Новости од е-трговија

[Интервју] Душан Марковиќ, Gemak.mk: Можностите за остварување на целите на една е-продавница се навистина неограничени

И оваа работна недела ја започнуваме со интервју со еден од нашите членови – Gemak.mk. Разговаравме со Душан Марковиќ, корпоративниот маркетинг менаџер на Гемак Траде кој ни кажа нешто повеќе за забрзаната автоматизација на компанијата, за доставата на производите од е-продавницата како еден од најголемите приоритети и за формирање на посебен оддел за е-трговија во Гемак кој има за цел да ги едуцира и да споделува информации и знаење со/на нивните нови деловни е-партнери со кои заедно допринесуваат за подобро корисничко онлајн искуство и услуга.

АЕТМ: Гемак Траде е компанија која е лидер во големопродажба на македонскиот пазар кога станува збор за алкохолни и безалкохолни пијалаци, тутун, кафе, храна и непрехрамбени производи. Но, во изминатата година се насочивте и кон сопствена малопродажба со тоа што ја отворивте својата онлајн продавница. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа како дојде до оваа одлука? Кои се причините поради кои Гемак реши да го направи достапен својот асортиман преку е-продавница?

Душан Марковиќ: Во моментите кога Хорека секторот беше комплетно затворен поради мерките кои ги донесе Владата во борбата против пандемијата, замре и еден значаен канал од нашата директна врска и комуникација со консументите на производите кои Гемак ги дистрибуира. Проектот за Гемак е-продавница кој во неколку наврати во 2-3 години пред пандемијата имаше обиди за launch, доби инстантен приориотет и можеме нескромно да се пофалиме и кажеме во рок од само неколку недели, во услови кога сите се навикнувавме на новиот начин на работење и целата индустрија во која делуваме беше крајно неизвесна и турбулентна, успеавме да го реализираме она кое веќе претходно ни беше планирано, но никако до тогаш не добиваше приоритет.

Со оглед на тоа дека онлајн продажбата до тој момент не ни беше во примарен фокус, со отворањето на Гемак е-продавницата отворивме ново поглавје и се насочивме на придобивките за консументите на нашите производи, пред сѐ од аспект на достапност на сите брендови посебно поскапите и поекслузивните производи, нивна брза достава и едноставност при купувањето. Исто така, големо внимание посветуваме и на едукација на лојалните консументи на нашите производи со што сметаме дека допринесуваме за едно побогато нивно искуство и уживање на консумирање на најдобрите светски брендови во нашата земја.

АЕТМ: Глобалната пандемија направи огромни промени во начините на функционирање на компаниите и ја предизвика апсолутната потреба за дигитализација на бизнисите. Што се промени во Гемак? Како covid-19 влијаеше врз вашиот начин на работа?

Душан Марковиќ: Воведувањето на работа од дома практично значеше трансформација на многу интерни компаниски процеси и процедури, потоа забрзана автоматизација и поеднаставување на истите, притоа придонесувајќи да бидеме уште поефикасни во тековното работење. Во моментите кога Хорека секоторот не работеше имавме можност да дел од колегите кои работат во тој сектор поради намалениот обем на работа се прераспределат во делот на онлајн дистрибуција.

Нивното бесценето искуство во комуникација со угостителите го искористивме за што поквалитетна директна комуникација со консументите на нашите производи, што во период кога имавме нова дотогаш непозната е-продавница значеше многу, и можеме да кажеме дека сега ги гледаме бенефитите од градењето на таа доверба која ја понудивме при стартот на нашата продавница. Со делумното нормализирање на активностите во Хорека, инвестиравме во дополнителни човечки ресурси кои ја продолжија претходно добро стартуваната онлајн дистрибуција.

АЕТМ: Онлајн продавницата на Гемак стана достапна за е-купувачите за време на полниот ек на глобалната пандемија. По речиси една година постоење, кои се впечатоците кои можете да ги споделите со нас? Како се одвива онлајн продажбата на Gemak.mk? Со какви предизвици се соочивте при лансирањето на е-продавница во време на здравствена криза?

Душан Марковиќ: Продажните и маркетинг онлајн активности во голема мера се разликуваат од оние кои ги практикувавме до пред отворањето на е-продавницата. Отворањето на сопствена е-продавница бараше внимателно ценовно позиционирање во однос на постоечките и новоотворените онлајн продавници на кои нашите производи се присутни, поради тоа што во ниеден момент не сакаме на било кој начин да им конкурираме, туку напротив заедно со нив да растеме.

