Новости од е-трговија

Никола и Душица од Имако Вино: Градиме мостови меѓу традицијата и иновацијата

На Наградите за е-трговија публиката имаше единствена можност да вкуси низа исклучителни вина и алкохолни пијалоци од нашиот Вински спонзор и еден од водечките производители во регионот – Имако Вино. Меѓу нив беше и официјалното деби на Fama, нивното ново пенливо вино, кое го привлече вниманието на многумина со својата префинета свежина и елегантен карактер.

Зад овој иновативен бренд стојат Никола и Душица Љуботенски, брат и сестра кои ја водат семејната компанија со заедничка визија и различни улоги – Никола фокусирајќи се на глобалната стратегија и извозните пазари, а Душица на градењето бренд и на домашниот пазар. Во ова ексклузивно интервју за AETM, тие споделуваат повеќе за нивната лидерска динамика, за вредностите што го движат брендот Имако Вино и како постигнуваат успешна синергија меѓу иновативноста и традицијата.

Имако Вино е семејна компанија со јасна и цврста визија. Можете ли да ни кажете повеќе за почетоците на компанијата и како таа визија еволуираше со текот на времето?

Никола: Имако Вино започна како визија длабоко вкоренета во нашето семејство и семејната поврзаност со производството на вино. Нашето патување започна со идејата дека македонското вино има потенцијал да стои рамо до рамо со најдобрите на светот – не само преку винската традиција, туку пред се во рамки на една модерна, динамична индустрија. Уште од самиот почеток верувавме во создавање вина кои се со висок квалитет, експресивни и пристапни, вина во кои луѓето вистински уживаат без бариери.

Душица: Таа визија еволуираше со текот на годините, но суштината останува иста – балансирање на традицијата со иновацијата. Денес, како една од водечките винарии во Македонија, Имако Вино произведува вина и вински дестилати, од кои над 80% се извезуваат на меѓународниот пазар, и тоа исклучиво во шишиња, директно од винаријата. Но, настрана од бројките, нашиот фокус е на производство на вина и дестилати кои се современи, елегантни и во склад со навиките на современите потрошувачи. Затоа инвестираме во иновации, одржливост и нови категории на производи, како нашето ново пенливо вино Fama и нашето наградувано бренди Bohemian Brotherhood.

Препознатливоста на Имако Вино меѓу другото потекнува и од градењето мостови меѓу традицијата и модерните трендови. Што е тајната на успешно балансирање меѓу останувањето доследен на винското наследство и прифаќањето на новите трендови и адресирањето на очекувањата на потрошувачите?

Никола: Во Имако, традицијата и иновативноста ги гледаме како две страни на иста паричка. Големите вина го почитуваат своето потекло, но и тие се развиваат. Ние изработуваме вина што ја носат длабочината и карактерот на Овчеполието како поднебје, истовремено користејки ги најмодерните технологии методологии на правење вино и дестилати за да ги задоволиме динамичните преференци на потрошувачите. Нашата цел не е да ги следиме трендовите слепо, туку да создаваме вина кои се чувствуваат релевантни денес, а воедно ќе го издржат и тестот на времето. Затоа се фокусираме на рамнотежа помеѓу префинетоста и пристапноста, помеѓу наследството и иновацијата. Оваа филозофија ни овозможува да направиме мост помеѓу Стариот и Новиот свет кога виното е во прашање, нудејќи вина кои се софистицирани, но во кои лесно се ужива.

Никола, како извршен директор, се фокусираш на извозните пазари, додека Душица ги предводи активностите на домашниот пазар. Како овие два аспекта на бизнисот се надополнуваат еден со друг, и кои се вашите најголеми предизвици и успеси во овие улоги?

Никола: Над 80% од нашето производство се извезува, исклучиво во шишиња, директно од винаријата. Па така, нашето присуство на меѓународниот пазар е од клучно значење. Мојата улога е да осигурам дека вината на Имако ги исполнуваат очекувањата на глобалните потрошувачи, дистрибутери и професионалци од индустријата. Секој пазар има различни регулативи, преференции и трендови, така што дел од мојата работа е адаптирање и истовремено задржување на идентитетот на нашиот бренд. Во исто време, нашиот извозен успех е поврзан со тоа како го градиме брендот на локално ниво – доколку сме препознаени и почитувани дома, таа порака се носи на меѓународно ниво.

