Серијал студии на случај – #5 – А1 Македонија: Бројот на платени сметки онлајн се изедначува со бројот на платени сметки во продажните салони

Компанијата А1 Македонија е член на Групацијата А1 Телеком Австрија, водечки провајдер за комуникациски и дигитални решенија во Централна и Источна Европа, којшто работи во седум држави и обезбедува услуги за околу 24 милиони корисници. Како телекомуникациска компанија, А1 Македонија е фокусирана на креирање и нудење на понуди за конвергентни и софистицирани дигитални решенија, за задоволување на комуникациските потреби на резидентните и на деловните корисници. Брои 1.100 вработени и опслужува 1.200.000 корисници.

Иво Стојановски, Експерт за дигитална трансформација во А1 Македонија истакнува дека главниот фокус и префериран канал за плаќање на сметките на компанијата е онлајн каналот. Плаќањето може да се изврши преку мобилна апликација „Мојот A1″, со најава на веб порталот „Мојот А1”, или директно преку веб страницата на А1 Македонија без најава. Корисниците може да вршат плаќање и на сметките во продажните салони на пулт или преку машините за самонаплатување. Секако опциите за плаќање и со налог преку банките им стојат на располагање.

За влијанието на COVID-19 на онлајн плаќањто на сметки објаснува: „Имајќи ги во предвид сите активности за едукација на корисниците и овозможените бенефити за активирање на електронска сметка во претходните години, растот на плаќање на онлајн сметките се зголемува органски, но за време на COVID-19 ефектот на раст е експоненцијален. Ефектот на пораст на плаќањето на онлајн сметки пред и за време на COVID-19 кризата e повеќе од 100%. Горди сме што може да кажеме дека бројот на уплати на сметки во продажните салони за директна продажба полека но сигурно, се изедначува со уплатите на сметките преку онлајн каналите“.

За влијанието на Уредбата која владата ја донесе во време на вонредна состојба со која се овозможи лесно префрлање на корисниците од печатена фактура кон фактура во електронски форма вели: „Ефектот на Уредбата за префрлање на корисниците од печатена фактура кон фактура во е-формат е одличен и е донесен во вистинско време за взаемен бенефит на компаниите и корисниците. Паралелно со воведувањето на споменатата уредба ние не ја пропуштивме можноста да воведеме уште една иновативност во работењето на А1 Македонија и започнавме да ги испраќаме месечните фактури на корисниците во ПДФ формат по пат на СМС порака“.

Според него придобивките од дигитализацијата од аспект на компанијата се многукратни, но резултатите не се случуваат одеднаш и потребната трансформација се случува со континуирана едукација, охрабрување и дополнителна мотивација на корисниците за користење на онлајн услугите, во смисла на наградни извлекувања, продуктни бенефити и попусти. Во суштина дигитализацијата и автоматизацијата на процесите од една страна овозможуваат работење со пониски оперативни и капитални трошоци, а од друга страна, ослободуваат човечки ресурси кои може да се посветат на квалитативно работење и опслужување на корисниците.

Извор: Извадок од извештајот од анализата на е-трговијата во Република Северна Македонија – 2020: Интервју со Иво Стојановски – експерт за дигитална трансформација @ A1 Maкедонија