[Интервју] Павел Стојанов, e-horeca.mk: Во време каде темпото на живот е забрзано, е-трговијата е се повеќе атрактивна!

Разговараме со Павел Стојанов од e-horeca.mk за најактуелното кафе кај купувачите, доставата како важна компонента во е-трговијата и значењето на дополнителните канали за продажба.

АЕТМ: За читателите кои не се запознаени со вашата е-продавница, дали можете да ни кажете што е е-horeca.mk и каков вид на производи можат да се најдат на неа?

Павел Стојанов: E-horeca.mk е бренд на компанијата Слајон Комерц Дооел, компанија која што се занимава со увоз и дистрибуција уште од 1993 година. E-horeca.mk e онлајн продавница за кафе, опрема и алкохолни пијалоци. Нашата цел е да понудиме квалитет по супер цена, затоа е и соработката со премиум брендови за кафе како: Starbucks, Lavazza, Illy, Jacobs. Во моментов имаме најголемо портфолио на ексклузивни брендови на пазарот, но нашите планови се да не застанеме овде, туку да продолжиме да го шириме.

АЕТМ: Рецептот за задоволен купувач вклучува брза и ефикасна достава. Дали можете да ни кажете нешто повеќе за вашиот систем за испорака на пратките; дали ја вршите директно преку вашата компанија или соработувате со надворешен логистички сервис; како сте задоволни со досегашното искуството на вашите купувачи со доставата?

Павел Стојанов: Втора најважна работа во e-commerce после производот што се нуди е ефикасноста и брзината на достава на самиот продукт. Во моментов немаме директна дистрибуција и работиме со надворешен логистички партнер. Изборот на логистички партнер е предизвик и не секогаш лесен особено кога се работи за голем број на пратки. При изборот на логистички партнер многу е важно партнерот да го разбере начинот на функционирање на вашиот бизнис и важноста за испорака на производот во дадената временска рамка. 

АЕТМ: На вашата продавница засега се достапни само 2 модели на наплата, со про-фактура и плаќање при испорака, односно “Cash on delivery”. Може ли да ни објасните кој од овие два начини е повеќе опфатен? Дали луѓето повеќе бараат да вршат плаќање за продуктите при испорака. Доколку да, може ли да ни го објасните процесот, како се врши наплатата, каква е процедурата?

Павел Стојанов: Начинот на плаќање многу зависи од категоријата на купувачот, кога се работи за правни лица повеќето ја користат услугата плаќање по про-фактура, додека пак повеќето од физичките лица одат со моделот на плаќање при испорака. Вториот метод е повеќе популарен во моментов. При вториот начин купувачот исто така освен во готово, може да плати и со платежна картичка кај курирот што ја врши доставата. Во моментот работиме на повторното пуштање во употреба на плаќање со платежна картичка на нашата онлајн продавница кое што беше активно минатата година.

АЕТМ: Покрај вашата е-продавница, од неодамна сте активни со ваша продавница и на Grouper Shopping Mall. Која е причината која ве поттикна да ги понудите вашите производи на дополнителен канал за продажба, дали можеби сметате дека со овој чекор ќе освоите и нова публика?

Павел Стојанов: Grouper Shopping Mall е проект кој уште при самиот почеток го привлече нашето внимание, затоа и се одлучивме да ги нудиме нашите производи таму. Се подразбира секој канал плус за продажба е добредојден и автоматски значи промоција на брендот и прозводите што ги нудиме како и зголемување на бројот на нови клиенти. Би предложил на секој што се двоуми да се приклучи кон Grouper Shopping Mall.

АЕТМ:Појавата и ширењето на covid-19 претставува предизвик за сите компании. Какво влијание има пандемијата врз вашиот начин на работа и како се прилагодивте на новите услови за работа? Дали моментално постои промена во интензитетот на нарачки за разлика од периодот пред пандемијата? 

Павел Стојанов: Нашата таргет група пред почетокот на пандемијата беше Хо.Ре.Ка секторот, каде што нарачките се со поголема вредност но во помал број, но по воведените мерки и ограничувањата за работа на истиот сектор, се пренасочивме кон домаќинствата, каде нарачките се со помала вредност но во значајно поголем број, тоа секако влијаеше на начинот на нашата работа и организираност. 

АЕТМ: Покрај продажба, вие сте и увозници на сите производи достапни на e-horeca.mk. Можете ли да ни кажете нешто повеќе околу целокупниот увозен процес, времетраењето на процедурата и давачките со кои се соочувате?

Павел Стојанов: Да, ние сме увозници на сите кафе продукти и на неколку алкохолни пијалоци. Тоа ни дава за право да настапиме на пазарот со поволни цени и истовремено да понудиме квалитет на нашите купувачи. Процедурата за увоз е различна зависно од видот на продуктот што сакате да го увезете, и за секој вид на продукт се потребни различни документи, на пример за увоз на алкохолни пијалоци процесот е мошне долг, од барање за издавање на контролни марки, до подигање на истите процедурата трае од 1-2 месеци, додека пак процедурата за увоз на кафе е поедноставна.

АЕТМ: Вашиот асортиман нуди најразлични производи за љубителите на добро кафе, алкохолни пијалоци и угостителска опрема. Дали можете да ни кажете кои се топ три најпродавани производи за време на пандемијата? Доколку сакам да изберам подарок од вашата е-продавница за пријател кој е голем љубител на кафе, кој производ би ми го препорачале?

Павел Стојанов: Изборот е преголем и не би можел да издвојам одреден продукт, бидејќи сите продукти подеднакво се продаваат, но би кажал дека голем хит се производите на Starbucks, L’OR, Lavazza, Jacobs и Illy. Инаку поклонот зависи од вкусот, затоа кога некој купувач има дилема околу производот што сака да го купи ние стоиме на располагање за да помогнеме и го насочиме кон вистинскиот производ. Моја препорака за поклон е DeLonghi Nespresso Inissa апаратот за кафе, каде што воедно ќе добиете и 100 капсули гратис при самото купување.

АЕТМ: За крај, дали може да ни кажете која е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство со е-трговијата? Дали ќе продолжите да ја практикувате истата во иднина?

Павел Стојанов: Во денешно време каде ритамот на живот е брз и ни е потребно се повеќе време за да можеме да ги извршуваме работните и лични обврски беспрекорно, а истовремено да поминуваме повеќе време со фамилијата и пријателите, е-трговијата е добродојдена. Мислам дека секој до сега што има купено било што онлајн ги има увидено предностите и ќе продложи да купува и понатаму. Јас сум оптимист и мислам дека на добар пат се движиме за да ги смениме нештата на подобро. Инаку последната работа што ја купив онлајн е облека.

Поврзани содржини