[Интервју] Никола Димовски, kliknijadi.mk: Верувам дека создадената навиката за порачување онлајн за време на пандемијата ќе продолжи да се практикува и по нејзиното завршување.

Разговараме со Никола Димовски од kliknijadi.mk за нивниот начин на работа во време на глобална пандемија, нивниот нов онлајн маркет, искуството на корисниците при купување на нивниот веб сајт, идните планови на Кликни Јади и најатрактивната храна помеѓу корисниците.

АЕТМ: Во овој период сме свесни дека животното темпо ни е сосема променето, пазарувањето по продавници е отежнето и создава дополнителен стрес кај купувачите. Олеснителна мисла е дека секогаш можеме онлајн да нарачаме вкусен оброк од многуте ресторани во Скопје преку Кликни Јади, особено за време на полицискиот час. Дали моментално постои промена во интензитетот на нарачки за разлика од периодот пред пандемијата? Која категорија на храна е најатрактивна меѓу купувачите?

Никола Димовски: Уште од самиот почеток на кризата, Кликни Јади се најде во уникатна позиција да придонесе за безбедноста на сите граѓани на град Скопје и да помогне на многу бизниси поврзани со угостителството да го преживеат овој тежок период. Горди сме што придонесуваме во борбата против вирусот, така што им овозможивме на сите наши клиенти да останат дома и да уживаат во омилените јадења без да се изложуваат на непотребен ризик себеси и другите. Уште од самиот старт дадовме бесплатна испорака за да ги стимулираме луѓето да нарачуваат онлајн и да им помогнеме на нашите партнери-рестораните, кои беа силно погодени од кризата, да продолжат да работат. Најнарачувани јадења и кујни покрај брзата храна, би ги издвоил нашата македонска кујна, италијанската, мексиканската, кинеската, како и фитнес/здравата храна. 

АЕТМ: Појавата и ширењето на covid-19 претставува предизвик за сите компании. Какво влијание има пандемијата врз вашиот начин на работа и како се прилагодувате на новите услови? Колкав временски период e потребен за еден оброк да стигне до домот на купувачот, и дали вирусот предизвикува потешкотии кај доставувачите при реализирање на нарачките? 

Никола Димовски: Ние ја согледавме сериозноста на ситуацијата од самиот почеток и веднаш пристапивме кон прилагодување на начинот на работа за да обезбедиме безбедна работна средина и безбедна испорака за нашите клиенти. Воведовме бесконтактна испорака, набавивме заштитна опрема, спроведовме интензивна едукација кај вработените како да си ги извршуваат своите должности. Потребни ни беа две недели да се прилагодиме целосно за новонастаната ситуација и да ја понудиме онаа добра и брза услуга на која нашите клиенти се навикнати. Во последниве 30 дена, имаме 96% проценти навремено доставени нарачки и просечно време за испорака од 40 минути на што сме посебно горди. 

АЕТМ: Интензитетот на е-трговијата е навистина многу зголемен. Како е ситуацијата кај вас, може ли да ни кажете колкав е порастот пред пандемијата споредбено со сега, за време на пандемијата? Колку корисници/купувачи броеше Кликни Јади пред пандемијата, а колку сега?

Никола Димовски: Благодарејки на стекнатото искуство низ годините успеавме успешно да одговориме на побарувачката во новонастанатите услови. Забележавме голем број на луѓе кои ја направија својата прва нарачка во изминатиот период. Благодарејки на камањата која ја спроведовме во соработка со повеќе наши медиуми како tocka.mk, time.mk, 360.mk и многу други, успеавме да допреме до многу граѓани кои верувам дека никогаш претходно немале направено нарачка онлајн.

АЕТМ: Кликни Јади веќе пет години ја надоградува мрежата на достапни ресторани за нарачување на територијата на Скопје, а воедно на вашиот веб сајт штотуку додадовте и онлајн маркет. Можете ли да ни откриете нешто повеќе за вашите новитети и идни планови? Дали можеби постојат амбиции за проширување на мрежата на Кликни Јади во други градови на територијата на нашата земја?

