
Во AETM веруваме дека развојот на е-трговијата не познава граници. Покрај организацијата на E-commerce Conference, активно соработуваме со водечки регионални конференции и организации за да ги доближиме најновите знаења, глобалните трендови и можностите за вмрежување до домашната e-commerce заедница.
Еден од нашите долгогодишни регионални партнери е SERP Conf., конференција посветена на SEO, вештачката интелигенција и search. marketing. Како дел од оваа соработка, разговаравме со Никола Минков, основач и извршен директор на Serpact, за тоа како AI го менува начинот на пребарување, што значи доаѓањето на Google Shopping за бизнисите во нашиот регион и како малите компании можат да ја зголемат својата видливост во новата ера на AI.
1. Да започнеме со прашањето што сите си го поставуваат: како AI моделите одлучуваат кој бизнис или производ ќе го препорачаат? На што може да влијае еден мал бизнис?
Ќе одговорам како SEO експерт: зависи. Знам дека тоа не е омилениот одговор на читателите, но контекстот игра огромна улога.
Постојат многу фактори, од кои дел се доста технички, но ќе се обидам да го објаснам едноставно.
Најпрво, AI ја анализира релевантноста на содржината. Ако некој пребарува, на пример, „одржлива мода“ – тема која е особено важна за генерацијата Z – AI проверува кои веб-страници имаат најсилна семантичка поврзаност со таа тема. Потоа ги „мери“ колку често тие страници или содржини се цитирани од други релевантни и авторитетни извори, дали содржат линкови и во каков контекст се тие споменувања.
Бизнисите можат значително да ги подобрат шансите нивната содржина да биде препознаена од AI системите доколку текстовите се напишани со релевантни поими, јасни реченици кои поврзуваат пошироки и потесни теми, ако најважните пораки се поставени уште на самиот почеток, а по потреба се вклучени и контрапримери. AI системите сакаат јасна, добро структурирана содржина што лесно може да се сумира, цитира или претвори во директен одговор.
Затоа, третирајте ги првите 100 зборови од секој текст како ваш сопствен Google AI Overview.

Веднаш објаснете што е темата, која е главната порака, кому му се обраќате и каков резултат нудите. Секој пример или податок завршете го со јасен заклучок. Токму тоа е разликата помеѓу некој што само собира информации и некој што AI ќе го препознае како експерт. А AI системите сакаат извори што можат да ги цитираат.
Во Serpact развивме алатка која овозможува проверка на секој факт што го наведуваме. За нејзиниот развој и усовршување беа потребни повеќе од 20 месеци. Денес успешно ја користиме кај нашите клиенти ширум светот, а резултатите ги надминуваат нашите очекувања. Сега таа е достапна и за пошироката публика.
Во оваа нова реалност, една од најважните задачи на SEO е да обезбеди производите, услугите и брендот на една компанија доследно да се поврзуваат со релевантни и доверливи извори. Така AI системите и пребарувачите полесно ги препознаваат овие сигнали. Според мене, токму тука е шансата малите бизниси да им конкурираат на големите – преку поголема релевантност, доследност и фокус на својата специфична ниша.
Секако, постојат и многу технички детали, а токму тие се дел од програмата на SERP Conf. Оваа година во Софија соработувавме со АЕТМ по втор пат по ред – ви благодарам за тоа. До крајот на годината следуваат уште две изданија, во Рим и Виена, и ги поканувам сите кои ги интересираат SEO, AI и е-трговијата да ни се придружат и да слушнат предавачи како Алејда Солис, Мартин Сплит, Дан Петрович и многу други.
2. Ако релевантноста и цитирањето се „валутата“ на AI пребарувањето, што конкретно треба да направи еден бизнис за да биде препознаен и цитиран од овие системи?
Тука стратегијата станува пракса. AI моделите се создадени за да одговорат на вистинските потреби на корисниците. Затоа, најголеми шанси имаат оние бизниси кои директно и јасно ги одговараат прашањата што навистина ги поставуваат нивните клиенти.
Без разлика дали зборуваме за Gemini, Claude, Perplexity, Grok или други AI системи за пребарување, сите тие имаат тенденција да ги фаворизираат препознатливите „авторитети“ во својата област. Тоа значи дека секој бизнис треба да работи неговиот бренд да биде споменуван, цитиран и поврзан со доверливи извори од индустријата.
За да се постигне тоа, компаниите треба да објавуваат оригинални истражувања, реални податоци и сопствени експертски искуства. Мал македонски бизнис кој искрено и стручно зборува за својата дејност може да стане токму оној авторитетен извор што AI ќе сака да го цитира.
