[Интервју] Иво Стојановски, А1 Македонија – дигитален партнер на третата годишна конференција за е-трговија

Разговараме со Иво Стојановски од А1 Македонија за стремежот кон иновативни дигитални решенија, зголемената употреба на е-услуги, поддршката на А1 како дигитален партнер на третата годишна конференција за е-трговија и учеството на Иво во панел дискусијата на тема: „ Македонските е-трговци и отклучување на потенцијалот на е-трговијата во време на COVID”.

АЕТМ: Во најголемиот ек на глобалната пандемија она што им беше, и сѐ уште им е најважно на купувачите е да останат безбедни. Знаејќи дека А1 Македонија се повеќе се стреми кон креирање на иновативни решенија, посебно со воведувањето на виртуелната продавница – A1 Live Shop, која практично ги нуди сите услуги кои може да се добијат и во секој продажен салон, на каква примена наиде виртуелната продавница во време на пандемијата? Сметате ли дека македонските граѓани се повеќе преферираат е-услуги?

Иво Стојановски: Светот, а и ние како дел од него живееме во променето секојдневие кое на сите нас ни наметнува нова динамика користејќи нови дигитални алатки кои ни го олеснуваат функционирањето и помагаат непречено да ги извршуваме сите активности. А1 Македонија како компанија посветена на овозможување на дигиталниот живот за сите корисници, сега уште повеќе ги пресретнува нивните потреби и работи на воведување нови услуги кои првенствено овозможуваат извршување на сите активности од удобноста на својот дом.  Една од нив е виртуелната продавница – A1 Live Shop, единствена од ваков вид во земјата, која претставува комбинација од продажен салон во кој работат продажни агенти и дигитално решение за комуникација со корисници преку интернет врска, што во време на глобална пандемија, претставува вистинска можност  за корисниците да го направат своето прво онлајн купување. Времето на вонредна состојба и потребата од одржување на физичка дистанца, дополнително охрабри голем број на корисници да почнат со користење на е-услуги и кога еднаш ќе ја почувствуваат придобивката од истите, сигурен сум дека и понатаму ќе продолжат со нивно користење. За жал, кризата го забрза овој тренд, но сметам дека тој со сигурност нема да биде еднократен, земајќи го предвид позитивното корисничко искуство и согледувањето на придобивките. Всушност тоа е нашата крајна цел, да овозможиме дигитализација и да укажеме на взаемните придобивки од користењето на е-услугите.

АЕТМ: А1 Македонија и оваа година е дигитален партнер на третата конференција за е-трговија, а вас ве имаме како говорник во панел дискусија со тема „МАКЕДОНСКИТЕ Е-ТРГОВЦИ И ОТКЛУЧУВАЊЕ НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ НА Е-ТРГОВИЈАТА ВО ВРЕМЕ НА COVID“. Од оваа перспектива, сметате ли дека доволно се користи потенцијалот на е-трговијата во време на COVID-19? Што направивте вие како компанија за да иницирате користење на што е можно повеќе дигитални услуги?

Иво Стојановски: Зголеменото онлајн присуство на интернет заедницата во време на COVID-19 нуди досега невиден потенцијал за е-трговците, кои можат на многу лесен и ценовно прифатлив начин да пристапат до потенцијалните купувачи. Способноста на бизнисите за брзо прилагодување на новонастанатата состојба, преку инвестирање во технологија и алатки, кои ќе им овозможат на потенцијалните купувачи брз, лесен и едноставен пристап до услугите или производите, се клучни во успехот и искористување на потенцијалот на е-трговијата во време на COVID-19. 

Стратешка определба на А1 Македонија е да стане водич во дигиталниот свет преку континуирано вложување во дигиталните канали за продажба и поддршка на своите корисници, едуцирајќи ги и создавајќи одлични кориснички искуства на дигиталните канали. Во време на COVID-19 ја лансиравме првата виртуелна продавница на македонскиот пазар, го промовиравме првиот виртуелен асистент, познатиот Славчо, кој врши продажба, активира услуги и одговара на корисничките прашања, но исто така подготвивме бројни изненадувања и попусти за нашите корисници кои ги користат дигиталните услуги – неколкупати во текот на оваа година понудивме бесплатни пакети за корисниците на апликацијата Мојот А1, како и континуирана понуда на ексклузивни пакети кои корисниците може да ги активираат преку овој канал.