Никола Димовски: Идејата за онлајн макрет се јави кога увидовме дека постоечките сервиси се преоптоварени, и времето за испорака беше повеќе денови. Често нашите клиенти не замолуваа да им донесеме нешто од маркетите, па токму затоа направивме онлајн маркет каде за испорака е потребен најмногу еден час. Веќе имаме договори со повеќе снабдувачи, тест периодот помина многу успешно и наскоро ќе имаме 5 000 продукти на располагање. Склучивме договори со неколку маркети, аптека, месара како и неколку поголеми снабдувачи со пијалаци. Работиме напорно да понудиме што поголема палета на прозиводи и најголем избор за нашите потрошувачи. Конкретни планови за понатаму нема но идеи има многу. Веќе почнавме припреми за да се прошириме во други градови, а наскоро планираме да почнеме и со сосема нови услуги поврзани со логистика, но за тоа во некоја друга прилика.

АЕТМ: Каков е feedback-от од корисниците на вашиот веб сајт во врска со искуството при купување? Според вас, дали одредени промоции и содржините на вашите канали на социјалните медиуми ги поттикнуваат купувачите да порачаат од вашиот веб-сајт и подоцна да го споделат своето мислење за нивното искуство со порачката?

Никола Димовски: Наидовме на голема поддршка од нашите клиенти, многу позитивни коментари и генерално голема благодарност за услугата која ја нудиме. Позитивниот фидбек кој го добивме дополнително ни обезбеди многу потребна мотивација да работиме уште повеќе и да стануваме уште подобри. Во прилог прикачувам неколку коментари кои ни се посебно драги. Со нашата поддршка со бесплатната испорака и со попустот кој го понудија повеќето наши партнери спроведовме повеќе успешни промоции во изминатиов период. После секоја успешна испорака, нашите клиенти добиваат формулар за да го споделат со нас нивното искуство со нашиот сервис. Во тој формулар се оценува ресторанот, секое нарачано јадење, доставувачот, поддршката за клиенти и нашиот сервис генерално. Секој коментар го читаме со големо внимание, се радуваме на позитивните коментари кои за среќа се многу чести, а од поплаките учиме каде грешиме и континуриано се подобруваме. 

АЕТМ: Дали верувате дека граѓаните се повеќе се потпираат на е-трговијата и онлајн нарачувањето на храна во оваа ситуација, со оглед на тоа што благодарение на брзата достава и логистика, се можат да добијат за кратко време на својата врата? 

Никола Димовски: Секако дека оваа криза ќе има долгорочно влијание врз начинот на кој работат сите бизниси. Луѓето се навикнаа за многу брзо време да нарачуваат онлајн и сум сигурен дека оваа навика ќе остане и по кризата. Сметам дека многу луѓе не нарачуваат онлајн само затоа што немаат доверба во онлајн продавниците, меѓутоа кога еднаш ќе се уверат колку е лесно и погодно да се нарачува онлајн, таа навика ќе ја практикуваат засекогаш. 

АЕТМ: На kliknijadi.mk при комплетирање на нарачката можеме да забележиме два начини на наплата, во готово и оналјн, со што при оналјн нарачка купувачот е потребно да плати +10 денари на сумата? Може ли да ни кажете каков е процентот на наплатата онлајн vs во готово, како и да ни објасните на што се темели таквиот процент?

Никола Димовски: За жал сме приморани да наплтиме 10 ден. при плаќање онлајн, за да покриеме дел од тршокот кој го имаме кон банката што ни го овозможува онлајн плаќањето. Кликни Јади плаќа провизија на целата продажна сума, иако задржува само мал процент од истата. Моментално процентот на нарачки платени ВО ГОТОВО, во споредба со ОНЛАЈН, е 50-50%. Тешко е да се каже зошто, Македонците едноставно се навикнати на плаќање во готово. Забележуваме континуран раст на процентот на ОНЛАЈН платени нарачки, но сепак е сеуште многу низок. Веруваме дека само со подобрување на условите за ОНЛАЈН плаќањето да биде полесно и поефтино од готовоинското, ќе порасне и процентот на ОНЛЈАН платените нарачки.

АЕТМ: За крај, дали може да ни кажете која е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство со е-трговијата? Дали ќе продолжите да ја практикувате истата во иднина?

Никола Димовски:Пакети кај мене дома стигаат секој ден, последно мислам дека беше батерија за дронот за да можам подолго од 10 минути да си играм со него. Не можам да си го замислам животот во иднина без да нарачувам онлајн.