На кое ниво се дигиталните вештини во Македонија и ЕУ?

Во време кога технологијата драстично се развива, дигиталните вештини стануваат неопходни за секојдневието. Во иднина, за 9 од 10 работни места ќе бидат потребни дигитални вештини. Сепак, индексите кои ги мерат познавањата на населението за дигитални вештини, покажуваат бројки кои укажуваат на потребата за зголемување на дигиталната писменост.

Дигитални вештини во Македонија

Еуростат креира индекс за дигитални вештини кој се имплементира од 2015 година. Нивната методологија се состои од сумирања на четири типа на вештини: информациски вештини, вештини за решавање на проблем, комуникациски вештини и софтверски вештини за манипулирање со содржина. Според овој индикатор, Македонија е рангирана на врвот по ниско целокупно ниво на дигитални вештини. Овој процент на ниско ниво на дигитални вештини во 2017 година се зголемува, споредбено со 2016 година.

Во однос на базично ниво на дигитални вештини, Македонија повторно е во долниот ранг споредбено со европските земји, со 20% во 2017 година, спрема 23% во 2016 година. За основни и над основни вештини, повторно Македонија е во долниот ранг со 32%, единствено пред Бугарија и Романија. Воедно, Македонците кои не купуваат онлајн, како една од причините го наведуваат ниското ниво на потребни вештини.

 

Дигитални вештини во ЕУ

Според Индексот за дигитална економија и општество за 2017 година, 44% од луѓето во ЕУ имаат многу ниски дигитални вештини а само 27% имаат основни дигитални вештини. 14% од луѓето во ЕУ не користат интернет (Европска комисија, 2016). Иако расте бројот на интернет корисници (од населението на ЕУ), сепак повозрасните, оние со помал степен на образование и оние со помали примања продолжуваат да бидат во ризик од дигитално исклучување.

Препораки за унапредување на дигиталните вештини

Имајќи ги на ум процентите за дигитални вештини, потребна е едукација на населението за зголемување на компјутерската писменост, дигиталните вештини и онлајн купувањето преку различен тип на активности со цел зголемување на нивото на дигитални вештини. Ова е од особена важност, бидејќи ниското ниво на дигитални вештини на населението се одразува врз е-трговците (и други сектори). Од направената анализа на е-трговци на АЕТМ, поголемиот дел од оние кои одговориле се изјасниле дека еден од најголемите предизвици им е наоѓање на соодветен кадар (49%).

Европската комисија во 2016 година објави Агенда за вештини на Европа, која содржи голем број на активности кои имаат за цел да ги унапредат дигиталните вештини на населението. Воедно, формирана е и Коалиција за дигитални вештини и работа, со организациите членки на ЕУ, компании и социјални партнери, граѓански организации и провајдери на образование за полесно работење за поголеми дигитални вештини.