Душица: Домашниот пазар е местото каде што започнува приказната за брендот. Мојот фокус е на како го позиционираме Имако во Македонија – како комуницираме, како потрошувачите ги доживуваат нашите вина и како создаваме долгорочна лојалност. Секој маркетинг напор, секоја активација и секој ангажман што го имаме со локалните потрошувачи гради кредибилитет што се протега надвор од нашите граници. Најголемиот предизвик е да се одржи конзистентноста во сите допирни точки, додека се прилагодуваш на различните потреби на пазарот. Но, нашиот најголем успех е што докажавме дека Имако е бренд кој припаѓа и на секојдневните трпези и на најпрестижните меѓународни вински сцени. Во таа смисла, не ги гледаме извозот и домашниот пазар како одвоени – тие се во синергија со цел да ја зајакнат нашата визија.

Имако се здоби со значајни признанија на меѓународно ниво, со престижни награди за Constellation Vranec и Bohemian Brotherhood XO. Како овие награди го зајакнуваат позиционирањето на вашиот бренд и влијаат на вашето присуство на глобалниот пазар?

Никола: Наградите се важни затоа што обезбедуваат објективна потврда за она што веќе го знаеме дека нашите вина и дестилати ги исполнуваат највисоките светски стандарди. Кога вино како Constellation Vranec добива Gold на AWC Vienna 2023, Gold на Mundus Vini Meninger 2024, 92 points на Decanter World Wide Awards и Grand Gold на CMB 2023, тоа ја зајакнува нашата верба дека македонските вина го заслужуваат своето место меѓу најдобрите во светот. Овие признанија ни помагаат и на новите пазари, каде што потрошувачите можеби сè уште не го познават нашиот бренд. Наградата од почитуван натпревар им дава доверба во тоа дека Имако Вино е целосно посветено на испорачување врвен квалитет и извонредност на секое поле.

Душица: На домашниот пазар, овие награди помагаат да се обликува тоа како луѓето го перципираат нашиот бренд. Тоа не се само медали; тоа е доказ дека вината што ги гледаат на полиците се од светска класа. Ги користиме како дел од нашето представување пред публиката – без разлика дали станува збор за маркетинг, на настани или преку соработки – бидејќи тие покажуваат дека нашиот пристап кон производството на вино не само што е препознаен, туку и награден. Еден од најдобрите примери беа токму Наградите за е-трговија, каде што гостите имаа можност од прва рака да ги искусат нашите вина и дестилати. Fama, нашето ново пенливо вино, беше претставено пред многубројната публика во амбиент кој го истакна квалитетот и модерната привлечност на нашето портфолио. Овие настани ни помагаат да се поврземе со потрошувачите не само преку нашите вина, туку и врз основа на нашата визија и филозофија и да покажеме дека врвните, наградени вина можат да бидат пристапни и лесни за уживање.

Во тој контекст, една од клучните пораки на Имако е дека одличното вино треба да се ужива без бариери. Како ја преточувате оваа филозофија во вашите производи и маркетинг стратегии?

Душица: Конзумирањето вино сакаме да го гледаме повеќе како искуство за паметење отколку како некаква строга лекција што треба да ја научите наизуст. Знаењето и длабочината се секогаш тука за оние кои ги бараат, но одличното вино пред сè треба да донесе уживање. Затоа се фокусираме на создавање на искуство кое е пристапно, искуство во кое комплексноста е избор а не товар, без разлика дали некој за прв пат ги открива нашите вина или е веќе посветен ентузијаст. Оваа филозофија се рефлектира во сè, од нашата бренд и сторителинг стратегија, до начинот на кој ги презентираме нашите вина на настани како Наградите за е-трговија, каде што гостите можеа да го истражуваат нашето портфолио на начин и во атмосфера во која се чувствуваат природно, опуштено. Квалитетот треба да се чувствува, а не само да се објаснува, а ние создаваме вина кои зборуваат сами за себе.

