Новости од е-трговија

Интервју АЈЛИН ШЕАЛИ: Да се насочиме кон подобра едукација во областа на е-трговија

Секој од нас е запознаен со бизнис моделот на Пазар3, кој во основа има цел да обезбеди лесно, ефективно и безбедно огласување. Преку Пазар3, физичките лица и компаниите од Македонија може да продаваат, купуваат и разменуваат предмети на лесен и едноставен начин. Целта на Пазар3 е постојано да го подобрува корисничкото искуство од онлајн огласувањето, а дополнително да овозможува правните лица да си отворат сопствена веб продавница во рамките на Пазар3 платформата.

Компанијата неодамна пристапи кон Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, каде со заеднички сили и преку користење на взаемни алатки ќе се стремиме кон подобрување на бизнис климата за развој на оваа гранка во Република Северна Македонија.

За почетоците на Пазар3, предизвиците со кои се соочила компанијата и понатамошните планови, како и потребата од пристапување кон АЕТМ, разговаравме со М-р Ајлин Шеали – Оперативен Менаџер во Пазар3.

АЕТМ: Пазар3 е компанија која веќе 13та година успешно функционира на пазарот за онлајн/веб огласување во Македонија. Кажете ни нешто повеќе за почетоците, како дојдовте до идејата за формирање на овој бизнис модел и со какви се предизвици се соочивте во текот на изминатите години?

М-р Ајлин Шеали: Секоја нова идеја се базира на потреба. Потребата од дигитализација на традиционалниот начин на огласување, брз и лесен пристап на продавање на предметите и промовирање на услугите, исто така и поголемата достапност на истите, беа едни од поттикнувачите за идејата за онлајн пазар за купо-продажба. Секако дека постојат предизвици со кои сеуште се соочуваме, како потреба од подобра едукација во областа на електронската трговија, спремност на корисниците за користење на бенефитите од онлајн огласувањето и сл.

АЕТМ: Кои услуги им се достапни на клиентите кои огласуваат/продаваат, а кои можности ги имаат посетителите на Пазар3? Што е она што ве издвојува од конкуренцијата, зошто да го одберам Пазар3?

М-р Ајлин Шеали: Пазар3, како веб сајт за огласување нуди широк асортиман на услуги, како што се: објавување на оглас со активирање на екстра опции за побрза продажба, на пример топ позиционирање или автоматско обновување и сл., креирање на кориснички профил за физички лица, регистрирање на профил на компанија за правни лица, каде што следуваат дополнителни поволности, објавување на банери на веб страната за поголема видливост се дел од услугите кои ги нуди Пазар3.

Од друга страна, посетителите имаат можност за полесно пребарување по категорија / поткатегорија и локација, клучни зборови, понапредни филтри за пребарување во најразлични категории како станови и автомобили. Користење на Chat услугата за побрза комуникација, зачувување на пребарувањата и добивање на известувања за нови огласи.

Пазар3 се стреми да понуди најквалитетно огласување каде што измамите се сведени на минимум. Тоа што не издвојува е фокусирањето на професионално огласување, внимателноста при објавување на огласите следејќи ги правилата, со цел да се елиминира нереалната понуда. Секој оглас се проверува мануелно од страна на администраторите што работат на корисничка поддршка. Целиот процес на огласување се извршува безбедно.

АЕТМ: Од аспект на бројките кои ги остварувате, колку посети имате дневно/месечно и колку нови огласи се поставуваат во текот на еден ден/месец?

М-р Ајлин Шеали: Бројките се тие што говорат и го потврдуваат успехот. Дневно имаме над 60 000 посети и над 2 000 нови огласи, кои секој ден се зголемуваат.

АЕТМ: Во склоп на Пазар3 имате имплементирано можност клиентите да отворат онлајн продавница преку која клиентите можат да ги претстават своите производи/услуги. Кој беше бизнис моделот поради кои се одлучивте за имплементација на ваква можност?

