[Интервју] Ива Трембелиева: Grouper Shopping Mall е унифициран за да ги задоволи потребите на сите бизниси кои сакаат да имаат своја е-продавница и да продаваат онлајн

Во време кога на бизнисите им е потребно брзо прилагодување и пренасочување кон онлајн продажба со цел тие да продолжат да функционираат и да избегнат опаѓање на приходите, во серијалот на интервјуа со македонските е-трговци, овој пат разговараме со Оперативниот директор на Grouper.mk, Ива Трембелиева, за нивниот нов продукт, Grouper Shopping Mall – кој беше објавен во време на COVID-19 пандемијата, а креиран со огромното искуство, кое е стекнато од 11 години активна работа на пазарот за е-трговија во Македонија. Според Трембелиева, Grouper Shopping Mall e унифициран за да ги задоволи потребите на сите бизниси кои сакаат да имаат своја е-продавница и да продаваат онлајн.

AЕТМ: Што е Grouper Shopping Mall? Дали можете да ни кажете нешто повеќе за тоа од каде дојде идејата за креирање на ваква платформа? Колку време посветивте на создавање и реализирање на оваа идеја?

Ива Трембелиева: Grouper Shopping Mall како што сакаме да го дефинираме, е најголемиот онлајн шопинг центар во земјава. Воедно е новата маркетплејс платформа преку која брендовите / компаниите имаат можност да отворат и менаџираат своја онлајн продавница и да ги пласираат своите производи онлајн, а пак купувачите имаат можност онлајн да најдат многу различни производи од разновидни категории на едно место. Grouper Shopping Mall е резултатот на нашата работа и претставува сублимат на најдоброто од дигиталниот маркетинг и електронската трговија. Се работи за одамнешна идеја која долго време “тлееше” во нашите стратегии за развој и на која директно работевме околу 2 години, а индиректно искуството за истата го собиравме реално непосредно уште по основањето на брендот Grouper.  Идеите за новитетите кои ги воведуваме скоро секогаш произлегуваат од веќе постоечките потреби на пазарот, или од предвидување на нови идни потреби кои сметаме дека наскоро ќе се појават. Под потребите подразбираме потреби од 2 страни, едната е страната на бизнисите, а другата е секако задоволување на потребите од страната на купувачите. 

АЕТМ: Според вашето единаесет годишно искуство како пионери во е-трговијата во Македонија, кое е вашето размислување за функционалноста на концептот на овој онлајн пазар? Дали било кој бизнис или компанија може да ги продава своите производи на овој пазар? Кои се придобивките за една компанија доколку таа одлучи да се приклучи на Grouper Shopping Mall?

Ива Трембелиева: Па всушност, тој пионерски пристап е проследен со храброст на воведување новитети (пример отворање на сајт за е-трговија во 2011та година кога сѐ уште многу мал процент од луѓето купуваа онлајн), за кои понекогаш треба време за едукација на постоечките и идните партнери и населението со цел подобро да се разберат бенефитите кои ги овозможуваме. При развивање на овој концепт на онлајн пазар прво нешто што го имавме на ум е функционална платформа која е лесна за користење и која е погодна за различни типови на компании. Платформата е унифицирана и направена да ги задоволи потребите на мали, средни но и големи бизниси, како и занаетчии. Во моментот доколку ги погледнеме сите застапени категории на производи во Grouper Shopping Mall, лесно може да се заклучи дека на овој онлајн пазар има место и за мали бизниси кои нудат мал број на производи од македонско производство, до компании застапници за светски брендови со голема палета на стотици производи, до компании кои нудат custom персонализирани производи во договор со купувачите. Со еден збор, нема ограничување за кого е наменета оваа платформа, односно таа е за секој кој сака нов канал на продажба на веќе етаблирана онлајн локација со know – how и искуство за е-трговија и секако стабилна бројка на дневни посети. 

За сите компании кои ќе се приклучат да бидат дел од овој маркетплејс навистина има бројни бенефити, но еве најпрво како главна придобивка која би сакала да ја споменам е готово софтверско решение и секако нов канал на продажба. Онлајн присуство пред сé. Доколку сте имале претходно искуство со отворање на e-shop, знаете дека програмирањето е најтешкиот дел во приказната на онлајн продавницата, чини многу, а секако е потребно време за развој и советување и guidance од професионален кадар. Нашата платформа има лесен систем за навигација и менаџирање, а вашата онлајн продавница е отворена и достапна за 1 ден. Посетите се исто така од суштинско значење, што е втор чекор откако веќе ќе отворите онлајн продавница. Со отворање онлајн прoдавница во склоп на Grouper Shopping Mall вашата продавница е изложена на најголемата база на посетители и корисници, Grouper.mk има над 30.000 посети на ден, и над 250.000 корисници.

