[ИНТЕРВЈУ] Антонио Аргир – Групацијата НЛБ прерасна во регионален пионер во областа на напредните дигитални плаќања

За дигиталните новитети и иновации кои се имплементирани во НЛБ Групација разговаравме со Антонио Аргир, член на Управниот одбор на НЛБ Групација и одговорен за управување со групацијата, плаќања и иновации. Од разговорот дознавме за Apple Pay, Google Pay и NLB Smart Posts и дека со воведување на Apple Pay во Словенија, НЛБ дигитализираа повеќе од 30.000 картички само во првата недела. Разговаравме и за достапна дигитализацијата на платежните картички за сите брендови (Mastercard/Visa), почетните трошоци, очекувањата за воведување на Apple Pay во Македонија, но и разговаравме за работата на АЕТМ за која смета дека непоколеблива во своите напори да го катализира растот и напредокот на секторот за е-трговија.

  

AETM: Неодамна НЛБ го имплементираше Apple Pay во Словенија. Кажете ни малку повеќе за опциите што Apple Pay им ги нуди на клиентите? 

Антонио Аргир: Така е, ние сме исклучително горди што на крајот на февруари во Словенија ја овозможивме услугата Apple Pay за корисниците на НЛБ. Реакциите кои ги добиваме од клиентите се многу позитивни, бидејќи клиентите навистина со нетрпение ја очекуваа оваа услуга. Со овозможувањето на Apple Pay, НЛБ дополнително ја зајакна својата позиција како дигитално напредна банка. Сепак, ова не е единствената иновација што ја воведовме во НЛБ Групацијата во последната година. 

Дефинитивно би го споменал и воведувањето на услугата Google Pay, воведувањето на новата повеќеканална дигитална банка Клик која овозможува исто корисничко искуство на сите уреди, односно и на паметните телефони и на компјутерите, и последно, но не и најмалку важно, лансирањето на NLB Smart POS решението кое овозможува паметно користење на телефоните и како ПОС терминал. Со сите решенија што ги нудиме, клиентите секогаш ги имаме во нашиот фокус. На нашите клиенти сакаме да им го понудиме најдоброто корисничко искуство кое можат да го добијат на пазарот. 

Оценувам дека НЛБ Групацијата во последниот период навистина презеде решителни чекори на патот кон обезбедување на најдобро корисничко искуство за своите клиенти на сите пазари каде што работи, вклучително и во Македонија. Амбицијата на НЛБ е секако многу поголема и поширока. Сакаме што поскоро да ја овозможиме услугата Apple Pay и на другите пазари, секако и во Македонија. Желбата е слична како во случајот со услугата Google Pay, кога практично НЛБ Групацијата прва ја донесе глобално популарната услуга на пазарите во Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Со Google Pay докажавме колку е значајна улогата на НЛБ Групацијата и каква системска позиција имаме во однос на глобалните технолошки компании, како и на локалните пазари каде што работиме. Така, слично на Google Pay, сакаме да ја направиме услугата Apple Pay достапна за сите наши клиенти во регионот кој го нарекуваме наш дом. НЛБ Групацијата сака на клиентите да им ги понуди најнапредни решенија за дигитално банкарство, а во исто време да обезбеди најдобро корисничко искуство, кое е безбедно и доверливо. 

Apple Pay е чекор на овој пат, бидејќи со услугата Apple Pay можете брзо, лесно и безбедно да плаќате со НЛБ картичките директно со вашиот iPhone или други уреди на Apple. Можете да плаќате и на ПОС терминали и онлајн. Користењето на Apple Pay е многу лесно, бидејќи клиентите едноставно го доближуваат својот iPhone или Apple Watch поблиску до терминалот за плаќање. Кога плаќате онлајн и преку апликации, информациите како што се вашето име и презиме и адреса се пополнуваат автоматски. Apple Pay користи безбедносни карактеристики вградени во вашиот Apple уред, вклучувајќи Face ID и Touch ID, кои се дизајнирани така што само вие можете да одобрувате плаќања.

AETM: Дали е достапна дигитализацијата на платежните картички за сите брендови (Mastercard/Visa) и дали крајниот корисник има некакви почетни трошоци, т.е. цена по трансакција? 

Антонио Аргир: Во Словенија, НЛБ Групацијата обезбедува Apple Pay услуги и за Visa и за Mastercard картички. Истата амбиција ја имаме и за останатите пазари каде што работи НЛБ Групацијата. Apple Pay е достапен бесплатно за нашите клиенти, нема дополнителни трошоци за клиентите кои користат ја користат оваа услуга. 

AETM: Кога реално може да очекуваме Apple Pay во Македонија? Дали Apple Pay моментално се имплементира во НЛБ Банка Скопје? 

