Новости од е-трговија

[Интервју] Александра од mitra.mk: Преку “Agri E-commerce” заедно работиме на подигнување на свеста за бенефитите од е-трговијата и зголемување на понудата во нашата земја

Македонски агро производи
Македонски агро производи – mitra.mk

Во период кога се зголемува побарувачката за природна, локална и органски одгледувана храна, она што навистина ни значи е доколку имаме лесен и брз пристап до неа. Ова беше токму една од целите на иницијативата „Agri E-commerce” која АЕТМ ја реализираше со поддршка на IME – Increasing Market Employability и преку која 13 агро-производители добија шанса да ги пласираат своите производи на дел од најпознатите е-продавници во нашата земја.

Дел од тие е-продавници е и mitra.mk, па токму затоа разговараме со нејзиниот основач Александра која со нас го сподели своето мислење за тоа дали македонските агро-производи се доволно атрактивни за нивната база на купувачи, на кој начин mitra.mk го поддржува домашното производство и што е пресудно за успешно пласирање на домашен агри-производ на една македонска интернет продавница.

АЕТМ: Mitra.mk е онлајн продавница, фокусирана на квалитетна понуда. Дали македонските агро-производи според вашата дефиниција се доволно квалитетна понуда за купувачите? На кој начин Mitra.mk дава поддршка на домашното производство?

Александра од Mitra.mk: Митра.мк со големо задоволство подржа дел од производите на локалните агро производители кои сакаат да ги пласираат своите производи надвор од својата локална околина и сакаат да започнат со нивна продажба со помош на е-трговијата. Тоа може и да се види и на нашиот сајт, каде им отворивме посебна под категорија на Македонски агро производи за полесно да бидат пронајдени.

https://www.mitra.mk/product-category/market/makedonski-agro-proizvodi/

Македонските агро производители сериозно работеле на развој на нивните производи и се насочиле кон создавање на супер брендови кои сигурно ќе се позиционираат силно во свеста на потрошувачите и со текот на времето ќе ги претворат во нивни лојални партнери.

Домашни агро-производи на mitra.mk
Домашни агро-производи на mitra.mk

AETM: Што говори искуството, што е пресудно за успешно пласирање на домашен агри-производ на една македонска интернет продавница? Која е тајната за тој производ да се „пробие“ помеѓу големата понуда на Mitra.mk?

Александра од Mitra.mk: За да дојдеме до успешен пласман на домашните агро производи, не смееме да ги заборавиме претходните фази на кои работеле нашите македонски агро производители и успеале во тоа.

Најважното е што создадоа квалитетни производи , кои добро изгледаат, имаат супер пакување и цена која е привлечена за македонските купувачи за барем еднаш да го купат, да го пробаат а потоа и да посакаат да го купат повторно. Ние веруваме дека овие нивни производи ќе го најдат своето место на Митра.мк, каде ќе бидат лесно забележани од страна на нашите купувачи, а потоа се надеваме и купувани и дистрибуирани во вистинско време на вистинско место до нашите купувачи.

AETM: Како се одвива соработката со македонските агро-производители, кои се дел од проектот „Agri E-commerce“. Кои се вашите очекувања од спроведувањето на овој проект?

Александра од Mitra.mk: Соработката се одвива одлично, како и што очекувавме. Свесни сме сите дека со овој проект заедно работиме на подигнување на свеста за бенефитите од е-трговијата и зголемување на понудата за е трговијата во нашата земја. Нашите очекувања се одлична промоција и пласман на дел од производите на агро-производителите, како и зголемување на понудата и продажбата од домашните агро-производи.