Новата година ја започнуваме со информации за неколку значајни настани за е-трговија, кои што би можеле да ги посетите доколку планирате да патувате низ Европа овој период. Ваквите настани се одлични за да бидете во тек со последните новости и трендови, за да слушнете успешни приказни директно од најдобрите играчи во индустријата и се одлична можност за бизнис вмрежување и размена на контакти.
Подолу можете да ја погледнете листата на настани за е-трговија кои што се одржуваат овој и следниот месец на различни локации низ Европа.
28-29 јануари: Savant eCommerce Berlin – Берлин, Германија
Оваа конференција се организира по шести пат, каде што над 200 менаџери и директори од најдобрите брендови во е-трговијата од регионот ќе се соберат на 28 и 29 јануари.
За време на конференцијата, тие ќе истражат како вештачката интелегенција може да им помогне на онлајн купувачите, преку станување нивен придружник, советник и инспирација во однесувањето на нивното купување. На настанот исто така ќе се разговара за начините за подобрување на искуството на клиентите, оптимизирање на стапките на конверзија и градење на силни односи со клиентите.
28-29 јануари: Webwinkel Vakdagen 2020 – Утрехт, Холандија
„Webwinkel Vakdagen” е најголемиот настан за е-трговија во регионот на Бенелукс. Минатата година, „Vakdagen“ пречека рекордна сума од 12.500 посетители на местото на конференцијата во Утрехт, во центарот на Холандија.
Стручњаците за трговија што ја посетуваат „Webwinkel Vakdagen” ќе ја започнат новата година со ново знаење, надградби и инспиративни сесии. Над 200 национални и меѓународни говорници ќе ги споделат своите искуства и ќе ви кажат за е-трговија, прекугранична трговија, физички продавници, директна пошта, резултатите од студијата „ShoppingTomorrow” и многу повеќе.
11 февруари: eTailing Summit – Лондон, Обединето Кралство
Самитот „еTailing” е единствен еднодневен настан кој им овозможува на професионалците за е-трговија да се сретнат со иновативни и конкурентни добавувачи во индустријата. Во 2020 година, настанот ќе се одржи на 11 февруари и на 6 јули, а и двете изданија ќе се одржат во хотелот Хилтон Лондон Канарир Варф.
Присуството е сосема бесплатно за професионалците за е-трговија, а на гостите ќе им се обезбеди простор за претходно договорени, состаноци лице в лице со добавувачи кои одговараат на нивните барања и претстојни проекти.
За време на настанот, гостите исто така можат да присуствуваат на остроумни и инспиративни семинари од најразлични лидери во индустријата. Настанот исто така нуди многу можности за мрежно поврзување со истомисленици кои ги споделуваат истите предизвици.
11-12 февруари: Digital Food & Beverage– Лондон, Обединето Кралство
Бидејќи нови играчи непрестајно влегуваат на пазарот со храна и пијалоци, а воедно и потрошувачите бараат повеќе дигитални интеракции, брендовите и трговците на мало мора да се прилагодуваат за да останат конкурентни. На овој настан ќе присуствуваат над 100 менаџери во трговијата и дигиталните сектори, за да добијат увид во тоа како водечките трговци во Европа се дигитализираат за да ги вклучат своите потрошувачи и да ја зголемат продажбата.
Дводневниот настан, што се одржува на 11 и 12 февруари во Лондон, е одлично место за поврзување со експерти што претставуваат големи брендови и трговци на мало, како Амазон, Керфур, Данон, Нестле и други. Присутните ќе добијат многу можности да се вмрежат и да научат од оние кои се соочиле со слични предизвици и спровеле иновативни стратегии за да останат конкурентни. За време на настанот, ќе бидат опфатени многу теми, со фокус на анализа на податоци, имплементација на D2C стратегии и креирање на персонализирано искуство на клиентите.
13 февруари: E-commerce Berlin Expo – Берлин, Германија
„Берлин Експо” е најголемиот настан за е-трговија во главниот град на Германија. На настанот се очекуваат над 7.000 посетители и 180 изложувачи. Настанот обезбедува деловни можности за целиот екосистем за е-трговија: од трговци до платформи, провајдери на хостинг, логистички услуги, процесори за плаќање и други бизниси со онлајн решенија.
„Берлин Експо” ги спојува најдобрите играчи во индустријата за е-трговија за да им понуди на онлајн продавачите и трговците на мало можност да ја развијат својата експертиза и да ги подобрат своите деловни стратегии. Организаторите на овој настан тесно соработуваат со најважните асоцијации во индустријата,што обезбедува силна застапеност на е-трговсците на настанот. Посетителите ќе имаат можност да учествуваат во презентации кои ги покриваат тековните трендови во е-трговијата. Водечките експерти од индустријата ќе одржат разговори и ќе ја споделат својата експертиза. Оваа година, на списокот на изложувачи влегуваат познати играчи како што се: Shopify, Trusted Shops, Profihost, Aircall, Newsletter2Go, Asendia, Retail Rocket, Vario Software и многу други.