Новости од е-трговија

[Луѓето зад е-трговијата] Ива Дујак Ѓурѓиќ, Movement: Само со движење, адаптација и нови обиди се отвораат нови можности

Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.

Во ова издание разговараме со Ива Дујак Ѓурѓиќ, Founder & CEO на маркетинг агенцијата MOVEMENT, за патот на градење агенција од нула, лекциите што доаѓаат со растот на бизнисот и важноста на постојаното движење како основа за долгорочен успех.

Која лекција во бизнисот ја научивте на потежок начин, а би сакале некој да ви ја кажеше порано?

Една од причините зошто агенцијата се вика MOVEMENT е затоа што низ многу претходни искуства сфативме дека во маркетингот, а генерално и во бизнисот, постојаното движење е основа за долгорочен успех.

Предолгото уживање во одредена позиција, потпирање на претходни успеси или предолго размислување над неуспеси води само кон едно – блокада. Она што имав среќа да ми го најават драги луѓе кои поминале низ истото, а потоа и да го почувствувам низ растот на MOVEMENT е дека клучно е да продолжиш да се движиш.

Без разлика дали го остваруваш најголемиот успех или си во ситуација која ти изгледа безизлезно – само со упорност, флексибилност, нови обиди и малку по нашки, инает, се отвораат нови можности за кои понекогаш не сме ни свесни колку многу можат да ни донесат.

Кој момент или постигнување од развојот на вашата компанија/кариера би го издвоиле како најзначаен?

Самото тоа што постоиме веќе скоро 3 години и самостојно ја градиме компанијата од нула, за мене е достигнување само по себе. Покрај бројните стратегии, кампањи и цврсти односи со клиенти, би го издвоила тоа што успешно и (за нас изненадувачки лесно) се прилагодивме на работењето и стандардите на Западно-Европскиот и Американскиот пазар. Проектите кои се одобруваат „од прва“ и позитивните реакции на целната публика само ни потврдија дека и од нашата скромна канцеларија до „Песталоци“, лесно можеме да го освоиме светот. 😊 Верувам дека најзначајното допрва доаѓа, имаме големи планови и цели, и уште многу што сакаме да оствариме и создадеме.

Според вас, кои се најголемите предизвици со кои се соочува е-трговијата денес и што сметате дека треба да се промени или подобри за да бележи уште побрз раст?

Ако ги заобиколиме стандардните локални проблеми за кои веќе долго се зборува – како неквалитетната достава или недоволно развиените (во голема мера и непостоечки) програми за лојалност, би рекла дека сѐ поголем предизвик ќе станува „освојувањето“ нови корисници со просечно ниво на маркетинг и просечно е-шопинг искуство.

Трошоците за достигнување до нова публика стануваат поголеми, конкуренцијата расте и од продажен и комуникациски аспект, па така, ако порано беше доволно само да отвориш е-продавница и така веќе беше чекор пред конкурентите, сега многу повеќе е потребно да се размислува за квалитетно корисничко искуство низ целиот продажен процес, како и соодветна, ефикасна комуникација која дополнително ќе ја привлече целната публика.

Сметам дека сме дојдени во фаза во која ќе се размислува на квалитет пред квантитет, персонализирани искуства и сеопфатно шопинг искуство кое публиката ќе ја тера не само да се врати повторно, туку и самостојно да го споделува јавно сопственото задоволство.

Како AI веќе влијае врз вашиот бизнис и на кои полиња гледате најголем потенцијал за нејзина примена во иднина?

Влијае во секој аспект на нашето работење 😊 Од една страна негативно, со големи предвидувања дека можеби ќе ја снема потребата за нашата индустрија или компании кои мислат дека ChatGPT им е замена за искусен маркетер, до, од друга страна значајни, позитивни олеснувања во работните процеси, поголема ефикасност и поголеми можности за работа. Иднината ја гледам во користење на AI за подобрување на ефикасноста на работните процеси – побрза анализа, проверка, автоматизација, но секогаш основната насока и последна проверка остануваат наша одговорност.

Каков е вашиот впечаток од членството во АЕТМ и кои бенефити ви донеле најголема вредност? Што би им препорачале на компаниите кои сè уште не се дел од АЕТМ?

Впечатокот е одличен 😊 По секој настан (сега веќе традиционално) споделувам со тимот дека се надминале себеси а и голем дел од случувањата на нашиот пазар. Ме радува тоа што континуирано се работи на креирање на можности за вмрежување, споделување искуства и учење едни од други. Членството во АЕТМ не е само уште една члена рина „колку да се има“ туку е пристап до вредна база на контакти и можности за активно учење, раст и развој на долг рок.

Поврзани содржини