Понатаму, со додавање на вашите производи, автоматски ги објавувате и на нашата мобилна апликација, достапна на Android и за iOS со преку 150.000 инсталации. Придобивка која сметам дека ќе е од големо значење за компаниите е и она што нудиме и целосна маркетинг стратегија за вашата продавница преку дополнителни алатки за промоција кои се  достапни во секое време. Одбраните маркетинг алатки од нашиот маркетинг тим се со цел да ја зајакнат промоцијата и да ги поттикнат продажбите на новоотворените продавници. 

АЕТМ: Marketplace, впрочем како што е и Grouper Shopping Mall претставуваат збир на продавници каде што купувачите ќе може да најдат повеќе работи од различни брендови кои им се потребни, на едно место. Може ли да ни споделите искуства од купувачите, каков е feedback-от од страна нивна страна; како го прифатија овој нов ваш продукт?

Ива Трембелиева: Со оглед на тоа што ова е новитет, сѐ уште го процесираме feedback-от од страна на купувачите, слушаме, учиме, собираме искуство за нивната перцепција и начинот на кој тие почнуваат да го користат Grouper Shopping Mall-от. Задоволни сме од првичните реакции, со оглед на тоа што по лансирање и на првата продавница веќе следеа купувања од страна на нашите корисници што е секако крајната цел на овој онлајн пазар:  корисниците лесно да го најдат она што им е потребно и да извршат брзо, едноставно и безбедно купување. Во секој случај, како и за секој новитет треба време на адаптација и секако едукација, со оглед на тоа што главниот модел на Grouper се базира на понуди со попусти и специјални цени, што не е секогаш апликативно за Grouper Shopping Mall. Во склоп на онлајн пазарот може да се најдат производи и по редовни и по намалени цени, или сезонски попусти исто како што е случајот и во физичките трговски центри 🙂 Во моментов комуницираме активно со нашите корисници преку емаил, социјалните медиуми и телефонски со цел им го доближиме и објасниме новиот концепт, а тоа е дека Grouper моментално се состои од повеќе сервиси: Зделки на попуст; Патувања по специјални цени; Grouper Shopping Mall Производи; Купони за попуст и last but not least, исто така новитет #ХранаДоДома или Grouper Online Restaurants за брза онлајн нарача и достава на храна од скопски ресторани. Многу повеќе избор и многу повеќе бенефити повторно за двете страни. 

АЕТМ: Grouper Shopping Mall беше пуштен во употреба токму во периодот кога интензивно започна да се забележува влијанието на глобалната пандемија. Сведоци сме дека се повеќе бизниси во ваквиот период решија да се префрлат кон онлајн пазарот се со цел да го задржат, а некои воедно и да го зголемат профитот. Како тоа се одрази на овој проект? Колку нови продавници успеавте да поставите за кратко време?

Ива Трембелиева: Ако претходно не бевме свесни за моќта на онлајн присутноста, глобалната пандемија барем не научи дека флексибилноста и адаптибилноста на бизнисите е она кое ќе ги однесе напред. Предизвиците се всушност можности посебно во вакви непредвидливи ситуации на виша сила. Брзата бизнис трансформација, а посебно транзицијата од офлајн во онлајн беше единствен начин за дел од бизнисите да опстојат во новонастанатите околности. Дел од нив претпоставувам дека не беа ни свесни дека преку ова може да се зголеми профитот, а тоа и се случи кај некои компании. Навиките се променија, па така и купувањето се префрли онлајн повеќе од било кога. Иако визионерските компании се оние кои треба да ги креираат навиките на купувачите на паметен и едноставен начин, сепак еве ќе ја прифатиме и лекцијата од пандемијата 🙂 Grouper Shopping Mall како проект беше финализиран и пред почетокот на пандемијата. Се работеше на финеси и стратегии за негова поголема промоција, но пандемијата секако делуваше како катализатор за негов побрз старт од планираното. Имено, не ни можам да кажам дека официјално го лансиравме, туку сфативме дека веднаш треба да го понудиме како решение на нашите партнери дури и на некој начин како наш допринос за бизнис заедницата во време на неизвесност. Во моментов Grouper Shopping Mall брои околу 50тина онлајн продавници застапени со над 5500 производи од различни категории. 

АЕТМ: Marketplaces се едни од најатрактивните платформи за онлајн купување во светот. Впрочем знаеме, посебно во овој период, со каков раст и зголемен обрт на нарачки се соочуваше Amazon.com. Потенцијалот кој го носи marketplace се основа на тоа дека повеќе продавници на едно место носат повеќе посети, а со тоа и можноста за купување на производите е поголема. Дополнително, сите маркетинг алатки од страна на Marketplace-от се насочени кон зголемување на продажбата на нивните клиенти, што знае да биде огромен бенефит, посебно за микро и мали компании кои не располагаат со посебен маркетинг сектор. Дали македонските компании го гледаат потенцијалот на Marketplace како опција за е-продавање или се уште повеќе се одлучуваат за целосно ново софтверско решение, кое некогаш знае да биде и премногу скапо?

