Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Ели Илијоска, Камелеон Солушнс: Како до подобрување на продажниот потенцијал со Salesforce?

Имавме чест да разговараме со Ели Илијоска, Salesforce консултант во Камелеон Солушнс за нивните цели, визија, мисија, насоки за развој и регионите кои ги покриваат. Ели ни кажа дека нивната најголема експертиза во импелементација на Salesforce CRM решението е во финансиската индустрија, i-gaming, малопродажба и градежништво кај клиенти во Европа, Блискиот Исток, Африка, САД и Канада, но и за тоа дека македонските компании делумно се запознаени со можностите кои Salesforce екосистемот ги нуди, па поради тоа ни даде подетални објаснувања за потенцијалот на CRM решенијата.

Зборувавме и за придобивките и предизвиците со кои се сретнале при интеграции на Salesforce со различни системи и платформи, за Salesforce Commerce Cloud – робустната cloud-base платформа користена од компании како Adidas, L’oreal, Ralph Lauren, Hugo Boss, Under Armour, JBL, The Walt Disney Studios, Toyota, Lacoste итн, но и за нивното активно членство во АЕТМ и гледиштата за е-трговијата во Македонија.

АЕТМ: Може ли да ни споделите повеќе информации за Камелеон Солушнс, што се вашите цели, визија, мисија, насоки за развој, региони кои ги покривате и работите?

Ели Илијоска: Камелеон Солушнс е основана 2018 година во Белград и препознаени сме како број еден сертифициран Salesforce партнер во регионов. Нашата најголема експертиза во импелементација на Salesforce CRM решението е во финансиската индустрија, i-gaming, малопродажба и градежништво кај клиенти во Европа, Блискиот Исток, Африка, САД и Канада. Со канцеларии кај нас, во Србија, Хрватска, Нигерија и Јордан, како и тим кој поседува над 120 Salesforce сертификати, нашата визија е да бидеме еден од водечките глобални партнери. Особено сме горди што минатата недела во Даблин од Salesforce ја добивме престижната награда “Партнер на годината” за Југоисточна Европа. Мисија ни е да бидеме долгогодишен партнер на нашите клиенти, а не само компанија која го имплементира решението. Низ многубројните имплементации, препознавме специфични потреби на клиентите кои не се достапни во Salesforce и за кои е потребен поголем развој и прилагодувања. Поради тоа, решивме да развиеме наши продукти за различни индустрии, кои можат лесно и брзо да се интегрираат со Salesforce.

Изминатите години донесоа многу големи промени и неизвесност во работењето на голем број индустрии. Несомнено е дека сите зборувавме за автоматизација на процеси и дигитализација. Решенијата кои ги нуди Salesforce имаат значајна улога во оваа трансформација.

АЕТМ: Како Salesforce консултант, споделете ни некои искуства за тоа како бизнисите го искористија Salesforce за да се справат со предизвиците кои произлегоа од промените?

Ели Илијоска: Автоматизацијата во работењето носи оптимизација на процесите и зголемување на ефикасноста, со што компаниите ја зголемија својата конкурентност на пазарот. Тоа го остварија преку централизација на податоци, автоматизирање на повторувачки задачи, увид преку напредна аналитика, интеграција со други системи, сé со цел да се прилагодат на променливата динамика на пазарот. Портфолиото на продукти кои Salesforce ги нуди е многу големо, но можеме да ги издвоиме Sales Cloud, Service Cloud, Marketing Cloud и Experience Cloud со кои ние како сертифициран партнер секојдневно работиме на имплементации. Сите податоци кои компаниите ги имаат за своите клиенти од најразлични извори, во Salesforce се интегрираат во една централна база, што на компаниите им овозможува 360° преглед на своите клиенти. Што значи тоа?

Сите елементи во процесот на продажба (потенцијални и постоечки клиенти, продажни прилики, понуди, ценовници, продукти, договори) се на едно место и достапни во секој момент. Од исклучителна важност е тоа што може да се анализираат и референцираат споменатите податоци во извештаи во реално време.

АЕТМ: Kолку македонските компании се запознаени со потенцијалот на CRM решението? Дали помалите македонски компании можат да си ги дозволат ваквите производи?

Ели Илијоска: Мислам дека голем број македонските компании само делумно се запознаени со можностите кои Salesforce eкосистемот ги нуди. Кај нас најчесто Sales Cloud модулот се користи од меѓународни корпорации.

