Новости од е-трговија

[Интервју] Ристо Митаноски, moekafe.mk: Пандемијата со помош на е-трговијата го промени трендот во корист на пиење квалитетно кафе од дома

Несомнено е дека во овој период, сите поминуваме низ најразлични транзиции и промени кои сосема ја искоренија нормалноста од нашите секојдневни животи. Она што сепак останува непроменето е желбата за вкусот на првото утринско кафе. Разговараме со Ристо Митаноски, сопственик на moekafe.mk за потребата од креирање на оваа е-продавница, навиките на купувачите и за уживање во вкусното еспресо за време на глобалната пандемија.

AETM: Moekafe.mk неодамна се појави како нов е-трговец на нашиот пазар во време на глобалната пандемија COVID-19. Дали токму вирусот беше причината за да започнете со онлајн продажба или тоа беше планирано од претходно?

Ристо Митаноски: moekafe.mk e продолжение на ВОР Кафе кое постои веќе 7 години. Следејќи ги трендовите на пазарот и промената на навиките на купувачите се фокусиравме да понудиме дополнителен канал на продажба за нашите постоечки и нови купувачи. Луѓето се повеќе се насочуваа за купување преку Интернет поради брзиот и динамичен живот кој го живееме и поради можноста да порачате производи од било каде. Пандемијата само го забрза овој процес. Промената на потребите и навиките, зголемениот интерес за купување преку Интернет и зголемената понуда водат кон зголемување на продажбата преку Интернет но, расте и довербата во домашните online продавници. За да опстоите на пазарот мора да сте флексибилни и да одговорите на потребите на купувачите. Тоа беше мотив за нас да понудиме нешто дополнително со кое ке бидеме полесно достапни во било кое време за сите кои знаат да го препознаат добротот кафе и да уживаат во него. Работевме на отварање на online продавница не претпоставувајќи што не очекува и со каков предизвик ке се соочиме сите ние како општество и светот воопшто, односно covid-19. Иницијативата произлезе пред појавата на пандемијата но самото отворање се случи токму во самиот ек на истата. Инвестицијата во online продавница се покажа како вистинска и навремена. Покрај предизвиците со кои се соочивме со пандемијата, таа донесе и други можности и перспективи за нашиот бизнис.. 

АЕТМ: Во вашата е-продавница може да се најде буквално сѐ што е потребно за вкусно кафе без разлика дали во домашна атмосфера или во канцеларија. Дали купувачите повеќе уживаат во вашите производи од удобноста на својот дом или можеби работното место? Каков е нивниот feedback за користењето на вашата продавница?

Ристо Митаноски: Производите кои ги продаваме се едноставни, практични и лесни за користење така што лесно се вклопуваат во сечиј дом или работно место истовремено, нудејќи совршено еспресо за сечиј вкус во секоја прилика. Љубителите на добро кафе сакаат да уживаат во секоја прилика – наутро за убав почеток на денот, на работа за време на пауза и време поминато со колегите, за време на работни состаноци,  попладневните часови поминати со семејството и пријателите дури и викенди и одмори поминати во викендички,  понесувајќи ги лесно транспортливите кафеапарати со себе и уживајки во омиленото кафе и омилениот вкус. Новата реалност која ја донесе COVID-19 секако дека ги промени приликите, потребите и условите за пиење кафе. Забележителен е трендот на пораст на купувачи кои купуваат кафе за своите домови кои за многу од нас покрај дом станаа и работно место и секако, неможноста за дружба во угостителските објекти со пријателите не значи и откажување од добро кафе. Ако пред пандемијата продажбата беше поголема за канцеларии и останати работни простори за сметка на домовите, пандемијата го промени трендот во корист на пиење кафе од дома затоа што љубителите на квалитетно кафе не сакаат да се откажат од истото каде и да се наоѓаат. Бидејки нашата online продавница е многу едноставна за користење, со само неколку клика ги купувате саканите производи, квалитетната услуга која ја нудиме носи само позитивни коментари од нашите купувачи а најголема потврда за тоа ни се купувачите кои повторно се враќаат и купуваат од нашата продавница.

АЕТМ: Појавата и ширењето на covid-19 претставува предизвик за сите компании. Какво влијание има пандемијата врз вашиот начин на работа и како се прилагодувате на условите? Дали вирусот предизвикува потешкотии при реализирање на доставата на нарачките? Колкав е временскиот период кој е потребен за нарачката да стигне до домот на купувачите, и дали можеби тие се интересираат за бесконтактна достава во овој период? 