Од тие причини формиравме и посебен е-commerce оддел кој се фокусира на раст и развој на онлајн продажбата на Гемак преку сите постоечки е-продавници кои продаваат во Македонија. Една од задачите на одделот е и едукација и споделување на информации и знаење со/на нашите нови e-деловни партнери со кои заедно допринесуваме за подобро корисничко онлајн искуство и услуга.

АЕТМ: Колку што е важно онлајн купувањето да е брзо, едноставно и безбедно за е-купувачите, подеднакво е важна и испораката на нарачаните производи. Колку време е потребно за една нарачка од Gemak.mk да пристигне на вратата на купувачот? Дали испораката ја извршувате сами или соработувате со курирска компанија?

Душан Марковиќ: Времето на испорака за нас е еден од најголемите приоритети, со оглед на тоа што токму тоа сакавме да биде примарната разлика од другите е-продавници кои ги продаваат нашите производи. Времето на испорака во Скопје најчесто е помалку од 1 час, во зависност од дестинацијата можеби понекогаш нешто подолго, но никако подолго од максимални 2 часа. Испораката во Скопје ја вршиме сами, а надвор од Скопје преку курирска служба, а понекогаш и сами. Дополнително сметаме дека голем бенефит е и тоа што во Скопје испорачуваме секој ден од неделата во истиот рок кој го спомнавме 1-2 часа.

АЕТМ: Е-продавницата на Гемак е одлична дестинација за сите оние кои се љубители на навистина добар алкохолен пијалок.  Дали можете да ни споделите кои се трите најпродавани алкохолни пијалоци во изминатата година на Gemak.mk? Доколку сакам да изберам подарок од вашата е-продавница за пријател кој е љубител на сите алкохолни пијалаци, што би ми препорачале?

Душан Марковиќ: Најпродавана категорија на производи се шкотските вискија од кои нудиме богат избор и широка палета на производи, потоа екслклузивните сингл малтови и џинот, посебно премиум џиновите Tanqueray и Tanqueray 10. Од неодамна го збогативме нашето портфолио со уште еден сингл малт од фамилијата Cardhu – Cardhu 18, па би го препрочал него како најнов производ кој е достапен на Гемак е-продавницата. Неговата единственост е во зреењето во буриња дури 18 години што му дава побогат и единствен комплексен вкус.

АЕТМ: Набрзо по лансирањето на Gemak.mk, компанијата стана член на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се вашите размислувања и ставови за е-трговијата на македонскиот пазар, земајќи го предвид вашето досегашно искуство? За кои аспекти и сегменти сметате дека има потенцијал за подобрување?

Душан Марковиќ: Отворањето на е-продавница во нашата земја е релативно едноставна и брза процедура, достапна за сите и тоа е навистина олеснителна околност за сите кои сакаат да работат онлајн. Без да звучиме претенциозно, поддршката од АЕТМ, нивните препораки и заложби на инситуционално ниво се за пофалба, па ќе ја искористиме оваа прилика да ве пофалиме да продолжите во таа насока. 

Во зависност од целта на е-продавницата, можностите кои ќе се применат за оформување на стратегија за остварување на истата се навистина неограничени. Токму овој дел околу планирањето на активносите за зголемување на продажбата откако истата е отворена е нешто кое сметаме во голема мерка ќе се подобрува, пред сѐ од аспект на корисничко искуство и зголемена доверба, па потоа ќе достигне и до поголема лојалност на купувачите. Многу новотворени е-продавници се приклучија во онлајн трговијата надевајќи се дека можеби ќе добијат нешто од трендот предизвикан со пандемијата; ако па тоа не се случи, можеби се таму само за подобра перцепција на нивниот корпоративен имиџ доколку се веќе постоечки бренд и некако несериозно гледаат на овој канал на продажба. Доколку сакаат подобри резултати, ќе треба да инвестираат во овој канал на продажба како и во секој друг, не само финансиски и технолошки, туку и со човечки ресурси во повеќе сегменти како што се продажба, маркетинг и дистрибуција.

АЕТМ: За крај, дали може да ни кажете која е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство со е-трговијата? Дали ќе продолжите да ја практикувате истата во иднина?

Душан Марковиќ: Последното онлајн купување е резервација за сместување преку Booking.com, а од домашните е-продавници веројатно една од оние во кои и најчесто пазарам: е-Тинекс и/или Пакет.мк.