3. Како денес се мери дали сите овие активности навистина даваат резултат?
Во моментов не постои официјално потврден начин за мерење на ова. OpenAI, Google, Anthropic и останатите компании не нудат официјални метрики или API решенија за мерење на видливоста на брендовите во AI системите. Причините се главно комерцијални и конкурентски – никој не сака целосно да открие како функционираат неговите модели.
Она што постои се независни платформи кои можат да дадат увид во видливоста кај одредени AI модели и да им помогнат на бизнисите да разберат колкав сообраќај, колку нарачки и колкав промет доаѓаат преку AI.
4. За еден е-трговец најважни се продажбите. Колкав процент од нарачките денес доаѓаат преку AI препораки?
Ниту за ова нема официјални податоци.
Но, во декември минатата година, веднаш по Cyber Week 2025, Salesforce објави дека AI агентите влијаеле врз нарачки во вредност од 67 милијарди долари на глобално ниво, што претставувало околу 20% од целокупната продажба во тој период. Со оглед на брзината со која AI се усвојува, не верувам дека тоа бил само краткотраен пик, иако понатамошниот раст зависи од индустријата и категоријата производи.
Точниот удел на продажбите што директно произлегуваат од AI препораки сè уште не може официјално да се измери. Но, алатките што ги развивме покажуваат дека резултатите значително се разликуваат во зависност од индустријата. Нашите интерни анализи покажуваат раст на приходите кај категории како облека, технологија, модни додатоци и слично. Сепак, AI најголем ефект има кај niche (спефицичните) производи.
Неодамна објавивме дека еден наш клиент остварил шестцифрен приход благодарение на AI цитирања. Денес речиси сите наши клиенти добиваат нарачки преку AI, а кај нив бележиме раст на приходите од најмалку 7%.
Дополнително, Google веќе го воведува својот AI асистент за онлајн купување, па очекувам овој тренд уште повеќе да се засили. Ова не го кажувам само оптимистички – SaaS решенијата што ги развиваме денес ни овозможуваат да го следиме целиот кориснички пат, од моментот кога AI ќе го препорача производот, па сè до конверзијата, а сите податоци се видливи преку dashboard.
5. Кога веќе го споменавме Google, Google Shopping пристигнува во нашиот регион, а се очекува наскоро да се прошири и во други земји. Што конкретно значи тоа за малите македонски бизниси?
Токму затоа ми е особено драго што разговарам со вашата публика. Доаѓањето на Google Shopping е навистина важен момент за целиот регион.
Накратко, тоа им дава предност на компаниите што ќе реагираат први, уште пред конкуренцијата да стане поголема.
Што значи тоа во пракса? Мал трговец кој уште од самиот почеток ќе ги локализира своите product feeds на македонски јазик и во локална валута, и ќе обезбеди квалитетни податоци за своите производи, ќе има многу поголеми шанси да биде прикажан пред купувачи кои веќе имаат намера да купат.
Воедно, би сакал да откријам дека во Serpact подготвуваме нешто ново и навистина возбудливо токму во оваа насока, па ги охрабрувам вашите читатели да нè следат. Според мене, денес веќе не постојат граници во е-трговијата – постојат само бизниси што се подготвуваат за можностите и бизниси што чекаат.
6. SERP Conf. од локална конференција прерасна во меѓународен настан со изданија во повеќе земји. Што следува понатаму и каква е вашата визија за иднината на конференцијата?
SERP Conf. прерасна од конференција што се организираше само во Бугарија во меѓународен настан со изданија и во Австрија и Италија. Првото издание во Рим ќе се одржи на 16 октомври, а Виена ќе биде домаќин по трет пат, на 3 и 4 ноември.
На секој од овие настани очекуваме професионалци од повеќе од 20 земји. Форматот останува ист – една главна сцена, четири панели, по две предавања во секој панел и Q&A сесија по секој блок.
Нашите говорници се практичари кои имаат постигнато реални резултати и се подготвени да ги споделат своите искуства и стратегии со публиката.
Особено ми е драго што веќе две години по ред соработуваме со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во Софија. Ова партнерство покажува дека кога постои професионализам и заедничка визија; границите, големината на пазарот или компанијата не се пречка. Македонскиот пазар има многу талент и амбиција, а поврзувањето со регионалната и меѓународната SEO и e-commerce заедница е токму мостот што SERP Conf. сака да го изгради.
За крај, би сакал да им порачам на сите мали и средни бизниси што го читаат ова интервју: алатките стануваат сè подостапни, условите за конкуренција се изедначуваат, а заедницата е отворена за сите. Искористете ја таа можност.