М-р Ајлин Шеали: Во склоп на Пазар3, клиентите можат да регистрираат кориснички профили, и тоа приватна сметка за физички лица и профил на компанија за правни лица. Преку продуктот наречен “Продавница”, правните лица имаат можност да ги користат нашите услуги со дополнителни поволности. Исто така сите добиваат поддомен во Пазар3, каде што сите огласи се појавуваат во склоп на продавницата а исто така и на листата со огласи. Најголем поттик беше потребата на компаниите кои се успешни и бизнисот одлично им функционира на локално ниво, да го прошират својот бизнис на Пазар3 кое е одлично место, каде што со еден клик, се појавуваат сите производи и услуги на одредена компанија и тие производи/услуги стануваат достапни до поширок опсег на потрошувачи од целата земја.

АЕТМ: Колку беше тешко да се имплементира веб продавница во 2006 година, може ли да направите споредба со 2019 година? Колку е-трговијата напредуваше во овие години и кои се клучните фактори за истото?

М-р Ајлин Шеали: Секако дека има огромна разлика ако се споредат бројките и интересот на корисниците во 2006 и сега. Во 2006 година, ретко кој беше спремен да продава или купува преку Интернет. Пазар3 беше еден од поттикнувачите на дигитализирање на процесот на купопродажба. Неколку пати од нашите постари корисници имаме коментари од типот: “Со Пазар3 научив да користам компјутер / Интернет”. Има голем напредок во е-трговијата од почетокот па до ден денес. Пред се се зголеми безбедноста и сигурноста во полето на онлајн купување. Е-Трговијата е тема каде што границите на подобрување секојдневно се поместуваат, што верувам дека преку Асоцијацијата за електронска трговија, заедно ќе можеме да ги надминеме предизвиците, да има подобра едукација на населението за придобивките од користењето на истата и поголема свест.

АЕТМ: Во текот на минатата година го проширивте делувањето и во неколку странски земји. Под кој бренд настапувате во овие земји и накратко кажете ни во кои карактеристики се разликуваат новите пазари од Македонија?

М-р Ајлин Шеали: Пазар3 постои во регионот преку брендовите www.merrjep.al во Албанија и www.merrjep.com во Косово, каде што веб страните се доста добро развиени и се лидери во огласувањето. Исто така www.mojtrg.rs е веб сајт во Србија кој што сеуште се развива. Бидејќи се работи за пазари кои територијално не се многу оддалечени, не се соочуваме со големи разлики. Воглавно корисничките навики се слични, а разлика има во огласуваните продукти по категории.

АЕТМ: Што можеме да очекуваме во иднина од Пазар3, од аспект на воведување иновации во работењето. Во моментов располагате со мобилна апликација за Android. Дали освен подобрување на перформансите на постоечката веб/мобилна апликација, планирате имплементација на мобилна апликација за iOS и инвестиции во нови проекти?

М-р Ајлин Шеали: Секако дека имаме иновативни планови. Во моментот се работи на ре- дизајн на веб страната со многу добри и подобрени функционалности, со тоа и подобрување на функционалноста на Android апликацијата. Исто така, ќе ја развиваме и IOS апликацијата. Имаме многу интересни проекти на кои ќе се работи за да лансираме иновативни онлајн решенија.

АЕТМ: Неодамна пристапивте во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се вашите очекувања од членството во истата и како ја оценувате досегашната работа на АЕТМ? Кои се работите што треба да се променат во Македонија од аспект на онлајн трговија со цел оваа дејност да го достигне својот максимум?

М-р Ајлин Шеали: Ни преставува голема чест да бидеме дел од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Досегашната работа на АЕТМ се истакнува со бројни успеси и квалитетни настани со едукативна цел. За тоа говореа и фактите и бројките од првата конференција за е-трговија во Македонија. Мислам дека пред се, треба да се насочиме кон подобра едукација во областа на е-трговија, бидејќи недоволната едукација, а со тоа и не-спремноста на населението за користење на придобивките од е-трговија се негативни фактори кои бараат работа за да бидат позитивни прдвижувачи на е-општество во иднина. Анализирајќи ја годишната агенда на АЕТМ, сметам дека на тоа ќе се работи доста упорно со цел да се постигнат целите.