Заедно со Генералниот директор на Пошта на Северна Македонија Јани Макрадули, во кратко интервју дискутиравме за суштинското значење на компаниите за испорака како клучна алка во синџирот на е-трговија, за прилагодување на промените на навиките на потрошувачите и интензивната работа на Македонска Пошта на дигитализирање на услугите кои ги нуди.
АЕТМ: Компаниите за испорака се клучна алка во синџирот наречен е-трговија. Бизнисот на е-трговецот знае да зависи и од професионална и навремена испорака, а навремената реализација на пратки и задоволни клиенти се резултат на одлично организиран логистички систем. Какви се моменталните капацитети на Пошта на Северна Македонија и може ли да ни кажете со каков обем на пратки работите на дневно ниво и кое е просечното време за доставена пратка во земјата и во Европа?
Макрадули: Ова е дефинитивно време во кое навиките на потрошувачите се различни споредени со децениите претходно. Онлајн нарачките растат секаде во светот и заземаат сè поголем дел од вкупниот обем на трговски услуги.
Ваквиот тренд се случува и кај нас, па оттука, улогата на Пошта мора да се менува и прилагодува на новото време во кое е-трговијата зазема значаен дел од бизнис понудата на многу компании.
Веќе интензивно работиме на промени во работата на Пошта, а кои се базираат на нудење на современи дигитални услуги, како и дигитализација на севкупниот процес на достава на пратки и писма. Истовремено, месецов за прв пат ја воведовме опцијата за е-трговија, односно можноста да се направи онлајн нарачка за подарок кој се испорачуваше на саканата адреса низ целата земја за време и по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.
Ова е првпат националната Пошта да овозможува ваква опција, а ве уверувам дека процесот на подобрување на работењето на Пошта во иднина сè повеќе ќе се заснова на користењето на современи дигитални алатки.
АЕТМ: Постојаниот процес на подобрување на услугите е клучен за зголемена конкурентска предност на пазарот. Што е следно кога станува збор за оптимизирање на целокупниот процес на подигнување и достава на една пратка? Дали Македонска Пошта има план за воведување на иновативни решенија поврзани со вашите услуги во претстојниот период?
Макрадули: Можам со гордост и задоволство да најавам дека бројот на партнери на Пошта во делот на нарачките преку е-трговија ќе се зголемува речиси секоја недела, а наскоро ќе ја овозможиме и опцијата за онлајн нарачка и достава на поштенски марки до адресата на секој заинтересиран граѓанин.
Исто така, месецов веќе овозможивме и достава на пратките во попладневните часови што досега не беше случај. Ја реафирмиравме можноста и за онлајн нарачка со вклучена достава до адреса на примачот на изводите од матичните книги.
Интензивно работат работните групи на Пошта и МВР кои имаат за цел набрзо воведување на опција за достава на личните карти и пасошите до домашните адреси на секој граѓанин, а со Царината интензивно се работи на заедничко сузбивање на нелојалната конкуренција во доставата на онлајн нарачките, а со тоа придонесуваме за поквалитетна достава која е сигурна, но и во борбата со сивата економија.
Има многу новини на кои работиме изминативе неколку месеци, а верувам дека наскоро секој ќе се увери во позитивната промена и потсетување на огромниот потенцијал кој го има Пошта!
АЕТМ: Пошта на Северна Македонија речиси и да ја има во секое населено место на ниво на државата со логистичка мрежа која може да се искористи за навистина брза испорака од град во град итн. Во земјите од регионот извонредно функционира и начинот на преземање на пратката од т.н. локални пунктови во градовите, каде граѓаните имаат опција покрај да им се достави на наведена адреса – пратката да ја преземат и од т.н. локални пунктови кои се со дефинирано работно време. Дали размислувате за проширување и подобрување на услугите со цел подобрување на процесот на испорака и позадоволни крајни корисници?
Макрадули: Ако ми дозволите, би сакал да дополнам: Пошта буквално е присутна низ целата држава и тоа на повеќе од 30 точки или поштенски единици на целата територија. Тоа не двои во однос на конкуренцијата, односно со ова сме дефинитивно најлојалниот партнер на граѓаните ширум земјата.
