Имавме прилика да разговараме со една модерна, урбана, скопска приказна позната како Bratot Apparel. Оваа приказна е составена од двајца пријатели, Борче и Кико, кои преку реализација на идеите, замислите и визијата и преку упорноста и креативноста го создадоа bratot.com. Всушност, bratot.com е онлајн streetwear shop на кој се достапни производи со посебна драж која ги прави уникатни и препознатливи и која укажува на работа сработена со љубов и посветеност.
Ги прашавме Борче и Кико за нивните почетоци, што работат, што планираат, кои се нивните предизвици во е-трговијата и што препорачуваат во врска со неа. Задоволство ни е што ги имавме основачите на Bratot Apparel во ова интервју.
АЕТМ: ЗДРАВО BRATOT. ОД САМ СТАРТ МОРА ДА СПОМЕНЕ ДЕКА ИМАТЕ ДОСТА ИНТЕРЕСНО ИМЕ ЗА МАКЕДОНСКИ БРЕНД. НО, ДЕФИНИТИВНО ИМАТЕ И УНИКАТНИ ПРОИЗВОДИ. КАЖЕТЕ НИ ПОВЕЌЕ ЗА BRATOT: ОД КОГА ПОСТОИТЕ, ШТО ЗНАЧИ ИМЕТО, КОЛКУ ЛУЃЕ ГО СОЧИНУВААТ BRATOT И КОЈА Е ВАШАТА ФИЛОЗОФИЈА КАКО БРЕНД?
Bratot: Постоиме од 28 Мај 2021. Пред неколку дена славевме една година од постоење. Околу името…Двајца другари сме, Кико и Борче, се знаеме цел живот, а блиски сме повеќе од 15 години. Доаѓаме од Ново Лисиче и буквално сме израснати на улица, бидејќи во овој дел од Скопје сè уште живее маалскиот живот, седење на клупи итн. – што е навистина реткост во Скопје, а и во целата држава. Така да имаме и доста сленгови во речникот. БРАТОТ е еден од нив. Брат-БРАТОТ, не памтиме кога последен пат сме кажале “брат” некому, секогаш сме викале БРАТОТ. Oттаму доаѓа и името на брендот. Сакавме нешто урбано, уникатно и несекојдневно и се покажа како полн погодок бидејќи е одлично прифатено од нашата публика. Филозофијата е една, а тоа е дека на Македонија (па и на светов 😀) му требаше нешто ново и уникатно.
СЕ ДЕКЛАРИРАТЕ КАКО STREETWEAR БРЕНД. ОД КАДЕ ДОЈДЕ ИДЕЈАТА ЗА ДА ПОЧНЕТЕ СО ПРОИЗВОДСТВО НА STREETWEAR КАПИ И СПОРЕД ВАШЕТО ДОСЕГАШНО ИСКУСТВО, ДАЛИ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР ИМА ДОБРА ПОБАРУВАЧКА ЗА ОВОЈ ВИД НА МОДА?
Bratot: Идејата за брендот дојде спонтано, на кафе-муабет. Двајцата сме доста сериозни кога се работи за бизнис и веќе некое време сакавме да уклопиме нешто заедничко. Кико скоро цел живот носи капи и се пожали дека во Македонија нема од каде да се купи добра капа. Така ни дојде идеја да пробаме да го промениме тоа. Од моментот кога се спомна идејата (тоа беше октомври 2020) до 28 Мај 2021 не застанавме ни еден ден со остварување на нашите цели, иако патот беше макотрпен. Околу побарувачката можеме да тврдиме одговорно дека е доста голема и дека на Македонскиот народ и те како му фалело нешто вакво.
МОРА ДА ГИ ПОФАЛИМЕ ИЛУСТРАЦИИТЕ КОИ СЕ НА ВАШИТЕ ПРОИЗВОДИ, НО И НИВНИТЕ ИМИЊА. КОЈ СТОИ ЗАД ЦЕЛАТА ПРИКАЗНА ЗА НИВ?
Bratot: Илустрациите и имињата ги смислуваме ние двајца, како и сè останато што гледате на нашите социјални мрежи. Од слики, до маркетинг, модели на капи, бои на капи, дизајни на пакување и буквално сè друго што го сочинува нашиот бренд се лично наши идеи и наши реализации. Надворешни соработници ни се само фотографот задолжен за фотосесиите и дечкото кој што ги црта илустрациите. Да знаевме барем мааалку да цртаме, сигурно сами ќе ги цртавме и илустрациите 😁 Сами ги смислуваме мудовите и версус нив смислуваме и животни, до најситен детаљ и истите му ги пренесуваме на еден дечко кој што е уличен уметник и нашите идеи ги пресликува на лист хартија.
ВАШИТЕ УНИКАТНИ ПРОИЗВОДИ МОЖАТ ДА СЕ КУПАТ САМО ПРЕКУ ВАШАТА ОНЛАЈН ПРОДАВНИЦА BRATOT.COM. ЗНАЕМЕ ДЕКА ОНЛЈАН ПРОДАВНИЦИТЕ ДАВААТ МОЖНОСТ ПРОИЗВОДИТЕ ИЛИ УСЛУГИТЕ ПОЛЕСНО ДА СЕ ПЛАСИРААТ И НА ДРУГИ ПАЗАРИ. ВО ВАШИОТ СЛУЧАЈ, ДАЛИ ВАШИТЕ КУПУВАЧИ СЕ САМО ОД МАКЕДОНИЈА ИЛИ ИМАТЕ И КУПУВАЧИ ОД ДРУГИ ПАЗАРИ?
Bratot: Моментално сме застапени само на нашиов пазар и капите во моментов можат да се купат преку bratot.com, додека моделот на РК Вардар покрај тоа што може да се купи преку нашиот сајт може и во официјалниот фаншоп на РК Вардар (воедно сме и спонзори на РК Вардар кој ни укажа целосна доверба да изработиме капа со наш концепт). Но идејата е да нè има најпрво низ Балканот, а потоа и низ цела Европа. Во јули веќе почнуваме со три држави од Балканот.
КАЖЕТЕ НИ КОИ СЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ СО КОИ СЕ СООЧУВАТЕ ВО ОНЛАЈН ПРОДАЖБАТА, КОЛКУ Е ЛЕСНО ИЛИ ТЕШКО ДА СЕ ВОДИ ОНЛАЈН ПРОДАВНИЦА?
Bratot: Македонскиот народ реално е сè уште скептик кога станува збор за онлајн продажбата. Тоа е според нас најголем проблем. Секојдневно слушаме коментари од типот дека биле изиграни или дека воопшто не го добиле истиот производ што го гледале на интернет, квалитетот бил лош итн. Реално ние немаме некој посебен проблем затоа што нашата публика многу брзо стекна доверба бидејќи имаме одлична комуникација и секогаш сме спремни да го решиме секој настанат проблем.
ЗА КРАЈ БИ САКАЛЕ НИ КА КАЖЕТЕ ШТО Е ПОСЛЕДНАТА РАБОТА ШТО СТЕ ЈА КУПИЛЕ ОНЛАЈН И ШТО БИ ИМ ПРЕПОРАЧАЛЕ НА ЛУЃЕТО КОИ СЀ УШТЕ НЕ КУПУВААТ ОНЛАЈН ?
Bratot: Последни парчиња што сме ги купиле онлајн се патики и опрема за вежбање. На сите оние кои што се уште скептици околу онлајн продажбата и е-трговијата ќе им кажеме дека тоа е иднината која треба да ја прифатиме што побрзо.