Новости од е-трговија

ИутеKредит со ново иновативно решение за онлајн продажба

Насочени кон комплетна дигитализација на финасиските услуги и константно изнаоѓање на иновативни решенија кои ќе го поедностават начинот на онлајн купување, ИутеКредит Македонија разви опција за плаќање со кредит на рати како замена за класична трансакција со дебитна или кредитна картичка.  Станува збор за API решение кое 100% функционално на сите WordPress сајтови, додека пак за останатите може да се адаптира и на тој начин е лесно достапно за секој е-трговец кој е заинтересиран да го имплементира. Единствен трошок на трговецот е оваа адаптација од страна на програмерска компанија по негов избор. 

При процесот на купување на веб страните каде е имплементирано ова решение кога купувачот ќе стави производи во кошничката (со максимална вредност од 120 000 ден.) и ќе стигне во делот за онлајн наплата, добива опција да избере да плати преку потрошувачки кредит од ИутеКредит Македонија. Доколку го избере овој начин на плаќање, на сајтот за онлајн продажба пополнува кратка форма со своите лични податоци и го одредува бројот на рати (од 3 до 24 рати). Апликацијата се обработува веднаш (realtime) и клиентот е информиран дали кредитот е одобрен или не.

Доколку одговорот е позитивен, средствата се префрлаат на сметката на трговецот (веднаш доколку купопродажбата се случува во работно време на банките, а веќе следниот ден доколку се случила вон работно време на банките).  Производот е веќе во сопственост на купувачот, тој го добива преку соодветната достава,  а месечните рати ги плаќа кон ИутеКредит. За е-трговецот нема никаква провизија при трансакциите.

Со имплементација на ова решение купувачите добиваат можност за поголема финансиска слобода во изборот на производ или производи кои ќе ги купат, а самиот процес е едноставен, брз, од било кое место и во било кое време.   

„Овој начин на кредитирање при онлајн купување е единствен на пазарот кај нас и во моментот е активен во соработка со нашиот трговски партнер Нептун, односно е имплементиран на нивната веб страна за онлајн продажба. Среќни сме што успеавме да го направиме достапен за македонските купувачи и да придонесеме за напредок во услугите за кои ги нудиме онлајн за нашите клиенти. Се надеваме дека во иднина решението ќе биде имплементирано на што повеќе страници за онлајн продажба во земјава“ велат од ИутеКредит.

Инаку, ФД ИутеКредит Македонија ДООЕЛ е финансиско друштво кое постои на македонскиот пазар од 2017 година. Целата на ИутеКредит е да создаде исклучително корисничко искуство во финансирањето на физички лица, едноставно, брзо и безбедно да одговори на сите финансиски потреби на клиентите.