Знаете, има општини каде има бизнис сектор кој е на завидно ниво на развој, а ниедна банка таму нема свои експозитури или филијали. И на овој начин, Пошта станува огромен партнер за бизнис секторот на национално ниво, особено откако повторно ја овозможивме услугата за вршење на платен промет во соработка со Халкбанк.
Но, како што наведов, простор како и потреба за подобрување на услугите има и веќе на тоа интензивно се работи, а првите резултати кои што претходно ги наведов се евидентни и веќе се спроведуваат. Продолжуваме со уште посилно темпо во месеците што следат.
АЕТМ: Најголемиот дел од домашните е-продавници се базирани на едни од најпопуларните платформи за онлајн продажба Magento, WordPress+Woocommerce. Како електро инженер по професија, ги разгледувате ли опциите за изработка API или plugins за овие популарни платформи – преку кои е-трговците лесно ќе може да се поврзат со Пошта на Северна Македонија, а со тоа и да се автоматизираат процесите за испорака на пратки, како крајниот купувач ја добие точната информација за време на достава на одредената пратка?
Макрадули: Она што ме прави особено горд е што платформата е целосно изработена со внатрешни ресурси и знаења на дел од вработените во Пошта. Тие го вложија целосно своето знаење и потенцијал, изработувајќи ја оваа наша прва платформа за е-трговија на високо професионален начин.
Поставена е на клауд платформа, а беа преземени сите безбедносни механизми за целосна заштита на граѓаните, првенствено за сигурност на нивните податоци при вршењето на онлајн нарачките.
Во првите денови по стартувањето на оваа услуга самоиницијативно нè контактираа десетици заинтересирани компании за воспоставување на меѓусебна соработка, а со 8 од нив веќе сме и во фаза на склучување на договори.
Македонскиот пазар има потреба од вакви услуги особено во време на пандемија и растечки бројки на зараза од Ковид-19. Она што само Пошта може да го понуди на пазарот е најшироко распространета мрежа низ цела земја, како и ефикасна достава проследена со сите легални процедури почнувајќи од издавање на фискална сметка, па сè до статус на пријавени како редовно вработени на сите вршители на доставувачките услуги.
АЕТМ: Како компанија која работи и меѓународна достава, што се случува доколку се соочиме и со изгубена или недоставена пратка. Дали пратките се во целост осигурани? Дали може со нас да ја споделите стапката на изгубени пратки во последните неколку години и дали истата се намалува и зголемува во изминатиот период? Дали постои внатрешна контрола за злоупотреба на поштенски пратки и дали истото се евидентира и санкционира? Како е-трговецот да биде сигурен дека неговата пратка ќе стигне до крајната адреса, или обратно – како купувачот да биде сигурен дека пратката што ја нарачува од некој странски сервис ќе стигне до неговата адреса? Дали имаме сигурен и во реално време ажуриран број за следење на пратките (tracking number) за пратките?
Макрадули: Целосно го разбирам вашето прашањето и свесен сум дека постојат поплаки и за доцнење, ненавремена достава и изгубена пратка. Тие стигаат и до нас, а би сакал да ги повикам сите корисници на нашите услуги да не информираат и во иднина за било кој проблем или несоодветен однос со кој ќе се соочат.
Истовремено, сакам во оваа прилика да им се извинам на сите потрошувачи за секоја непријатност со која се соочиле и ги уверувам дека се прават сериозни напори за целосно надминување на ваквите проблеми.
Сè ова што го наведувате во вашето прашање постои (внатрешна контрола, систем за следење…), но факт е дека во одредени случаи не функционира како треба за што добиваме поплаки и незадоволство од дел од граѓаните.
Целосно го осовременуваме и дигитализираме целокупниот систем, а подготвуваме и кодекси за професионален однос со потрошувачите од страна на секој вработен во пошта, особено за вработените во Пошта кои се директно изложени на секојдневен контакт со потрошувачите.
Ваквиот пристап дополнително вклучува и осовременување на системот за следење на пратки, но и воведување на систем за целосно следење на секое писмо или пратка од испраќањето до доставата на бараната адреса.