АЕТМ: Да разговараш со Виртуелниот асистент Славчо, покрај што е корисно е навистина и забавно. Може ли да ни кажете малку повеќе околу оваа услуга? Како се роди идејата? Колку луѓе до сега разговарале со Славчо? Каков е фидбекот од корисниците? Најинтересна случка што сте ја имале со Славчо?

Иво Стојановски: Славчо е првиот виртуeлен асистент, базиран на вештачка интелигенција кој не само во комерцијални цели, туку и во едукативни цели, зборува и разбира македонски јазик. Може да одговори на сите прашања поврзани со услугите на А1 Македонија, автоматски да активира или деактивира услуга за постоечките корисници, да оствари продажба преку испраќање на лидови до одделот за продажба или пак да даде техничка поддршка на корисниците.

Во изминатите два месеци 171000 корисници разговараа со Славчо, разменети се 555000 пораки, а корисничкото искуство е навистина позитивно.

Најинтересна случка која се повторува е што корисниците кои разговарале со Славчо на веб страната, на Viber или Facebook Messenger, кога ќе се јават во Контакт Центарот бараат да разговараат со агент по име Славчо. За нас ова е показател дека целта е навистина постигната и затоа дополнително работиме на усовршувањето на неговите способности.

АЕТМ: Плаќањето на режиски трошоци преку интернет ако до некое време го користеа само одредена група од популацијата, по КОВИД пандемијата може да се каже дека трендот е драстично зголемен. Каков беше одзивот на оналјан плаќање сметки во вашата компанија? Дали за зголемување на трендот за онлајн плаќање на сметки влиаеја и други фактори или најголемата заслуга ја има КОВИД пандемијата?

Иво Стојановски: Горди сме што може да кажеме дека бројот на уплати на сметки во продажните салони за директна продажба полека но сигурно, се изедначува со уплатите на сметките преку онлајн каналите. Ефектот на пораст на плаќањето на онлајн сметки пред и за време на COVID-19 кризата e повеќе од 100%. 

Позитивно надворешно влијание има потребата од одржување на физичка дистанца (COVID-19) и уредбата со која се овозможи олеснето префрлање на корисниците од печатена фактура кон е-фактура. Растот на корисници кои имаат електронски сметки влијае пропорционално на растот на корисници кои го извршуваат плаќањето преку електронски пат. 

Компаниски успех за позитивниот тренд на зголемување на бројот на уплати преку онлајн каналите се должи на уште една иновативност во работењето на А1 Македонија преку која започнавме да ги испраќаме месечните фактури на корисниците во ПДФ формат по пат на СМС порака, од каде корисникот може брзо, лесно и бесплатно да ја плати сметката. Исто така, позитивниот тренд на зголемување на бројот на уплати преку онлајн каналите се должи на зголемениот број на корисници кои имаат електронски сметки. Со воведување на целосно функционално решение на веб страната е овозможена автоматска активација на електронска сметка. Секако нема да заборавиме да ги кажеме нашите напори во едукација за придобивките од користењето на електронска сметка и овозможените бенефити за активирање на елктронска сметка.

АЕТМ: За крај, може ли да ни откриете нешто повеќе за вашите идни планови?  Дали А1 Македонија, како и досега, ќе продолжи со инвестирање во овој сегмент, сѐ со цел да ги следи светските трендови и можностите кои ги носи дигитализацијата? 

Иво Стојановски: Апсолутно, тоа е нашата стратегија и секојдневие! Преку трансформациски проекти се стремиме за автоматизација на компаниските процеси, кој ќе ги минимализираат човечките итерации, со што од една страна отвараме нова перспектива со креирање на теоретски неограничени ресурси за опслужување на корисниците преку дигиталните канали и од друга страна, користење на човечките ресурси за извршување на квалитативни, наместо репетитивни работни задачи.