Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Дане Тодоровски, IUTE – Даваме поддршка онаму каде што има подлога за дополнителен напредок

Непосредно пред E-commerce Awards 2023 разговаравме со Дане Тодоровски, Комеријален директор во IUTE за нивното златно партнерство на овогодинешниот настан и како настаните како Е-commerce Awards ги стимулираат е-трговците да ги подобруваат своите услуги во иднина. Но разговаравме и за ребрендирањето на IUTE и нивните планови за во иднина кога е во прашање олеснувањето на корисничкото искуство на клиентите поврзано со онлајн плаќање. Во разговорот со Дане дознавме дека нивната апликација MyIute е една од најсимнуваните македонски апликации броејќи повеќе од 130.000 корисници и што таа им овозможува на корисниците, но и подетално дознавме за револуционерниот метод кој го воведоа во македоскиот пазар – моделот “Купи сега-плати подоцна”

Чест ни е што го имаме Дане како соговорник во ова интервју.

АЕТМ: Од неодамна Иуте Кредит и официјално се ребрендираше во Иуте, на тој начин испраќајќи порака дека Иуте е многу повеќе од кредитна компанија. Раскажете ни нешто повеќе за вашата приказна и планови?

Дане: Ребрендирањето е дел од стратегијата на групацијата во Естонија за проширување на обемот на работа и услуги на пазарот, со што покрај кредитирањето ќе се понудат платежни услуги и осигурување. На тој начин, како финтек и лидер во дигиталната трансформација во повеќе финансиски сфери, стануваме целосен и вистински финансиски партнер на граѓаните, преку одговорно, безбедно и сосема поразличнo дигитално корисничко искуство.

Нашата цел е да продолжиме со позитивната трансформација на финансискиот пазар  со цел подобрување на финансиската моќ на граѓаните и нивна финансиската инклузија, со понуда на нови услуги и креирање на сосема поразличен пристап.

Иднината и на финтек секторот и на е-трговијата ќе зависи од  имплементација на новите алатки, трендови и можности. Секој современ бизнис бара континуирана надградба, трендовите брзо се менуваат, но исто така секој бизнис е индивидуална приказна која треба да еволуира на персонализиран начин.

Ја имаме привилегијата да црпиме искуство од Естонска групација која е дигитално најнапредна земја во Европа, но тие дигитални трендови ги адаптираме на локалните потреби и барања на нашите клиенти.

АЕТМ: Често ја спомнувате мобилната апликација Myiute како едноставен начин за стекнување со финансиски средства, кои може, но и не мора да се користат.

Дане: MyIute апликацијата претставува единствено и сеопфатно решение за сите услуги и производи кои го нудиме, каде нашите клиенти на едно место може да аплицираат за кредит, да аплицираат за паричен лимит, да направат верификација на идентитет преку GetID, да скенираат QR код во партнерската мрежа, дигитално да го потпишат договорот за кредит и придружната документација, како и да имаат целосен увид во сите свои кредити и нивните детали (месечна рата, датум на доспевање, преостанат долг, преостанат паричен лимит итн.). Дополнително, во секое време клиентите во апликацијата може да се информираат за моменталните понуди кај партнерите, на кој начин може да комуницираат со нас (Контакт центар, Е-маил, Вибер), каде да нé  посетат (експозитури и кеш партнери), како и да не следат на социјалните медиуми. Главната цел на Iute е да постигне 100% дигитализирано корисничко искуство, односно нашите клиенти целосно да ги искусат нашите производи и услуги преку самата апликација на најбрз и најефикасен начин, од локација која тие ќе ја изберат. Горди сме што нашата апликација Myiute е една од најсимнуваните апликации во земјава, броејќи повеќе од 130.000 корисници.

АЕТМ: КУПИ СЕГА – ПЛАТИ ПОДОЦНА (Buy Now – Pay Later) е новитет на нашиот пазар, но позната пракса во светски рамки. Како функционира ова, за кои клиенти е наменет и каде може да се купува преку него, особено имајќи ја во предвид опцијата за предодобрен паричен лимит?

Дане: Преку иновативниот модел “Купи сега-плати подоцна”, Иуте имплементираше револуционерен модел кој го менува македонскиот пазар и го олеснува секојдневието и на партнерите и на купувачите.  Со повеќе од 500 партнери, 650 продажни места, над 5.000 ново-склучени договори, како и 60 отворени е-шопови само годинава, Iute станува прв избор на партнерите и купувачите. Системот за плаќања на компанијата „Купи сега, плати подоцна“ преку QR код е широко прифатен, како наједноставен и најсигурен начин за купување на рати каде во старт, без скриени трошоци, секој купувач ја знае висината на ратата, односно трошокот кој треба да го плати.

Една од главните предности на Iute и овој модел е претходно одобрениот паричен лимит за трошење за клиентите, со којшто тие можат да уживаат во безгрижен шопинг, бидејќи во рамките на нивниот лимит за трошење можат да купуваат што сакаат и да плаќаат подоцна во рати. Лимитот за трошење е како шопинг кредит кој е гарантиран за клиентот кога и да му е потребен. За продавниците ова значи повеќе продажби и брз процес на продажба, бидејќи кредитите за производите секогаш се одобруваат моментално.

