека во САД изминатава година 86.5 милиони луѓе го користеле овој начин на плаќање, со пораст од скоро 7% споредбено со 2023. До 2027 година, бројот на корисници на глобално ниво се очекува да достигне до 900 милиони.
Кога станува збор конкретно за развој на е-бизнисите, истите бараат голема посветеност, одговорност, упорност, следење на светски трендови и имплементација на најсовремени алатки со фокус на задоволството на крајниот купувач. Кога ќе се случи таа симбиоза, постигната е и крајната цел.
Бизнисите кои се иновативни и сакаат да растат на долг рок, веќе ја препознаа оваа алатка како одлична можност за бизнис експанзија и пазарен раст, нудејќи им на своите корисници уникатно иновативно потрошувачко искуство.
Дигиталната револуција предводена од вештачката интелигенција, веќе значително влијае на е-трговијата, овозможувајќи автоматизација, персонализирани препораки и оптимизација на процесите и нејзиниот вистински потенцијал допрва доаѓа. Клучот меѓу другото е дополнителна едукација и дигиталната писменост на граѓаните, подобрување на транспарентноста и сигурноста на е-трговските платформи. Поле на кое активно работиме и ќе продолжиме да работиме и во иднина. Токму затоа поддршката кон активностите на асоцијацијата ја гледаме на долг рок, делиме заеднички цели и визија.