Новости од е-трговија

[Луѓето зад е-трговијата] Нина Цекиќ Костоска, Coolbottles.mk

Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.

Во ова издание разговараме со Нина Цениќ Костоска, сопственик на Coolbottles.mk, бренд кој преку својата работа промовира поодржлив начин на живеење и одговорна потрошувачка. Зборуваме за лекциите научени низ претприемачкото патување, проширувањето на брендот на регионалните пазари, улогата на технологијата и вештачката интелигенција во современото работење, како и за предизвиците и потенцијалот на македонската е-трговија во годините што следат.

Е-трговијата во Македонија во последните години бележи стабилен и здрав раст. Сè повеќе компании ја препознаваат важноста на онлајн присуството, а и потрошувачите стануваат поотворени за онлајн купување. Сепак, сè уште постои простор за развој, особено во делот на дигитална едукација, доверба во онлајн плаќањата и подобрување на логистичките решенија. Најголемите можности ги гледам во регионалната експанзија, подобра интеграција на технологијата во продажбата (особено AI и автоматизација), a најмногу во развојот на логистичките решенија во рамки на државата. Бидејќи, без разлика колку ќе имаме силни брендови, развиена е-трговија и доверба кај клиентите, ако испораката не функционира ефикасно, целиот систем губи дел од својата вредност – што за жал се случува кај нас.

Една од најважните лекции што ја научивме е дека пазарот не секогаш е толку подготвен за промена колку што ние како брендови веруваме дека е. Особено на почетокот не очекувавме колку ниска може да биде свеста за одржливост, еко-продукти и влијанието на конзумеризмот. Како компанија што гради вредности околу одговорност кон природата и поодржлив начин на живеење, се соочивме со реалност дека ова бара многу повеќе време, едукација и континуирана комуникација.
Ова нè научи дека не е доволно само да понудиш добар и еколошки производ, туку паралелно мора постојано да работиш на едукација на пазарот и градење свест. Тоа е долгорочен процес и често е борба со навиките и перцепциите на луѓето. Денес гледаме на тоа како клучен дел од нашата мисија — не само да продаваме производи, туку и да придонесеме кон промена во начинот на размислување за потрошувачката и влијанието врз животната средина.

Најзначаен момент за мене е експанзијата на три нови пазари во период од година и пол. Влегувањето во Бугарија со сопствена компанија беше првиот голем чекор во градење регионално присуство. Потоа следеше Србија преку партнерство со Dexy Co Kids, што ни отвори ново ниво на соработка и дистрибуција. Во моментов сме во процес на влез во Романија преку соработка со Decathlon. Овие чекори ја потврдуваат визијата дека брендот има вредност надвор од локалниот пазар и дека нашата приказна и производ имаат регионална релевантност. Како носители на франшизата, токму тоа е нашата клучна улога — да ја шириме оваа мисија низ Балканот и пошироко, носејќи порака за одржливост, одговорна потрошувачка и промена на навиките на подолг рок.

Најголем предизвик во е-трговијата во Македонија е комбинацијата од довербата кај потрошувачите и логистиката, односно брзината и квалитетот на доставата. Иако онлајн купувањето расте, вистинското искуство се дефинира по кликот „нарачај“, бидејќи токму испораката директно влијае на задоволството и повторната куповина. Довербата е нешто што компаниите мора да го градат, но често се крши токму на последниот чекор — доставата. Брзината, сигурноста и конзистентноста сè уште се најслабата алка во целиот екосистем, со исклучоци кои позитивно отстапуваат од правилото. Вториот голем предизвик е силната глобална конкуренција, која ги промени очекувањата на потрошувачите — од цена и брзина до навиките на купување. Во исто време, растечкиот конзумеризам дополнително ја намалува лојалноста, бидејќи одлуките сè почесто се моментални и водени од достапност и понуда. Затоа, клучот за понатамошен раст е јасен: подобра логистика и „last mile“ испорака. Без брза, сигурна и конзистентна достава, ниту цената, ниту брендот не се доволни за задржување на клиентот.

AI засега има ограничено, но сè поважно влијание врз нашиот бизнис. Во овој момент ја користиме главно како поддршка за следење на трендови, маркетинг анализа и оптимизација на одредени процеси, но не како централен дел од нашето работење. Причината за тоа е што нашиот модел е силно ориентиран кон директна комуникација со клиентите, брз и персонализиран одговор, како и креирање содржина во реално време заедно со нашата заедница. Веруваме дека токму таа човечка интеракција и автентичноста се клучниот двигател на нашиот бренд во овој момент. Во исто време, AI го гледаме како многу важна насока за иднината. Најголем потенцијал гледаме во уште подобра персонализација на корисничкото искуство, подлабока анализа на податоци и поефикасна поддршка во комуникацијата со клиентите. Сметаме дека иднината ќе донесе природна интеграција на AI во секојдневното работење, и кога тој момент ќе стане навистина релевантен за нашиот бизнис, ќе го прифатиме како алатка која ја надополнува, а не ја заменува нашата директна врска со клиентите.

Верувам дека македонската е-трговија ќе продолжи да расте и ќе стане значително позрела.
Очекувам да се појават посилни дигитални брендови, кои нема да размислуваат само локално, туку ќе градат присуство и надвор од границите. Потрошувачите ќе станат уште посигурни и поприродно ќе го избираат онлајн купувањето како дел од секојдневието, а не како алтернатива. Најголемите трендови ќе бидат мобилната трговија, автоматизацијата, AI алатките и омни-канал продажбата, каде физичкото и дигиталното искуство сè повеќе се спојуваат во едно поврзано корисничко патување.

Членството во АЕТМ го гледаме како голема вредност за целиот екосистем на е-трговијата. Организацијата активно придонесува за развој, едукација и застапување на интересите на компаниите во секторот. Најголема вредност гледаме во поврзувањето со други компании, размената на искуства и пристапот до релевантни информации и иницијативи. На компаниите што сè уште не се дел од АЕТМ би им препорачале да се приклучат, бидејќи заедничкиот раст, соработка и размена на знаење се клучни за развој на целата индустрија.

Поврзани содржини