На 30-ти јуни во хотел Рогнер во Тирана, под мотото “Level up your e-commerce”, се одржа официјалното лансирање на Асоцијацијата за е-трговија на Албанија (Albanian E-commerce Association – AECA), која претставува прво бизнис здружение на сите онлајн оператори на пазарот на е-трговија во Албанија кое има за цел да ја подобри состојбата на овој перспективен сектор и да ја крене свеста за влијанието на е-трговијата во развојот на албанската економија. Настанот се оддржа во соработка со Асоцијацијата за лидери на бизнис услуги и Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.
На настанот присуствуваше и проектниот менаџер на АЕТМ, Марија Ристовска која ја презентираше работата на АЕТМ во нашата земја, како и тековниот регионален проект за е-трговија – развојот на веб платформата ecommerce4all.eu кој се реализира во соработка со партнери од сите 7 ЦЕФТА пазари, вклучувајќи ја и Албанија. По презентацијата на активностите беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу двете Асоцијации, кој претставува прв ваков меморандум од интернационален карактер кој се однесува на разменување на информации, исксутво и знаење поврзано со е-трговија помеѓу Асоцијациите.
На настанот беа презентирани и најновите трендови поврзани со е-трговијата од страна на еминентни локални и интернационални говорници и партнери на Асоцијацијата. Претседателот на АЕКА – Валер Пиндери, кој воедно е и еден од промоторите на е-трговијата и еден од сопствениците на најсериозните бизниси за е-трговија во Албанија, ги информираше присутните за активностите на АЕКА и за придобивките што секој претприемач кој е активен во екосистемот на е-трговијата ќе ги има, доколку стане член на АЕКА.
Повеќе информации за работата на АЕКА се достапни на следниот линк: https://aeca.al/