[ИНТЕРВЈУ] Андреј и Леон од FitGuru – Функционираме комплетно онлајн затоа што овој бизнис модел е оперативно полесен и подостапен за корисниците

Разговаравме со Андреј и Леон – основачите на FitGuru за почетоците, идејата, филозофијата, функционирањето и понудата на онлајн платформата за здрава храна, но разговаравме и за е-трговијата и нивното членство во АЕТМ. Во функционирањето на FitGuru се вклучени и нутриционисти, фитнес инструктори и спортисти за да се направи идеално мени според потребите на нивните корисници, а бизнис моделот е целосно онлајн затоа што според нив таквиот начин на функционирање е оперативно полесен, подостапен за корисниците и пред сè, одржлив. Она што нам најмногу нè израдува е фактот дека FitGuru на неделно ниво растат околу 30-50% во бројот на корисници. Супер информација која ја добивме од Андреј и Леон.

AETM: FitGuru.mk е онлајн платформа за здрава, вкусна храна која се стреми да ги поттикне луѓето на активен и здрав живот. Но би сакале да ни кажете многу повеќе за FitGuru – што е, од кога постои и која е филозофијата за постоењето?

Андреј: Создадовме платформа која ни е потребна нам. Не само што сакаме да се храниме здраво, туку и сакаме тоа што го јадеме да биде екстра вкусно и разновидно, односно да излеземе од “шемата” на пилешки стек, ориз и јајца. Вежбаме и работиме на многу фронтови и екстремно тешко е да се балансира работата и тренингот со подготовката на здрава храна. Знаеме дека многумина се соочуваат со ист проблем како и ние, па затоа го создадовме FitGuru. Буквално, за да решиме еден наш проблем пред сè, со верба дека има иста демографија како нас! Направивме многу итерации на платформата, оброците и начинот на достава, за да го постигнеме она што е FitGuru денес. Во 2021 година го започнавме FitGuru како концепт, но без некаков значителен фокус, буквално како дополнителен проект. Затоа во ноември 2022 година, конечно го најдовме вистинскиот правец и ја лансиравме FitGuru 2.0,  и со самото тоа добивме инстантно супер фидбек од корисниците. Од тој момент наваму, растеме на неделно ниво со околу 30-50%. Како тим, сме многу спортски активни и посветени на спортскиот начин на живот, затоа FitGuru ни е на некој начин канал за промовирање на дисциплина, конзистентост и квалитетен начин на живот и исхрана. 

AETM: Она што нам особено нè интересира е како функционира и што нуди FitGuru.mk, но и каков е одзивот до сега и какви се придобивките кои ги имаат вашите корисници?

Андреј: FitGuru функционира на многу едноставен начин. Корисникот го избира менито по желба, времетраењето на услугата (неделно, месечно), по што, оброците секој работен ден се доставуваат на избраната адреса на корисникот, во определено време. Плаќањето се врши исклучиво онлајн преку нашиот вебсајт, а доставата не се наплаќа. Главна придобивка за корисниците е пред сè, заштеда на време, затоа што не треба да размислуваат за тоа што ќе јадат во текот на денот, и да планираат каков здрав оброк ќе изберат. Докажано е дека во текот на работните денови, со брзо темпо и под стрес, многу е поголемо искушението да се избере нездрава и многу калорична храна, при брзање и немање подготвен здрав и нутритивен оброк. Токму тој момент FitGuru го решава. Оброците се свежо подготвени, спакувани и доставени во домот, канцеларијата, работното место во утринските часови, а корисникот има само една обврска во текот на денот- да ужива во оброците и без грижи дека се храни “лошо”. На секој оброк се наведени точни нутритивни вредности, така што корисниците точно знаат што јадат. 

Оброците кои ги нуди FitGuru се со висок квалитет, здрави и пред сè – многу вкусни. Како што напоменав, по минатиот апгрејд на платформата, особено внимание се посвети и на квалитетот и разновидноста на храната односно оброците. И ние ги конзумираме, па сме сами на себе строги критичари. 

Како што кажав претходно, во моментов FitGuru расте по стапка од  30-50% на неделно ниво и сме екстремно среќни што секој ден сè повеќе и повеќе луѓе дознаваат за нас и се одлучуваат да се хранат преку FitGuru! 

AETM: На вашиот сајт можат да се погледнат 5 видови на менија кои се изработени од нутриционисти, фитнес инструктори и спортисти со цел за да ги задоволат апетитите на корисниците кои внимаваат на својата исхрана. Но дали корисниците можат да направат измени во менито според нивните потреби?

