Царинската управа по повод Меѓународниот ден на Царината додели благодарница на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

На 26-ти јануари секоја година ширум светот се прославува Меѓународниот ден на Царината со посебни организирани активности. Царинската управа на Република Северна Македонија се вклучи во одбележувањето на Меѓународниот ден на Царината со истакнување на неколку важни определби од функционирањето на оваа важна институција.

Оваа година, Меѓународниот ден на Царината се празнува под слоганот „Царина се грижи за одржливост на граѓаните, просперитетот и планетата“, со посветеност на заедничките заложби за обезбедување на меѓународниот синџир на снабдување и обезбедување на современите и посебни потреби на граѓаните и општеството.

Во пресрет на овој Меѓународниот ден на Царината, Генералниот секретар на Светската царинска организација г. Кунио Микурија додели благодарници за придонес, кои директорот на Царинската управа г. Ѓоко Танасоски традиционалноно ги врачи на лица, институции и организации кои со своите активности се издвојуваат како заслужни во проактивното делување за обезбедување на одржлив напредок за граѓаните, општеството и планетата. Согласно годинашнава тема, 9 царински службеници и 11 надворешни институции, организации и компании добија благодарници поради нивната посветеност и ангажираност на ова поле.

Една од организациите кои се стекнаа со благодарница беше и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, чија соработка со Царинската управа започна уште во 2018 година преку потпишување на меморандум за соработка. Со потпишувањето на  Меморандумот за соработка, кој воедно претставуваше и пристапување на Царинската управа на Република С. Македонија како почесен член во Асоцијацијата за е-трговија, дојде до зголемување на соработката, преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, споделување на минати и тековни искуства, релевантни за областа на дејствување на соодветната целна група, како и преку заедничко придонeсување за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во партнерство со Царинската управа на Република С. Македонија, досега заеднички организираа неколку бесплатни едукативни настани за пошироката јавност, меѓу кои последниот настан на тема „Со извоз до поголема конкуретност на е-трговците. Што треба да знаат сите потенцијални извозници во е-трговијата?” се одржа во декември 2019 година.