Новости од е-трговија

ПРАВИЛНАТА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ИНСТАНТ ПЛАЌАЊАТА ВО МАКЕДОНИЈА ОД СТРАНА НА КИБС АД ПОТВРДЕНА И ОД НАЈНОВАТА СТУДИЈА НА СВЕТСКА БАНКА

Во рамките на проектот FASTT (Frictionless Affordable Safe Timely Transactions), Светска банка ја објави својата студија „Прирачник за централните банки за успешно имплементирање на брзите плаќања“ (Fast Payments Championship Toolkit for Central Banks). Притоа беше истакнат значителниот придонес на КИБС АД Скопје, како еден од учесниците во подготовката на оваа студија, која се очекува да биде драгоцена алатка на централните банки при имплементација и развој на инстант (брзи) плаќања, како клучен двигател кон финансиска инклузија и дигитализација на економијата.

Студијата содржи комбинација на научни истражувања и дискусии со централните банки и приватните оператори од различни земји и законодавства за предизвиците и факторите што придонесуваат за успешност на проектите со цел имплементирање и развој на инстант плаќањата, фокусирајќи се на најдобрите практики што им стојат на располагање на централните банки. Притоа, идентификувани се пет области на дејствување:

  1. Дефинирање на целите што треба да се постигнат со воведување на инстант плаќањата во рамките на пошироката платежна стратегија за сегментот население и притоа позиционирање на улогата на централната банка;
  2. Приклучување на сите релевантни учесници и градење посветеност во рамките на заедничката визија;
  3. Градење амбиент во кој одлуките за дизајн и имплементација на решенијата се носат со учество и динамичка дискусија на сите засегнати страни;
  4. Поставување сеопфатна комуникациска стратегија за зголемување на свесноста и едукација како на крајните корисници, така и на трговците, со крајна цел ‒ широко прифаќање на платежните услуги од учесниците на пазарот;
  5. Обезбедување континуирана експертска и техничка поддршка во текот на целото времетраење на проектот.

Како оператор на платен систем, КИБС АД Скопје е единствената приватна институција што е вклучена во студијата со цел давање сеопфатен експертски придонес во однос на тоа како се спроведуваат активностите во контекст на пазарни иницијативи за развој на системи за инстант плаќања.

Значајно место во студијата зазема анализата на расходи и приходи (cost-benefit analysis) за подолг временски период, која е подготвена од КИБС АД Скопје пред почетокот на проектот, а во која се земени предвид не само органскиот раст на дигиталните праќања, туку и потенцијалот на инстант плаќањата за конверзија на дел од сивата економија во формални платежни канали. Искуствата што КИБС ги собра од земјите од регионот и Европа му помогнаа за дизајнирање на решението, идентификување на главните предизвици и фактори за успех, како и за поставување конзистентни цели. Исто така, истакнато е дека од значење е редовната комуникација со Министерството за финансии и другите владини институции како учесници во постојниот платен систем КИБС, со цел подобра координација и соработка.

КИБС континуирано посветено работи во насока на имплементирање на најсовремените дигитални решенија во платежната инфраструктура. Таков е и проектот за инстант плаќања, кој е во завршна фаза и подразбира имплементација на две платформи поврзани меѓу себе: платформа за централно решение за извршување на инстант плаќањата и платформа што ќе овозможи канали за иницирање и прифаќање инстант плаќања од крајните корисници.

Со воведувањето на инстант плаќањата во земјата, КИБС не само што значително ќе ја подобри платежната инфраструктура од аспект на нудење брзи плаќања што се реализираат во реално време (примачот ги добива средствата за помалку од 10 секунди) и кои се извршуваат 24/7/365 дена во годината, туку влијанието е уште посеопфатно и мултидимензионално за економијата во целина. Па така, компаниите, особено значајно за малите и средни претпријатија, си ја подобруваат ликвидносната позиција со цел наплата без одложување и ја намалуваат потребата од краткорочни ликвидносни позајмици, се отвораат можности за поефикасна наплата на фактури, сметки и обврски кон државните институции и поефикасно обезбедување услуги за граѓаните и стопанството, се зголемува бројот на учесници во финансиските текови со цел достапност на плаќањата и со тоа се намалува готовината во оптек, а и трансакциските трошоци поврзани со неа. Оттука, влијанието на намалување на сивата економија очигледно има далекосежен импакт врз вкупната фискална економија и финансискиот екосистем.

Целата студија може да се погледне на линкот FPS Championing Handbook_Final June 2024.pdf (worldbank.org).

Поврзани содржини