Ристо Митаноски: Влијанието на covid-19 врз бизнисите и норамалното функционирање е несомнено и наметна нови услови и правила на работа. Приоритет на нашата компанија секогаш, а особено во овие несекојдневни услови со кои се соочивме секако беше, и сѐ уште е заштита на здравјето и безбедноста на вработените како и на нашите купувачи. Поради тоа, следењето на препораките од надлежните институции, користењето на средства за дезинфекција, заштитни маски, држење на растојание и сл. се задолжителни при нашето секојдневно работење во новонастанатите околности. Бидејќи плаќањето на производи се врши дирекно на нашата online продавница, нашите купувачи само го добиваат производот кој го порачале без било каква дополнителна интеракција која би била ризична за загрозување на здравјето.  Доставата на производите е во наредните 1-2 работни дена од креирање на порачката до адресата која е наведена. Покрај потешкотиите кои ги донесе пандемијатa секако дека се појавија и нови можности и пораст на online продажбата, потребно е само да се сте брзо прилагодливи на условите и приликите за да полесно ги надминете препреките.

AETM: Според вас, дали мислите дека граѓаните се повеќе гледаат на е-трговијата и нарачувањето преку Интернет во оваа ситуација како олеснително решение за добивање на посакуваниот производ? Да речеме дека јас сум купувач на moekafe.mk и се двоумам за машина и кафе кои ќе резултираат во вкусно еспресо подготвено дома; според вас, кои производи би ми ги препорачале?

Ристо Митаноски: Како што и претходно напоменав, сметам дека купувачите се повеќе веруваат во online продавниците, и ако до сега најчесто купувале online од продавачи од други земји поради неможноста истиот производ да го купат кај нас, пандемијата ги натера и она што секојдневно можеби го купувале од продавниците блиску до нив сега да го прават истото преку Интернет. Зголемената понуда и конкуренцијата секако доведоа до пораст на овој канал и за голем дел од купувачите верувам дека навиките за online купување ќе останат и по завршување на пандемијата, затоа што овој начин на пазарање овозможува брзо, лесно и едноставно во било кое време да ги порачате производите кои ви се потребни. Кафе апаратите на illy X7 I Y3 како и Lavazza LB900 се одлични, елегантни, компактни и лесно се вклопуваат во сечиј дом, притоа нудејќи совршено еспресо уживање. Нудиме и широка палета на вкусови на кафе имајќи во предвид дека за вкусовите не можеме да судиме и дебатираме. За секој од производите се трудиме да наведеме што подобри спецификации како купувачите полесно би се одлучиле што е она што нив им е потребно и соодветно, но доколку било кој клиент има дилема што да одбере, секогаш сме тука за да разговараме, појасниме она што ги интересира и да им помогнеме во донесување на одлуката и избор на производ кој ќе биде најсоодветен за нив. Можат да не контактираат телефонски, преку е-mail или Facebook и заедно ке ги решиме сите дилеми кои ги имаат. И не заборавајте дека кафе апаратите кои ги имате дома лесно можете да ги понесете со себе на викенд или одмор, и да уживате во вкусот на вашето омилено кафе каде и да сте.

AETM: За крај, дали може да ни кажете која е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство со е-трговијата? Дали ќе продолжите да ја практикувате истата во иднина? 

Ристо Митаноски: Сите ние како потрошувачи имаме свои навики кои потешко ги менуваме, но брзиот и динамичен начин на живот спонтано не води до промена на навиките и наоѓање едноставни, лесни и брзи решенија за она што ни треба. Online продавниците токму тоа и го нудат, да купувате од дома без да трошите време во продавница, се избегнуваат гужви, чекање ред и многу важно купувате кога вас ви одговара во било кој ден од денот или неделата и сето тоа го добивате на наведената адреса. Моето позитивно искуство со користење на online продавниците кои до сега сум ги користел само ме поттикнуваат да останам редовен клиент, особено домашните за кои да бидам искрен, пред пандемијата не сум ги ни користел. Во изминативе 2,5 месеци колку што живееме со пандемијата во комплетно нови услови за нас, многу од производите почнав да ги купувам од дома, а последно купив намирници за исхрана и хигиена за дома и тостер. Online купувањето штеди време и енергија кои на сите ни недостига во брзиот и динамичен начин на живот кој го живееме. Сметам дека имаме одлични домашни online продавници кои нудат одлична услуга и ќе ни го направат животот поедноставен.