Како што веќе споменавте, бевте спонзори на неодамнешните Награди за е- трговија, каде што гостите имаа шанса да искусат избор на вина и дестилати од Имако Вино, вклучително и претставувањето на Fama. Колку е важна е-трговијата за винската индустрија и како Имако се прилагодува на дигиталните трендови?

Душица: Електронската трговија игра сè поважна улога во винската индустрија, нудејќи нови начини да се поврзете со потрошувачите, да ја раскажете вашата приказна и да го направите виното попристапно. Додека виното традиционално е производ што луѓето го истражуваат во живо, дигиталните платформи ни дозволуваат да го прошириме тоа искуство, да се поврземе со нова публика и да понудиме поголема удобност во винското истражување.

Од тој аспект, за нас во Имако, приспособувањето на дигиталните трендови е приоритет. За почеток, се фокусиравме на градење силна соработка со клучните онлајн трговци, осигурувајќи дека нашите вина се достапни таму каде што потрошувачите веќе купуваат. Нашето последно партнерство со Ананас, најголемиот маркетплејс во регионот, е важен чекор во оваа насока. Во план за следната фаза е развивање на наша сопствена платформа за е-трговија, каде што можеме да го донесеме целосното искуство на Имако на интернет – комбинирајќи едукација, сторителинг и директно ангажирање на потрошувачите.

На Наградите за е-трговија, каде што ја презентиравме Fama, видовме од прва рака како дигиталните иновации и искуствата од реалниот свет одат рака под рака. Настаните како овие се потсетник дека исто како што е-трговијата ја преобликува малопродажбата, исто така го менува начинот на кој брендовите на вино комуницираат, градат доверба и создаваат трајни врски.

Што е следно за Имако Вино? Дали има некои нови производи, пазари или иновации што можеме да ги очекуваме во блиска иднина?

Никола: Имако Вино постојано се развива, а нашата иднина ја градиме околу зајакнување на визијата за правење исклучителни вина кои се софистицирани и пристапни. Светот на виното се менува, а ние гледаме зголемена побарувачка за вина кои носат рамнотежа помеѓу уметноста на правење вино и модерниот начин на живот. Таа рамнотежа е нешто на што длабоко се фокусираме со нашиот главен технолог, Атанас Рунчев, кој веќе 25 години го вложува своето врвно познавање на поднебјето, процесите на правење вино и глобалните вински трендови за да осигура дека секое вино што го произведуваме ја носи и автентичноста на неговото потекло и иновациите потребни за да се исполнат очекувањата на денешните потрошувачи. Овој пристап ни овозможува да ги поместиме границите на квалитетот додека остануваме верни на карактерот на нашите лозја. Иако е уште рано да откривам детали, можам да најавам дека од Имако следуваат неколку новитети кои на македонскиот пазар ќе се појават за прв пат.

Од аспект на пазарното присуство, се прошируваме на нови меѓународни пазари, но уште поважно, гарантираме дека Имако Вино останува бренд кој луѓето го препознаваат, во кој веруваат и со кој уживаат. Тоа значи продолжување со иновации – истовремено и во производството на вино, во одржливоста и во начинот на кој се поврзуваме со нашите потрошувачи.

Душица: Една од најголемите области на кои се фокусираме е како се поврзуваме со потрошувачите, и локално и меѓународно. Нашиот прв чекор беше зајакнување на нашето присуство кај клучните онлајн трговци, а следниот е развивање на наша сопствена D2C платформа. Дигиталната трансформација го менува начинот на кој луѓето го доживуваат виното, а ние сакаме секогаш да бидеме во првите редови на таа промена. Од аспект на производите, Fama, нашето прво пенливо вино, е одличен пример за тоа како го прошируваме нашето портфолио за да одговара на преференциите кои се развиваат. Но, истовремено продолжуваме со инвестирање во нашите врвни и зреени вина, осигурувајќи дека ќе продолжиме да носиме длабочина и извонредност до потрошувачите со секое шише што го создаваме.

Никола: Светот на виното се менува, и Имако Вино е подготвено да го води патот напред, преку градење мостови меѓу наследството и иновациите, комплексноста и пристапноста, префинетоста и уживањето.

Поврзани содржини