Ива Трембелиева: Потенцијалот на маркетплејсот е неприкоснован, посебно поради неспоредливо пониската цена на чинење во споредба со комплетно ново сопствено софтверско решение. Тој е тука и останува да биде препознаен од компаниите, нешто за кое е потребно време, посебно бидејќи сѐ уште, иако за среќа помалку,  владее некаков скептицизам за онлајн продажбaта, кој сметам дека се должи на несигурност и недоволно познавање на областа на е-трговијата. Во склоп на новата нормалност допрва останува да споредиме која опција ќе ја одберат компаниите, но веќе се изгради свесност дека онлајн канал на продажба е веќе “a must” наместо “nice to have”. Во секој случај, прв и очекуван избор за микро и малите компании е секако маркетплејс, пред се од финансиски аспект, а второ и од можноста за дополнителен маркетинг, бидејќи најчесто овие компании не располагаат со in house маркетинг тим. Во однос на тоа, промоцијата може да е двојна, компаниите имаат можност и сами да си ја промовираат продавницата на своите социјални медиуми, а паралелно истата е промовирана и преку маркетинг алатките од страна на Grouper, како и на нашите социјални медиуми. Од аспект на купувачите, секако дека маркетплејс е атрактивна платформа, бидејќи исполнува потреби од различен карактер. На едно место може да нарачаш козметика, облека, играчки за деца, додатоци за домот, да одбереш персонализиран подарок за различни пригоди, да купиш производи за твоето милениче, книги, чевли, па дури и ортопедски помагала доколку имаш потреба од истото. Покрај самиот производ кој ти е потребен, го бираш и брендот секако. Се на едно место, сите производи се со достава на ниво на цела Македонија, плаќањето е онлајн безбедно, добиваш комплетно онлајн shopping искуство. Тоа е она кое се трудиме да го реазлизираме преку нашиот Grouper Shopping Mall.

АЕТМ: Grouper.mk кај најголем дел од потрошувачите е познат по атрактивни попусти. Може ли да ни направите паралела, како новиот продукт, за кој воедно не се задолжителни попусти го прифатија купувачите, но и е-трговците? Дали трговците сѐ уште сметаат дека мора да овозможат попуст и на Grouper Shopping Mall од една страна и дали купувачите пак од друга страна, очекуваат попуст за секој производ или услуга што ќе го купат и преку некоја од продавниците во Grouper Shopping Mall

Ива Трембелиева: Да, баш така, Grouper.mk на некој начин стана поим за попусти и тој модел секако останува да функционира како и до сега. Со тоа што сега попустите се дефинирани во посебна секција “Зделки” за полесна навигација од кориснички аспект. Како што веќе напоменав, од друга страна пак, во склоп на Grouper Shopping Mall може да се најдат производи и по редовни и по намалени цени, или сезонски попусти исто како што е случајот и во физичките трговски центри 🙂 Секако дека во самиот старт имавме реакции од страна на нашите купувачи зошто има производи кои не се на попуст. И секако, бевме подготвени на овие прашања со оглед на тоа што во недостаток на време, не направивме едукативна промоција на Grouper Shopping Mall пред нашите корисници, па знаевме дека тоа ќе го правиме along the way. Во контекст на тоа, корисничката поддршка ни е еден од главните столбови на нашиот бренд, па сме расположени во секое време да им објасниме на корисниците дека станува збор за нов концепт и адиција на она што е Grouper.mk. Ова пак, од аспект на е-тргоците, беше секако одлично прифатено, бидејќи како што и природно следува, тие се менаџери на своите онлајн продавници и секако тие ги формираат цените на своите производи. Секако, попусти не изоставуваат, но се комплетно менаџирани од е-трговците, во склоп на своите онлајн продавници. Дополнително, со наша помош и маркетинг алатки заедно со е-трговците спроведуваме и акции со промо кодови за специјални попусти на понудените производи. Исто така, е-трговците имаат можност да се вклучат и во кампањите кои ги организира Grouper секако преку кои овозможуваме екстра бенефити за нашите корисници. 

АЕТМ: За крај, што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои сѐ уште (ако има такви) не го искусиле онлајн пазарувањето?

Ива Трембелиева: Јас лично, последно нешто што го купив онлајн беа козметички производи од една од продавниците на Grouper Shopping Mall. Во овој случај, беше одлично, купив брзо, оставив адреса, ми стигна дома во рамките на предвиденото време, доставувачот носеше маска и ракавици и само ми го подаде пакетчето. Идеално за ова време, а и за секое друго време за луѓе кои ценат брзина, професионалност и си го ценат пред сé сопственото време. Сметам дека веќе сите аргументи се на страната на онлајн купувањето, а за оние кои сѐ уште не ја направиле својата прва нарачка ги охрабрувам без многу размислување да го искусат и тоа, зошто да не се проба нешто што е побрзо и поефикасно и во овој момент пред сé, побезбедно?