Новости од е-трговија

[Интервју] Драгана Ѓокиќ: Grouper Shopping Mall е нов проект каде од една страна компаниите може да најдат голем број купувачи, а потрошувачите пак, широка понуда на производи од различни трговци.

Grouper.mk се смета за еден од основачите на е-трговијата во нашата држава кој постојано ги имплементира дигиталните трендови со цел овозможување на најдоброто е-искуство за купувачите. За нивниот начин на работа во време на глобална пандемија, новитети на веб сајтот и комуникација со нивните потрошувачи, разговараме со Драгана Ѓокиќ, Директор за Бизнис продажба во Grouper.mk

АЕТМ: За многумина, Grouper.mk е еден од основачите на е-трговијата во нашата држава, а моментално голем број на анализи ни кажуваат дека е-трговијата е една од областите кои бележат драстичен пораст во овој период на намалена економска активност. Каква е ситуацијата во Grouper? Каков импакт има пандемијата со COVID-19 врз вашиот начин на работа и како се прилагодувате на новите услови?

Драгана Ѓокиќ: Очекувано е како и во светски рамки, така и кај нас купувачите да се преориентираат онлајн, што резултира со пораст на полето на е-трговијата. Но, сепак станува збор за сериозна криза, каде пандемијата има влијание во сите сфери на бизнисот, така што, не не одминува и нас. И покрај тоа што сме дигитална компанија, не можеме да кажеме дека сме имуни на новонастанатата ситуација, бидејќи Grouper соработува со бизниси од секаков тип и особено е познат по зделките за патувања, здравствени прегледи, третмани за разубавување, зделки во ресторани и сл, кои се добар процент од нашата понуда, а во моментов компаниите кои ги нудат овие услуги се најпогодени од пандемијата и беа приморани да ги затворат своите бизниси. Самата ситуација бара брзи промени и флексибилност, па моменталниот фокус е на продажба на услуги во полето на онлајн едукација и хигиена во домот и на работното место, како и најразлични типови на производи преку нашиот нов продукт Grouper Online Shopping Mall и храна преку услугата #ХранадоДома, кои започнаa со работа неодамна и имаат одличен фидбек. 

АЕТМ: Кои зделки се најпривлечни кај купувачите во изминатиов месец? Дали се забележува драстична разлика кај најпродаваните производи во споредба со претходните месеци? Дали фокусот овој период е на зделките за онлајн курсеви и едукација, достава на храна, или можеби на производи за нивните домови?

Драгана Ѓокиќ: Со оглед на широката понуда на услуги, производи и патувања, можам да кажам дека сите категории се скоро подеднакво застапени во продажбите, секако со одредени пикови зависно од периодот, или пак одредена кампања која е актуелна во дадениот момент. На почетокот на месец март ја претставивме кампањата Stay Smart, фокусирана на онлајн едукација во која се понудени преку 150 различни онлајн курсеви на попусти до 90%, со цел да ги поттикнеме купувачите да развијат некоја нова вештина и да научат нешто ново, во удобноста на својот дом и по пристапна цена. Овој период, голем процент од купувањата се секако диктирани и од самата криза, па како резултат на тоа, покрај онлајн едукација, особено се актуелни и производите за домаќинство како мали апарати за во кујна и чистење, реквизити и програми за вежбање, играчки за деца, а дополнително актуелна е услугата #ХранаДоДома особено за викендите и попладневните часови, со нарачки на храна за достава преку онлајн рестораните. Oвој период, особен интерес се покажува и за Grouper Gift картичките кои се одличен избор за подарок во време на изолација (a и воопшто), особено поради тоа што ги има со различни вредности и можат да бидат испратени електронски или физички до оној за кој е наменет подарокот.

АЕТМ: Kaкo што споменавте, Grouper Shopping Mall е нова услуга која неодамна ја нудите на бизнисите. Може ли малку подетално да ни објасните околу концептот и начинот на работа. Што е всушност marketplace-от? Препознатливи сте по попусти, дали тоа е пракса што ќе продолжи и во Grouper Shopping Mall или станува збор за поинаков концепт? Што може да очекуваат бизнисите од оваа нова услуга?