Во регионов преовладува мислење дека цената на Salesforce е многу висока. Но, она што е интересно да се спомене е дека помалите компании се често изненадени од прифатливата цена на Salesforce. Започнуваат да го користат со базична едиција и помал број на лиценци. Потоа природно се надоградува според динамиката со која расте нивниот бизнис. Без разлика дали компанијата користи некое решение или не, ние преку бројни работилници вршиме анализа на нејзините процеси, ги идентификуваме предизвиците, областите за подобрување и често воочуваме проблеми за кои компанијата воопшто не е свесна. Со имплементациите постојано го зголемуваме и пренесуваме нашето искуство на идните клиенти.

Salesforce ги има сите светски сертификати за безбедност, обработка и чување на податоците. Може да кажам дека тоа e често едно од првичните прашања на нашите клиенти. Но, постојат и такви клиенти каде на иницијалните состаноци не објаснуваме за безбедноста на cloud-базираното решение, туку веќе имаме дискусии како продуктите од областа на AI да ги инкорпорираме во имплеметацијата. Добиваме ипрашања за разлика меѓу Salesforce Einstein GPT и ChatGPT. Тоа е показател дека компаниите веќе и сами се информираат за напредните решенија и се свесни за новите трендови.

Во просек, клиентите кои користат Salesforce CRM забележале 38% побрзо донесување одлуки, 25% зголемување на приходите и 35% скок во задоволството на клиентите.

АЕТМ: Кои се придобивките и предизвиците со кои сте се сретнале при интеграции на Salesforce со e-commerce платформи?

Ели Илијоска: Придобивките се многубројни, но ќе ги издвоиме централизирани податоци за клиентите (трансакции, интеракции, управување на залихи), рационализирано управување со нарачките, брза и ефикасна услуга за клиенти, персонализирани маркетинг кампањи итн. Предизвици постојат во секој проект, oсобено кога се врши интеграција. На проектите се соочуваме со предизвици каде треба да се интегрираат различни технологии и системи (кои се често и постари), неадекватен квалитетот на податоци, различни платежни системи итн. Како тим секојдневно се надградуваме и на тој начин тимски ги надминуваме бројните предизвици од најразлична природа.

АЕТМ: Што е Salesforce Commerce Cloud?

Ели Илијоска: Commerce Cloud е робустна cloud-базирана платформа којa е користенa од реномирани компании како Adidas, L’oreal, Ralph Lauren, Hugo Boss, Under Armour, JBL, The Walt Disney Studios, Toyota, Lacoste итн. Се состои од целокупен пакет од напредни алатки и функционалности и постојат три модули: B2B, B2C и D2C. Особено e погоден за бизниси со висок обем на продажба. Се издвојува од конкурентите на пазарот со можностите за прилагодливост, функционалностите за персонализација управувани од AI, безбедна инфраструктура, напредна аналитика итн. Постои широк спектар на алатки за оптимизирање на перформансите на онлајн продавниците, беспрекорна интеграција со другите производи на Salesforce, но и со различни third-party системи (пресметка на плаќање, даночни пресметки). Salesforce e особено горд на својот marketplace AppExchange, нешто слично на App Store и Google Play на нашите мобилни телефони, каде корисниците секојдновено пристапуваат до бројни иновативни апликации.

АЕТМ: Камелеон е веќе трета година член во АЕТМ и активно е вклучен во растот и развојот на е-трговијата во државава. Кои се вашите гледишта за е-трговијата во Македонија и како сте задоволни од членството во АЕТМ?

Ели Илијоска: Последниве години постои голем напредок, но сепак мислам дека има недопрен потенцијал. Заедно градиме подобра заедница и само со заеднички сили и идеи  можеме да допринесеме за раст и подобрување на е-трговијата, со цел намалување на сивата економија и заштита од нелојалната конкуренција. Несомнено е дека одржувањето на конференции, бројни настани и иницијативи ги стимулираат е-трговците да ги подобрат своите услуги и да се натпреваруваат меѓусебно. Јас нарачувам онлајн секојдневно и особено сум среќна кога подржувам мал бизнис. Мислам дека беџот за верификуван е-трговец е од особено значење за малите претпријатија, затоа што лично мене ми влева доверба при нарачката.

AЕТМ игра клучна улога во дигиталната транформација и проектите зад вас говорат за видливите резултати во македонскиот пазар на е-трговија. Вашиот професинализам е на високо ниво и ние како членови сме презадоволни од сите иницијативи. Вмрежувањето со голем број компании, па дури и неформалните разговори со компаниите на конференциите и настаните, нас ни се од огромно значење, бидејки сме во тек со сите нивни технологии, идеи и потешкотии.

Поврзани содржини