[Интервју] Александра Бела Белчева, ко-сопственичка на Mitra.mk: „Само со поголем број на онлајн продавници може да се подигне свеста кај народот и онлајн купувањето да стане наша прва опција при пазарување”

Mitra.mk е нова македонска онлајн продавница која што продава квалитетни производи од најразлични домашни и светски добавувачи. За ова интервју, поразговаравме со Александра Бела Белчева, ко-сопственичка на Mitra.mk, за искуството на отворање на своја онлајн продавница и воопшто започнување со сопствен е-бизнис, како и за целите и плановите на нивната онлајн продавница за оваа година.

Комплетното интервју можете да го прочитате во прoдолжение.

АЕТМ: Да започнеме од почеток, дали може да ни кажете како се роди идејата за отворање на онлајн продавница и воопшто, започнување со сопствен бизнис? 

Александра: Идеата за основање на сопствен бизнис веќе подолго време ја размислував и сакав да започнам моја приказна со која што ќе се оделам од семејниот бизнис и ќе внесам нов предизвик во животот и кариерата. На иста патека беше и мојата драга пријателка Александра, па така ме покани заедно да ја основаме Митра и сега веќе освен пријателството не спојува и партнерството. 

 

АЕТМ: Дали може накратко да ни го раскажете вашето искуство со отворање на вашата онлајн продавница? Кои беа најголемите предизвици со кои што се соочивте на почетокот? 

Александра: Од моментот кога решивме да ја основаме Митра до пуштањето во етер на Mitra.mk поминавме долг процес најпрво на подготовки подоцна и на реализација на целата идеа. Месеците кои ги поминавме во градењето на позадинскиот дел на Митра беа супер забавни и деновите ги поминувавме во постојана работа и посветеност на што поперфектно реализирање на нашата идеа. Најголемиот предизвик ни беше претставувањето и презентацијата на идеата што сакаме да направиме преку Mitra.mk на македонскиот пазар на нашите соработници, кои ние ги наракуваме наши партнери, бидејќи имаат голема улога во градењето на нашата онлајн продавница но и на Митра како бренд. 

 

АЕТМ: Митра.мк постои веќе неколку месеци на македонскиот пазар. Како сте задоволни од досегашниот одзив на македонската публика за вашата онлајн продавница?

Александра: Досегашните бројки ни кажуваат само дека имаме супер резултати од нашата досегашна работа. Она што е најважно и што го научивме за овие 4 месеци работење на Mitra.mk е дека македонските купувачи се расположени за онлјан купување и тоа го гледаме како прва лекција која што треба да ја совладаме во текот на овој процес на градење на нашата онлајн продавница.  

 

АЕТМ: Во Скопје често можат да се забележат вашите електрични возила за достава. Кажете ни нешто повеќе за доставата на вашите производи?

Александра: Се трудиме да бидеме што повеќе општествено одговорни и да допринесеме колку што можеме повеќе за развивање на свеста на луѓето и на некој начин да помогнеме во решавањето на според мене најсериозниот проблем кои го има овој наш град а тоа е загадувањето. Нашите производи ги пакуваме во хартиени ќеси и кутии и истите ги доставуваме со нашето електрично возило низ Скопје. Сега за сега имаме само едно возило а од оваа сезона ќе воведеме и електрични тротинети и велосипеди.

 

АЕТМ: Кои се плановите и целите на Митра.мк за оваа 2020 година?

Александра: Mitra.mk во 2020 година има за цел да продолжи со запознавањето со македонските купувачи, да ја рашири свесноста за брендот и да стане избор за купување на дневно ниво на што повеќе купувачи кои ќе ја препознаат нашата идеа и сакаат да се приклучат на модерното шопинг искуство. 

 

АЕТМ: Од неодамна станавте мајка. Дали и колку имате можност покрај мајчинството, да се посветите на бизнисот?

Александра: Мајчинството е најновата и најубавата работа која што ми се случи неодамна во животот и во која уживам во моментот. Митра е во сигурните раце на мојата партнерка и целиот тим кои работи неуморно во градењето на нашата приказна. Јас се трудам колку што можам да бидам дел од секојдневното работење и верувам во тоа дека со добра организација и желба може се да се направи.

 

АЕТМ: За крај дали би можеле да споделите кои се придобивките од работењето за своја е-продавница, како би мотивирале што повеќе потенцијални е-трговци да се охрабрат и да отворат е-бизнис во својата индустрија?

Александра: Работата на нашата онлајн продавница пред се ме запозна со еден нов пазар за кои сум имала малку познавање, па така со градењето на онлајн продавницата истовремено учам многу нови работи, нови алатки за работа, ширам нови познаства и партнерства и сето ова секојдневно ме надополнува како личност и придонесува за мојот личен развој. Не само што би ги советувала сите оние кои сакаат да го започнат овој тип на бизнис или веќе постоечките трговци да се решат и за онлјан продавници како свои продажни канали, туку би ги замолила што побрзо да се решат да го направат тој чекор со цел што побрзо и поефикасно да се направи навика на македонските купувачи дека онлајн купувањето е нешто што треба да го прифатат што побрзо и поскоро како животен стил и да се охрабрат дека онлјан купувањето е исто безбедно како и купувањето во физичка продавница. Сметам дека само со поголем број на онлајн продавнници, без разлика дали се специјализирани или неспецијализирани, може да се подигне свеста на народот и онлајн купувањето да стане наша прва опција при пазарување.

 

Поврзани содржини