АЕТМ: Покрај докторите, кои се во прва борбена линија против светската пандемија која ни се случува, огромен удел за беспрекорно функционирање имаат и поштенските работници, кои се на ниво на задачата да доставуваат пратки до нашите домови. Затворени граници, полициски час, зголемен број на пратки – а сепак потребна навремена и брза достава. Со какви предизвици се соочува поштата за време на пандемијата и како ги надминувате истите?
Макрадули: Предизвиците се навистина големи, особено на пошторазнесувачите кои буквално во текот на целата измината година, додека многумина од нас имаа можност да работат од дома или своите канцеларии, тие беа на теренот, директно и многу повеќе изложени на коронавирусот.
Меѓу другото, покрај достава на писма и пакети, токму поштарите се тие кои на домашната адреса ги доставуваа решенијата за изолација директно на сите заразени со Ковид-19.
И ова се само дел од причините зошто нивниот ангажман заслужува огромна почит. Токму затоа една од моите први одлуки како генерален директор беше да го забрзам процесот со цел сите да бидат здравствено осигурени, како и да им бидат исплаќани сите придонеси кои им следуваат на осигурените и редовно вработени лица.
Но, би сакал да ја искористам оваа прилика да потенцирам дека и менаџментот Пошта, но првенствено граѓаните очекуваат сè поквалитетна достава на пратките и писмата и целосно искоренување на аномалиите и одреден степен на непрофесионалност кој поединци го покажуваат. За ова не може и нема да има разбирање, нити толеранција. Професионалноста мора да стане одлика на секој вработен на Пошта, почнувајќи од генералниот директор и Управниот одбор, па до секој од над 2.000 вработени. Ја враќаме Пошта таму каде што припаѓа, а тоа е меѓу граѓаните. И со тоа нема запирање!
АЕТМ: Со вашето доаѓање на функцијата генерален директор, една од активностите во изминатиот период која сѐ уште трае, а со цел повторно поштата да ја доближи до граѓаните е насловена токму како што споменавте „Ја враќаме Пошта на граѓаните“. Може ли да ни кажете повеќе детали во однос на кампањата, од каде се роди идејата, дали граѓаните ја прифатија пораката и како тоа влијаеше во обемот на пратки – се зголеми ли бројот на испратени пратки во изминатиов период?
Макрадули: Доставата на пратки бележи континуиран раст изминативе месеци, но потенцијалот е многу поголем. Веќе работат повеќе работни групи во рамки на Пошта кои подготвуваат и нудат решенија за зголемување на обемот на работа преку е-трговија и склучување на нови договори со компании за достава на нивните производи.
Враќањето на Пошта на граѓаните е не само мој врвен приоритет, туку и огромна потреба на сите. Нема развиена и поврзана држава без функционална Пошта. Според мене, улогата и функцијата на Пошта станува уште поголема и поодговорна во ера на дигитализација.
Очекуваме обемот на писма да се намалува, но работиме интензивно на зголемувањето на новите услуги, во прв дел рапидно зголемување на бројот на испорачани пратки и подароци, како и имплементирање на современа платформа за е-трговија на веб страната на Пошта, која понатаму ќе се развие и во мобилна апликација. Едноставно, мораме да се прилагодиме на промените и потребите на пазарот и новите трендови.
Тоа е тренд, но и рецепт кој го применуваат поштите ширум развиените земји од регионот и светот. Веќе разговараме за поддршка во know-how од дел од тие Пошти, како и конкретна поддршка од ЕУ и земјите членки. Пошта мора и ве уверувам дека ќе ја вратиме на граѓаните и нема да се откажеме додека да измериме целосно задоволство од нашите услуги за секој наш потрошувач!
АЕТМ: За крај, што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои се уште (ако има такви) не го искусиле онлајн пазарувањето?
Макрадули: Бидејќи пред десетина дена Пошта за прв пат воведе можност за е-трговија, решив да бидам меѓу првите кој ќе ја тестира функционалноста на онлајн нарачките преку www.posta.com.mk, функционалноста на опциите, како и брзината на доставата.
Препораката до сите би била, заради нивната и безбедноста на трансакциите, граѓаните да бидат внимателни и секогаш да избираат сигурни платформи кои нудат легална достава, наспроти доставувачите кои работат нелегално и придонесуваат за лоша услуга, но и поткопување на целокупниот систем на доверба и даночната политика во земјата.