Новости од е-трговија

Потпишан меморандум за соработка помеѓу АЕТМ и АФД

Партнерство помеѓу едни од водечките индустрии за дигитална трансформација на општеството – Финтек индустријата и е-трговијата

Во насока на развој на е-трговијата и финтек секторот во Северна Македонија, АФД – Асоцијацијата на финансиски друштва и АЕТМ – Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, склучија Меморандум за Соработка со кој обете Асоцијации ќе работат на промовирање и имплементација на современите достигнувања во е-трговијата и финтек во секојдневното живеење на граѓаните во Северна Македонија, како и подигнување на нивото на дигитална и финансиска писменост на населението.

АФД и АЕТМ соработката ќе ја остваруваат преку размена на информации од заеднички интерес, организирање на заеднички активности и проекти, учество на семинари, конференции, тркалезни маси и други едукативни содржини од областа на е-трговија, финтек и слични теми, размена на искуства и давање на професионални совети.

„Нашите основни цели кон коишто се стремиме и работиме уште од формирањето на Асоцијацијата се подигнување на јавната свесност за Финтек индустријата и нивните можности, како и едукација на населението за придобивките од користење на современите технолошки решенија. Преку соработката со АЕТМ веруваме дека заеднички ќе успееме во напорите да придонесеме кон создавање на финансиски и дигитално едуцирано население кое ги ужива придобивките од дигиталната доба во која живееме.– изјави Јана Никодиновска, Генерален Секретар на АФД.

„Моменталната ситуација поврзана со COVID-19, даде можност сите да се уверат колку е потребна дигитализацијата на процесите час поскоро. Како Асоцијација за е-трговија на Македонија, изминатиов период цврсто се залагавме за подобрена едукација кога се во прашање дигиталните вештини, работевме на подигнување на свеста од потребите на е-трговијата во секој бизнис, а сега директно финансиски и консултативно помагаме за отворање на нови 40 е-продавници со цел зголемување на понудата. Веруваме дека потпишувањето на овој меморандум со АФД ќе биде само почеток кон една плодна соработка преку која успешно ќе се справуваме со предизвиците кои ги носи дигитализацијата и заеднички ќе придонесеме кон едно – дигитално паметно општество, каде е-трговијата и финтек индустријата ќе бидат составен дел од тоа општество„ – изјави Филип Чижбановски, в.д. претседател на АЕТМ.