Драгана Ѓокиќ: Зделките беа и сѐ уште се нашиот примарен модел каде на купувачите им нудиме најразлични видови на услуги на попуст кои може да ги искористат во определен временски период, а пак за бизнисите ова е брз, економичен и ефективен начин за промоција и придобивање нови клиенти. Grouper Shopping Mall е наш нов проект на кој напорно работевме изминативе две години, со цел да можеме на секој бизнис да му овозможиме пристап на најголемиот онлајн пазар во земјава. Овој продукт е резултат на нашето деветгодишно искуство, техничка и маркетинг експертиза, со што на лесен и едноставен начин секоја компанија, без разлика на тоа во која индустрија работи и дали има веќе свој разработен веб сајт, може да ги продава своите производи онлајн. Моментално ова е најголемиот е-маркетплејс во земјава со преку 250.000 корисници, имплементиран платежен систем, постојана техничка и корисничка поддшка, како и онлајн маркетинг услуги кои се на располагање на секој бизнис. Тоа всушност значи дека Grouper Shopping Mall e еcommerce сајт каде од една страна компаниите може да најдат голем број купувачи, а потрошувачите пак широка понуда на производи од различни трговци. Во време на брзи промени, потребно е секој бизнис навремено да реагира на предизвиците и да ги прифати со раширени раце, па затоа сметаме дека ова е решение за многу компании на лесен начин да се приклучат кон е-трговијата и да отворат свој нов канал на продажба. Проектот е поддржан од MasterCard со цел подобрување на е-трговијата во земјава, за што се планирани се повеќе бенефиции и олеснувања за сите нови онлајн продавници периодов. Сите компании кои сакаат да ги искористат бенефитите и да се приклучат кон платформата на Grouper Shopping Mall може поконкретно да причитаат и да не контактираат тука

АЕТМ: Можеме да забележиме дека брзо се прилагодувате на новонастанатата ситуација, па така на вашата веб страна забележавме дека имате и нова опција наречена #ХранаДоДома. Дали ова е услуга која ќе ја користите само за време на вонредната ситуација се со цел да им овозможите на луѓето што повеќе безгрижно да останат во нивните домови или инспирирани од ситуацијата, истото ќе го продолжите и во иднина?

Драгана Ѓокиќ: #ХранаДоДома е нешто на кое почнавме да работиме веќе извесно време, само што ситуацијата малку го забрза целиот проект што преставува сублимат на најдоброто од дигиталниот маркетинг и е-трговија за секој угостителски објект. Креиравме нова платформа која се состои од промоција, нарачки и маркетинг, каде секој ресторан/кафуле може да го користи Grouper, како дополнителен канал на продажба на своите производи што е од особена помош и важност во овој период. #ХранаДоДома нема да биде услуга која ја нудиме само за време на вонредната ситуација, напротив, ова е нова опција на Grouper каде угостителските објекти имаат можност преку своја онлајн продавница да примаат нарачки и да ги процесираат преку платформата на Grouper, a истовремено да го промовираат својот локал и мени, користејќи ги сите наши онлајн маркетинг алатки. 

АЕТМ: Често може да се забележи дека Grouper постојано комуницира со своите корисници со помош на информативни и забавни видеа и интерактивни објави на социјалните мрежи и дека навистина успева на најразлични начини да се поврзе со својата публика. Зборувајќи за корпоративни комуникации, како според вас, треба да размислуваат брендовите, за да ги одржат односите што ги имаат изградено со своите клиенти кога се соочуваат со вакви оперативни предизвици?

Драгана Ѓокиќ: Со оглед на тоа дека Grouper е посредник помеѓу купувачите и компаниите, на прво место ја ставаме грижата за професионална и навремена комуникација со двете страни. Важно е секој бизнис да одржува постојана комуникација со потрошувачите, бидејќи нашиот tone of voice е од суштинско значење, без разлика на предизвикот и ситуацијата во моментот. Купувачите сакаат да бидат инволвирани во приказната и постојано да се апдејтирани за новитетите на интересен начин. Покрај следење на светските трендови во онлајн рекламирањето, користиме различни начини за одржување информираност и грижа за потрошувачите со комуникација преку постови, блог, видеа или e-mail кампањи, испраќање подароци и ваучери и тн. Дел од нашата комуникација е и видео маркетингот, што не е нешто ново, напротив изминативе неколку години има најголем фидбек во поглед на поврзување со купувачите, што позитивно влијае во поглед на бренд билдинг и индиректно зголемување на продажби. Покрај новитетите, транспарентноста и пријателскиот пристап се нешта кои секогаш се трудиме да ги пренесеме преку нашите видеа и да одржиме блиска комуникација и интеркација со нашите следбеници и корисници. Освен за целите на Grouper, често подготвуваме промотивни видеa во склоп на дедицирани маркетинг кампањи за промоција на нашите соработници што навистина има позитивни резултати.