Однапред одобрениот паричен лимит е навистина уникатно одбележје на Иуте, затоа што на клиентот му ја гарантира паричната сума веднаш или пак, се започнува со плаќање според планот за отплата скроен онака како што на клиентот му одговара.

АЕТМ: Се почесто на онлајн платформите за продажба и на поединечните е-продавници се забележува IUTE опција за плаќање. Кажете ни повеќе детали околу оваа опција, на кој начин може да се купи онлајн од одредена платформа, преку оваа опција?

Дане: Секој што сака да купува на рати со Иуте, откако ќе го пронајде потребниот производ или услуга кај Иуте партнерите, преку МyIute може да го активира својот паричен лимит, со што ќе дознае колку парични средства има на располагање, да го потпише договор во апликацијата и да си го земе производот или услугата веднаш или уште подобро, тоа да го направи од удобноста на својот дом, на платформите и веб страниците на нашите партнери каде што сме интегрирани.

Притоа, партнерите можат да понудат една или повеќе Иуте опции за плаќање, па така можете да ја изберете најсоодветната опција при наплата. На пример, Iute Smart 0% е без никакви трошоци. Доколку купите производ кој чини 4000 МКД на 4 рати, тогаш враќате 4×1000 МКД. Без дополнителни трошоци!

Доколку пак сакате да отплаќате на подолг период со ниска месечна провизија и отплата до 36 рати, изборот е Iute Flexi.

Oна што е карактеристично и за двата продукти е транспарентен приказ на месечните износи кои клиентот треба да ги врати, дигитално потпишување и секако, започнување со исплатата на рати еден месец по одобрувањето.

Процедурата е уште побрза и поедноставна доколку клиентот претходно веќе се има онбордирано, односно го има дознаено паричниот лимит преку MyIute, во овој случај процесот на купување се сведува само на  скен на QR кодот кој се наоѓа во партнерската продавница, без потпишување на договори, чекања и одобрувања. За останатите клиенти процедурата трае 5-10 минути.

АЕТМ: Што добиваат компаниите доколку се интегрираат со Иуте е-продавницата?

Дане: Компаниите добиваат дополнителен канал за продажба, достапност на нивната понуда до нашите 25.000 активни клиенти и располагање со средствата од продажбата истиот ден, за многу поволни услови и без никаков ризик.

Интеграцијата со е-трговецот се спроведува преку едноставна API – скрипта и PLUG-ин за платформите Word Press, Presta Shop и Open Cart. Ова решение може да го имплементираат сите е-трговци кои имаат активни веб страници на кои продаваат одредени производи или услуги онлајн. Спроведувањето на решението е брз и едноставен процес, а нашиот технички тим стои на располагање за било какви консултации при поставувањето на солуцијата за плаќање. 

Успешноста на овој модел и довербата која нѝ ја укажаа партнерите и бизнисите е потврдена со фактот дека нашата партнерска мрежа секојдневно расте, достигнувајќи бројка од 650 продажни места.

АЕТМ: Кои се плановите во периодот што следи на IUTE кога е во прашање олеснувањето на корисничкото искуство на клиентите поврзано со онлајн плаќање?

Дане: Изминативе години работевме напорно и посветено за да обезбедиме врвно корисничко искуство, напредни дигитализирани услуги и партнерства кои денес го олеснуваат животот на граѓаните и компаниите. И понатаму ќе продолжиме да бидеме најбрзиот, најкомфорниот и најтранспарентниот провајдер на финансиски услуги, не само во делот на кредитирањето, туку и пошироко. Нашата цел како лидери на пазарот е да продолжиме да се бориме за одговорно кредитирање без презадолжување, финансиски да ги едуцираме граѓаните во однос на внимателно планирање на личните финансии и семејниот буџет, како и да охрабруваме унапредување на регулаторната рамка со цел подобрување на позицијата на индустријата. Нивната доверба на долги патеки е клучна за одржливост, затоа ќе продолжиме посветено да работиме на истата.

АЕТМ: IUTE e златен партнер на овогодишното доделување на награди во е-трговијата во организација на АЕТМ. Сметате ли дека одржувањето на вакви настани ги стимулираат е-трговците да ги подобруваат своите услуги во иднина со цел да бидат повеќе конкурентни за освојување на награди?

Дане: Апсолутно. Токму затоа и одлучивме како златен партнер да застанеме зад заложбите на асоцијацијата, затоа што сме свесни дека вакви настани придонесуваат не само генералнно кон развојот на е-трговијата, туку послужуваат и како потстрек и стимул за сите оние кои штотуку започнале или размислуваат за градење и надградување на бизнисот преку е-трговија.

Самиот настан воедно претставува одлична опција за вмрежување, споделување на успешни приказни и размена на непроценливи искуства.

Нашата улога, како лидери во финтек дигиталните процеси на пазарот е секогаш да дадеме поддршка онаму каде што има подлога за дополнителен напредок, и индивидуален и компаниски.

Кога станува збор конкретно за развој на е бизнисите, истите бараат голема посветеност, одговорност, упорност, следење на светски трендови и имплементација на најсовремени алатки со фокус на обезбедување на што поголемо задоволство на крајниот купувач. Кога ќе настане таа симбиоза, постигната е и крајната цел.