Новости од е-трговија

Признание во Њујорк: Нина Ангеловска е една од седумте жени амбасадори на е-трговија

Министерката за финансии во Владата на Република Северна Македонија и до скоро претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска е меѓу седумте жени претприемачи кои се избрани за амбасадор на е-трговијата во Обединетите Нации (ОН). Нејзината промоција е најавена за време на 74. Генерално Собрание на ОН од 23 до 26 септември во Њујорк, а признанието го доделува телото при организацијата за трговија, инвестиции и развој УНКТАД.

Жените-амбасадори на е-трговија ќе се придружат на светските лидери во разгледување на досегашните резултати од имплементацијата на Агендата 2030 – „Цели за одржлив развој на Обединетите нации“ и ќе дискутираат за нејзино унапредување. Од УНКТАД иницијативата „Е-трговија за сите“ истакнуваат дека „супер седумката“ е избрана со цел да се поттикнат и инспирираат жените во светот да преземат иницијативи и да ги искористат предностите кои ги носи глобалната дигитална економија, која е во постојан развој.

„За забрзување на економскиот раст и намалување на сиромаштијата во земјите во развој, потребно е да се искористи позитивното влијание на дигиталната технологија во комбинација со трансформативната моќ на претприемништвото кај жените“, се вели во објавата на УНКТАД.

Покрај министерката Ангеловска, која ова признание го добива како ко-основачка на Grouper.mk, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република Северна Македонија, останатите избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrи, Клаудија де Хередиа од Мексико, ко-основачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.

Веќе неколку години наназад придонесот и работата на Ангеловска е препозната ширум светот. Меѓу позначајните меѓународни признанија е и признанието од магазинот „Форбс“ кој ја вброи во листата на 30 најуспешни и инспиративни млади лидери под 30 години во Европа во категорија “е-трговија.

Иницијативата „е-трговија за сите“ има за цел да придонесе во креирање на политики во националните и меѓународните дијалози во насока на еманципација и развој на способностите на следната генерација на жени претприемачки. Таа е предводена од УНКТАД, а поддржана и од владата на Холандија.