Леон: Менијата се креирани според некоја цел и секој оброк и состојка внатре се многу внимателно одбрани за да ја доловат целта на менито. Истите не можат да се менуваат суштински, туку може само да се одземе или замени некоја состојка доколку корисникот е алергичен, нетолерантен или едноставно – не јаде конкретна состојка. Платформата нуди опција при нарачка за оставање на коментар и забелешка, кој се зема во предвид и се подесува менито според тоа. Во секој случај, отворени сме за комуникација со корисниците на контакт мејлот или социјални мрежи доколку има посебни побарувања или забелешки.

AETM: Два важни елементи кои би ги интересирало идните корисници на услугите на FitGuru.mk се доставата и начинот на плаќање. Дадете ни подетални информации поврзани со нив.

Леон: Доставата ја вршиме секој работен ден од 08:30 ч. до 09:30 ч. до посакуваната адреса. Истата е бесплатна! Сите оброци (чиј број се бира при нарачка) за денот се доставуваат наеднаш. Плаќањето на услугата е исклучиво онлајн преку нашата платформа, еднократно се плаќа за избраното мени без разлика дали е неделно, месечно мени, итн. По завршување на избраниот период на достава на мени, корисникот добива известување дека завршува избраната претплата.  Доколку сака да продолжи со услугата на FitGuru, ќе треба повторно да избере мени по желба, да изврши плаќање и да ужива во оброците и понатаму. 

Во моментов работиме на тоа да воведеме “full subscription” модел, со што ќе овозможиме автоматско обновување на претплатата, со што ќе се олесни процесот на нарачка уште повеќе за корисникот, особено за корисниците кои користат исти менија и се верни на FitGuru во текот на целата година.

AETM: Fit Guru функционира само онлајн. Со кои предизвици најчесто се соочувате и кои се вашите придобивки од овој начин на работење?

Андреј: Како платформа, функционираме комплетно онлајн и немаме можност за наплата на друг начин. Како тим сме доста запознаени со овој начин на функционирање и сме многу среќни што се повеќе и повеќе луѓето ја прифаќаат онлајн трговијата и ги разбираат предностите. Единствен предизвик што го имаме е едукација дека нашиот систем е сигурен за наплата и дека ние не ги обработуваме трансакциите, туку банката, со што се гарантира 100% сигурност и безбедност. Одржуваме комуникација со нашите корисници, телефонски и преку електронска пошта или социјални мрежи, и тоа е “човечката” компонента на онлајн бизнисот. Придобивка за нас, а и за корисниците е тоа што ваквиот бизнис е оперативно полесен, подостапен е за корисниците (едноставно, нарачувате и преку мобилен), и пред сè, е одржлив модел. 

AETM: Од неодамна FitGuru стана член на Асоцијација за е-трговија на Македонија и како член помагате во развојот на е-трговијата во Македонија. Кое е вашето видување на моменталната состојба со е-трговијата во Македонија и како ја замислувате нејзината иднина?

Леон: Сметаме дека е-трговијата во моментов во Македонија е на многу поразвиено ниво од пред 2020 година, односно пред Ковид пандемијата. Некако пандемијата го забрза процесот на едукација на граѓаните и со тоа овозможи забрзан раст на е-трговијата и создавање на навика за купување онлајн. Гледаме сè повеќе нови платформи и сè повеќе компании пристапуваат кон онлајн бизнис. Така што, повеќе од сигурни сме е-трговијата во Македонија е во забрзан раст (дури и во споредба со земјите од регионот, котира одлично) и ќе биде повлијателна од традиционалната трговија во наредните години. Сметаме дека Македонија е во голема предност со тоа што има постоечка Асоцијација на е-трговци, која на некој начин дава кредибилитет на е-трговијата во очите на корисниците, а од друга страна, се залага за едукација, напредок и раст на компаниите во е-трговијата. 

AETM: Вашата завршна реченица која би сакале да ја посветите на е-купувачите или е-трговците е…

Андреј: На е-трговците би им порачал да продолжат со добрите практики како и до сега, а на е-купувачите би го порачал следново:  Не се плашете да купувате онлајн- тоа е иднината на трговијата. Грижете се за себе, хранете се здраво и бидете дисциплинирани и конзистентни во тоа. Ние постоиме за да ви помогнеме во таа цел! Спортски поздрав, Андреј и Леон.