Антонио Аргир: Имплементацијата на услугата Apple Pay се одвива истовремено за останатите членки на НЛБ Групацијата. Се надеваме дека и другите банки од нашата Групација, за кои Банкарт обезбедува услуги за обработка на картички и банкомати, ќе можат да воведат Apple Pay за релативно краток временски период. Услов за имплементација на услугата е секако присуството на Apple Pay на секој пазар, што е исклучиво одговорност на Apple. Apple Pay сè уште не е достапен на пазарите во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, па НЛБ Групацијата води интензивни разговори со Apple со цел што поскоро да ги отвори овие пазари за нивните производи. Врз основа на успешната имплементација во Словенија, сметам дека сме на добар пат да го донесеме Apple Pay и во Македонија.

AETM: Дали мислите дека имаме потенцијал да го користиме овој паричник во Македонија? Колку корисници со iPhone реално може да се очекува да ги дигитализираат своите картички преку Apple Pay, имајќи предвид дека во Македонија во септември 2023 година се дигитализирани само 29.000 дебитни и 14.000 кредитни картички? 

Антонио Аргир: Групацијата НЛБ е регионален пионер во областа на напредните дигитални плаќања. Уверен сум дека има голем потенцијал за раст на мобилните плаќања како на македонскиот, така и на другите регионални пазари. Овој вид на плаќање носи многу предности за клиентите, но и за продавачите и последно, но не и најмалку важно за државата, бидејќи го намалува уделот на сивата економија.

Токму поради ова, сметам дека земјите исто така треба да преземат поактивен пристап кон промовирање на дигиталните и безготовински плаќања, бидејќи уделот на овие плаќања во регионот е далеку под европскиот просек. По воведувањето на услугата Google Pay, а сега и услугата Apple Pay и со тоа подобреното корисничко искуство, бројот на дигитализирани картички меѓу корисниците на НЛБ во Словенија расте исклучително брзо. Од воведувањето на Google Pay минатиот јуни, бројот на дигитализирани картички меѓу корисниците на НЛБ во Словенија се зголеми за повеќе од четири пати до крајот на 2023 година, а тој број сè уште расте. 

Податоците за Apple Pay се уште поимпресивни, бидејќи корисниците на НЛБ дигитализираа повеќе од 30.000 картички само во првата недела. Подобреното корисничко искуство и популарноста на Google Pay меѓу корисниците на НЛБ во Словенија се докажува со фактот дека уделот на бесконтактните плаќања со мобилни и паметни часовници е двојно поголем од минатогодишниот просек. Сè уште немаме податоци по воведувањето на Apple Pay, но врз основа на бројот на дигитализирани картички, претпоставуваме дека процентот на плаќање преку мобилен и паметен часовник значително ќе се зголеми. Истовремено, неопходно е да се истакне и фактот дека во овој период обемот (износот) на трансакциите на клиентите на НЛБ направени со паметен телефон или паметен часовник исто така е повеќе од двојно зголемен. Сигурни сме дека ќе бидеме сведоци и на сличен тренд на брз раст на дигитализираните картички и трансакциите направени со овие картички и во Македонија.

AETM: Асоцијацијата за е-трговија преку своето делување се стреми да ги едуцира клиентите за бенефитите кои ги нуди е-плаќањето и дигитализацијата. Како ја оценувате работата на АЕТМ кога е во прашање овој сегмент на плаќања?

Антонио Аргир: Да потсетам дека НЛБ Банка Скопје е прва банка која на македонскиот пазар овозможи процесирање на плаќањата преку електронска трговија, практично уште во 2008 година, а денес банката има преку 50% пазарно учество во остварен волумен кога станува збор за онлајн плаќањата. На клиентите Банката им нуди стабилен, 24/7 достапен сервис за плаќање, но и низа дополнителни алатки и функционалности со цел корисниците да ги спроведат плаќањата на брз, едноставен и безбеден начин. 

За работата на Асоцијацијата, можам да дадам само позитивни оценки. Навистина сметам дека оваа организација, од нејзиното основање во 2017 година, е непоколеблива во своите напори да го катализира растот и напредокот на секторот за е-трговија. Би рекол, слично како што НЛБ е пионер во обогатување на финансискиот пејзаж со иновативни услуги и трансформација на традиционалното банкарство, така и Асоцијацијата за е-трговија е пионер во визионерски иницијативи и постојана потрага по иновации кои имаат трансформативно влијание на дигиталната трговија.

Преку регионалната улога која во моментов ја имам во нашата НЛБ Групација, имајќи подобар поглед и знаења за регионот, можам да кажам дека стратешките иницијативи на Македонската Асоцијација за е-трговија не само што ја поттикнаа индустријата напред, туку и поставија „златен стандард“ за сличните организации во регионот. 

Преку своите иновативни програми и посветеност кон извонредност, тие постојано демонстрираат длабоко разбирање на динамиката на пазарот, градејќи поволна средина за раст на овој сегмент, но и на сите останати чинители кои учествуваат во процесот на е-трговија, практично поттикнувајќи еден просперитетен екосистем кој придонесува за деловен успех.