За важноста на грижата за корисниците, за работната подготовка на онлајн супермаркетот за време на полниот ек на глобалната пандемија, како и за подобрување на перформансите и организирање за новите предизвици зборуваме со Петар Наумовски од granapdoma.mk.
АЕТМ: granapdoma.mk минатата година се придружи на понудата на онлајн супермаркети на македонскиот пазар; што ве натера да го додадете онлајн каналот за продажба како дел од вашиот бизнис покрај традиционалните, физички продавници? Дали можете да ни кажете откога ја отворивте е-продавницата, каков е соодносот на купувачите во физичките продавници во споредба со е-купувачите?
Петар Наумовски: Платформата за online продажба granapdoma.mk постои многу подолго време. Пред неколку години сопствениците го имаа препознаено потенцијалот на овој начин на продажба кој носи и одличен имиџ за компанијата. Претходно соработувавме со одредени компании и мал број клиенти и истата не ја форсиравме, напротив, со самиот почеток на пандемијата ние ја стопиравме со цел да се доекипираме и соодветно одговориме на барањата на купувачите, односно понудата на производи која кај нас е најголема ја доставиме навремено, свежа, со запазени рокови на траење и соодветно спакувана. Кога бевме 100% сигурни дека сето ова можеме да го постигнеме започнавме со работа.
Бројот на купувачи во физичките продавници е неспоредливо поголем, но големината на сумата на фискалните сметки во online продавницата пак е неспоредливо поголем. Ние веќе и знаеме кој купувач кога ќе направи нарачка, кој производи ги нарачува и за која сума. Многу интересна и благодарна категорија на купувачи.
АЕТМ: Со појавувањето на глобалната пандемија во нашата земја интензивно се зголеми понудата и изборот на онлајн маркети со оглед на тоа што граѓаните сакаа да ја одбегнат гужвата и на безбеден начин да добијат намирници во својот дом. Што е она што го прави онлајн маркетот на Гранап поразличен од останатите онлајн маркети на македонскиот пазар?
Петар Наумовски: Пандемијата предизвика огромни турбуленции и на домашниот и на глобалниот пазар. Оваа ситуација никој не можеше да ја предвиди и претходно да се подготви. Како што нагласив во претходното прашање, ние ја имавме веќе платформата, на истата и ги подобривме перформансите и се организиравме за новите предизвици. Granapdoma.mk е поразличен по најголемиот избор на производи и барем по она што го кажуваат купувачите кои мигрираа кај нас најмногу по грижата за корисниците. Тоа ни е најважно. Имаме прекрасна комуникација со нив и излегуваме во пресрет на нивните барања. Ги овозможивме сите начини на наплата: online, со картичка на врата, во готово или на фактура.
АЕТМ: Се повеќе се испоставува дека брзата достава важи за приоритет кога станува збор за нивото на задоволство кај купувачите од една е-продавница. На кој начин функционира начинот на достава на нарачки на granap.mk и колкав е територијалниот опсег за испорака? Дали нарачките ги доставувате со сопствени доставувачи, или пак соработувате со некоја логистичка компанија? Доколку јас сум купувач на територијата на Скопје и имам нарачано производи од granap.mk, за колку време можам да ја очекувам својата нарачка?
Петар Наумовски: Доставуваме на територијата на цело Скопје со сопствени возила и доставувачи. Денот е поделен во 5 слота и секогаш доставуваме во бараниот термин од 2 часа. Купувачот самиот при правењето на нарачката го бира датумот, времето на достава, местото на наплата и местото на достава (многу често се случува, купувачот да напише дека доставата е на друга адреса, воглавно нарачува за нивните родители, што е многу симпатично и за поздравување)
АЕТМ: Свесни сме дека дигитализацијата е се повеќе во полн подем. Заедно со трендовите во дигитализацијата, се менуваат и трендовите во е-трговијата. Какви се вашите планови за во иднина кога станува збор за унапредување на вашата е-продавницата, автоматизацијата и проширување на територијалното ниво на достава? Какви се плановите на granap.mk кога станува збор за имплементирање и следење на трендовите кај онлајн маркетите ширум светот?
Петар Наумовски: Бројките покажуваат нагорен тренд, мислам дека сме на вистинскиот пат, потенцијалот е голем. И многу повозрасни поради пандемијава научија како да прават online нарачки, некои со наша помош и сега сме пријатели ☺
Остануваме на територијата на град Скопје. И самата приказна на Гранап маркетите е таква да нуди едно поинакво искуство на пазарување во маркетите, пријатен амбиент, пријателски настроен персонал и врвна услуга. Тоа е она што го пренесуваме и до online купувачите. Секако следиме што работи конкуренцијата и кои се трендовите во овој сектор.
АЕТМ: За крај, дали може да ни кажете која е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство со е-трговијата? Дали ќе продолжите да ја практикувате истата во иднина?
Петар Наумовски: И јас се навикнав да пазарам планирано, два пати неделно од granapdoma.mk. Ми доставуваат производи. Уживам да сурфам и полека да одбирам тоа што ни е потребно дома, да ги видам сите акции (се заштедува сериозна сума), одбираат подобри свежи производи, зеленчук и овошје, подобро отколку да одберам јас а и полесно е кога некој ќе ви ги донесе сите производи пред врата. Многукратни се придобивките кога пазарувате online. Добивате многу време, одбегнувате гужви и сето она што го кажав погоре. Да не заборавам да напоменам дека нарачките купувачите најчесто ги прават во доцните вечерни часови, релаксирани пред компјутерот или мобилниот телефон, во консултација со останатите во домот.
И моите деца купуваат online, најчесто спортска опрема (од регистрирани продавници) и искуствата за сега се одлични.Треба време за некои навики да се сменат, но јас сум оптимист а и бројките го покажуваат тоа.